Костадиновска-Стојчевска ја повика Јаневска да го повлече предлог-законот за високо образование

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница упати прашање до министерката за образование, Весна Јаневска, кое се однесуваше на предлог законот за високо образование и последиците од неговите решенија врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар. Таа се осврна на реакциите од академската заедница кои предупредуваат дека законот премногу ја централизира контролата, се фокусира на процедура и административни прашања, а не ги решава суштинските проблеми како финансии, одлив на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.

Во продолжение е интегралното обраќање на Костадиновска-Стојчевска:

Министерке,

Квалитетот во високото образование мора да биде највисок приоритет не само на надлежниот министер и на владата туку и на сите вклучени во тој степен на образование. И затоа секое законско решение кое го регулира високото образование мора редовно да се осовременува, но тој процес мора да ги вклучува сите чинители и да се сослушаат сите страни.

Откако беше објавен на ЕНЕР предлог законот за високо образование, не стивнуваат реакциите. Дозволете да прочитам неколку од нив:

-Закон за високо образование: Борба меѓу универзитетската автономија и политички агенди

-Создавањето на нов наставно-научен кадар ќе стане екстремно тешко и -практично невозможно.

Усвојувањето на овој Закон би донело далекусежни последици односно „ старомодни, неатрактивни и тесно специјални наставни програми кои не соодветствуваат со реалноста и потребите на пазарот на труд во земјата и светот“.

-Европските искуства се прилично јасни: силни универзитети се градат врз реална институционална самоуправа, стабилно финансирање и доверба во академската заедница, а не врз централизирана контрола и административни механизми. Автономијата не е формула во закон, туку начин на функционирање на системот

-повторно менување на телата и процедурите, без да се решат суштинските проблеми, ризикуваме да добиеме уште една нормативна реформа без реален ефект врз квалитетот

-Наместо стабилен академски развој, системот повторно се враќа во состојба на нормативна транзиција. Системот е за студентот, а не студентот за системот. Ако студентот не почувствува разлика, реформата не успеала“

-Фамозниот h-index не е дефинирано ни за кој h-index се работи, иако го има и на WoS, Scopus, google scholar, а притоа не зависи од самиот професор, туку од бројот на цитирања во рамки на една база, на слободен избор на оние кои пишуваат.

-законот премногу се фокусира на процедура, а недоволно на суштинските проблеми: недоволното финансирање на научни истражувања, политизацијата на универзитетите, одливот на млади кадри и слабата поврзаност меѓу образованието и пазарот на труд. Без реална поддршка за научно-истражувачка работа и подобрување на статусот на професорите и соработниците, секоја законска промена може да остане „реформа на хартија“.

-Во предложениот закон зборот „влада“ се споменува триесет пати, зборот „министерство“ четириесет и два пати, а „министер“ четириесет и четири пати.

Се разбира, во сите примери станува збор за моќ што им се дава на овие „именки“ да одлучуваат за прашања за кои во нормалниот свет одлучува академската заедница. Владата и министерот назначуваат членови на Национален совет, на Агенција за квалитет, на одбори и комисии, одлучуваат за буџети, одобруваат вработувања, статути на факултети, датуми на конкурси и уписи, се мешаат каде што треба и не треба, прават севозможни големи и мали нешта… Автономија на универзитетот, што беше тоа?

Министерке, дали сметате дека овој предлог навистина ги опфаќа сите профили кои студираат на нашите високо образовни институции?

Дали суштински се решаваат проблемите со тоа што се скратуваат можностите на младите да останат да работата на некоја високообразовна институција?

Дали сметате дека предлог законот НЕ дискриминира? Дали сте подготвени да ги сослушате СИТЕ страни? Дали сметате дека закон за високо образование треба да се донесе со сила, со инает, а повторно да останат можностите за “диплома на секое ќоше”? дали сметате дека со вака поставени нешта во високото образование, нема да се продлабочи проблемот со неквалитетните дипломи- додипломски, магистерски, докторски- кои одамна се навлезени во општеството и тие се тие против кои всушност се бориме?

На крај, дали ќе го повлечете законот и ќе пристапите кон изработка на нов предлог закон?