Потребен е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
Говорејќи за уставните измени, кои се дел од преговарачката рамка и услов за одржување на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со ЕУ, за ставот на опозицијата дека не прифаќа „уставни измени под бугарски диктат“, но и за политичките превирања во ДУИ и како сето тоа ќе влијае на овој процес, Ковачевски нагласува дека пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, како што рече, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче.
-Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, нагласува Ковачевски.
Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а Ковачевски очекува, како што вели, искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата „низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, каква што ни доликува, а со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори“.
Според Ковачевски опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација.
-Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку, додава тој.
Во однос на можноста за нови блокади од Софија и доколку се донесат уставните измени Ковачевски на став дека понатамошните барања ќе се однесуваат на реформите.
-Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните, нагласува премиерот во интервју за МИА.
Во интервјуто Ковачевски говори и за корупцијата, проблемот на неказнивоста, особено на високата корупција, за најавите за зголемување на платите на вработени во јавниот сектор, согласно Општиот колективен договор, за предупредупредувачкиот протест на вработените во МИА…
Во продолжение следува целото интервју со премиерот Димитар Ковачевски:
Пораки за единство беа упатени од прославата на 2 Август и од државниот врв и од опозицијата, но според кажаното имате различни дефиниции за значењето на зборот единство. Што според вас значи единство во овој момент кога донесувањето на уставните измени е неизвесно?
-Ние како држава од независноста наваму сме поставиле неколку стратешки цели – сме зацртале дека сакаме да сме членка на НАТО и членка на ЕУ. Триесет години подоцна, ние сме земја членка на НАТО, земја со почнати преговори со ЕУ, земја која големите светски сили како САД ја препознаваат за стратешки партнер и пријател, земја фактор на стабилност во регионот, функционално демократско, мултиетничко и мултикултурно општество, со зачуван и зацврстен идентитет, признаен чист македонски јазик, на кој веќе и се преведува европското законодавство. И тоа, не е малку. А, сѐ се тоа тешки одлуки кои некој морал да ги донесе. Кога се има трпение и кога се размислува визионерски и државнички, полека но сигурно се остваруваат целите. Денес мислам дека сето тоа се зема здраво за готово.
Триесет години не се многу во историска смисла, и ние, кога ќе се седне да се налиста, имаме постигнато навистина многу, особено од страна на владите, предводени од СДСМ. Фокусот на стратешките цели и препознавањето на шансата која ја имаме да ја исполниме и втората стратешка цел, полноправно членство во ЕУ е исклучително важна во овој момент. И тука треба да е единството. Да се има доблест да се остави позади себе дневната политика и да се погледне што сите ние заедно можеме да направиме денес за да имаме подобро утре.
Затоа што е важно каква држава сакаме и правиме денес и каква држава ќе оставиме утре. Ние имаме обврска да им оставиме на идните генерации европска Македонија, не треба да се калкулира со следните чекори, треба да се донесе одлука и да се продолжи државата на европскиот пат. Само на тој пат ние ќе си го зачуваме она што го имаме во однос на историскиот, културниот и јазичниот идентитет, само на тој начин ќе си ги зајакнеме позиците кон меѓународната заедница и партнерите и воедно ќе ја подобриме сегашната состојба. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат големи достигнувања, заслужуваат европски стандард и подобар живот, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, нашата алтернатива е ЕУ. Ова е суштината. Нашата сила е во обединувањето и секој што и мисли добро на оваа земја треба да биде подготвен за заеднички државнички одлуки.
Да се навратам на првиот дел од вашето прашање. Нема потреба да толкуваме дефиниции за единство. Доколку некој е искрен пред граѓаните ќе направи се за да се обезбеди европската иднина на земјата, на идните генерации. И обратно, доколку не е искрен ќе бара изговори, ќе се вади на дефиниции, ќе калкулира. Ние не калкулираме, државниот интерес е наша водилка и подготвени сме, ќе направиме се европска Македонија, горда и достоинствена членка на ЕУ до 2030 година да биде реалност на целиот наш народ, за сите наши граѓани.
Иако Бугарија е ја очекуваат предвремени парламентарни избори на 11 јули, властите во земјава сепак се надеваат дека може да се најде решение за разликите и со привремената Влада во Софија со
Течат роковите за уставните измени верувате ли дека е можно да се донесат до завршувањето на скринингот?
-Роковите си ги поставуваме ние, тоа е многу важно да се знае. Да, скринингот ќе заврши при крајот на годината и што е најважно успешно. Но, дали одлуката за уставни измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат ќе се случи, зависи само од нас. Одговорноста е пред сите општествени чинители, пред сите сериозни парламентарни партии, пред сите пратеници. Од сите нас зависи одлуката, тоа е гласот за Европа. Ние сме тие што ќе одлучиме дали сакаме веднаш да продолжиме понатаму на европскиот пат и да се интегрираме или пак да се изолираме комплетно и повторно да ги живееме 10 или 15 години сами и беспомошни. Ова е многу специфичен случај кога за прв пат, ветото може да дојде одвнатре. А тоа не смееме да си го дозволиме.
Јас лично верувам дека Северна Македонија, пратениците нема да ја испуштат оваа историска шанса. По 17 години чекање, во јули, минатата година, конечно ги отворивме преговорите преку изнаоѓање на квалитетно решение, достоинствено пред сѐ и со заштитени национални и идентитетски определби. Решение кои ги запази сите наши државни и национални позиции. Земјата повторно ја вративме на европскиот пат. Македонскиот јазик и идентитет се зачувани и заштитени со преговарачката рамка. Со интеграција во ЕУ го интегрираме и македонскиот јазик и идентитет во европскиот мозаик, рамо до рамо со големите државотворни народи на Европа. Тоа е нашата цел и тоа беа суштински државни позиции за кои ние добивме силна поддршка и успеавме да се изборивме.
Едно нешто на сите нас во државата треба да ни биде јасно-нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка. И ова е единствената вистина, која не ја кажувам јас, не ја вели СДСМ, Владата, тоа е ставот на Европската Унија. Оттука, јасно е дека ако ја пропуштиме оваа историска шанса, оваа силна поддршка на Унијата, на САД, на нашите стратешки партнери, само ќе загубиме нови 10 или 15 години. Нашата татковина нема 15 години за губење, младите немаат децении за губење, граѓаните немаат време за губење. Да ја искористиме оваа шанса, да ја донесеме одлуката со којашто сите потоа ќе се гордееме.
Собранието на Република Северна Македонија ја започна седницата за избор на новата техничка влада која треба да ги организира предвремените парламентарни избори.
Како ќе ја убедите опозицијата, која ви е потребна за двотретинско мнозинство, кога таа отворено вели „не за уставни измени под бугарски диктат“. Тие велат за ништо не биле контактирани. Дали се е прекинато и фокусот се само предвремени избори?
-Зарем треба за доброто на граѓаните да се убедуваме? Не гледам зошто би имало потреба за убедување, секоја политичка партија треба да покаже одговорност пред граѓаните и државата. Пратениците во Собранието се избраници на граѓаните, а граѓаните сакаат во ЕУ. И тоа не го кажувам јас, тоа го има како податок во секое едно истражување.
Опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација. Не треба да се замајуваат граѓаните со флоскули или со невистини. Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку.
За нас државни теми се членството во ЕУ и економскиот напредок, а темата за предвремени избори е одамна затворена. Сепак, водејќи се од државниот интерес, на лидерската средба ја понудив оваа опција како можност за опозицијата да ги поддржи уставните измени. Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори, и тоа е јасно.
Пратениците сега имаат многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
Бујар Османи и Никола Димитров, кои денеска ги примопредоадоа функциите на вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи, не очекуваат пречки од соседна Бугарија во процесот
Преговарачката рамка е таа, поддржана од 27 земји-членки, во неа се содржани уставните измени, како услов за втората меѓувладина конференција, нема преговарање околу неа ќе кажете и вие и европските претставници, но нема ниту гаранции дека Бугарија понатаму нема да не блокира. Што доколку уставните се само почеток во влегување на еден бескраен вртолог од нови барања?
-Нема простор за загриженост, иако ги разбирам стравувањата, особено после одредени чекори и провокации кои беа на штета на односите меѓу двете земји. Но, со европски политики и одговорност од двете страни, може да се стигне и до европски односи. Тезата која ја наметнува опозицијата е манипулативна и има двојна цел. Од една страна да ги доведува во заблуда граѓаните, да си поигрува со нивните емоции. Од друга страна да создава алиби за својата неодговорност затоа што немаат аргументи како да ги бранат своите обиди за блокади. Особено сега, кога целата содржина на предложените уставни измени е објавена и достапна, никој нема ниту една забелешка, ниту има нешто против. Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има.
Јасни беа и пораките од меѓународна заедница дека нема да има нови барања. Како пример, канцеларот Олаф Шолц за време на нашата заедничка средба, но и потоа јавно посочи дека за Германија нема никакви дилеми дека нови барања надвор од утврдената Преговарачка рамка не може да има. Да потсетам тоа беше децидно кажано и во Декларацијата на германскиот Бундестаг. Дека нема пречки за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања нема да го одредат пристапниот процес на земјава кон членство во Унијата е и ставот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.
Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка.
Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните.
Дали е стабилна владината коалиција, ДУИ се соочува со отцепување на членови, Изет Меџити на 13 август го најави официјализирањето на Демократското движење, функционери на ДУИ се ставени на црната листа на САД. Колку потресите кај интегративците влијаат врз процесот за уставните измени, и воопшто во албанскиот политички кампус?
-Коалицијата е стабилна и не очекуваме промени во правецот на делувањето на проевропските партии во однос на уставните измени. Верувам дека сите парламентарни партии, сите пратеници поединечно се свесни за важноста на историскиот момент и исправноста во носењето на правилната одлука којашто ќе го трасира нашиот европски пат.
Собранието е местото каде во минатото сме ги носеле клучните одлуки кои ја одредувале судбината и иднината на државата. Така ќе биде и сега. Пратениците треба добро да размислат и да донесат историска одлука – дали ќе го дадат својот глас за Европа или ќе даде глас за изолација, дали ќе одлучи за подобра иднина и просперитет или за заробување во минатото.
Очекувам искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, каква што ни доликува, а со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори.
Корупцијата е сериозен проблем со кој се соочува општеството, отворени предупредувања од меѓународната заедница од САД од ЕУ, црни листи, имотот на Орце Камчев се блокира надвор, но не и тука. На пример градоначалникот на Струга се уште и на листата и на функцијата, сите ја префрлаат топката едни на други Кој ја штити корупцијата кај нас?
-Никој не треба да биде над законот и секој треба да сноси одговорност за постапките. Институциите имаат одговорност да ги проверат наводите за евентуални коруптивни активности кај кој било поединец и да утврдат дали се тие вистинити.
Одговорноста има име и презиме и затоа ги охрабруваме правосудните органи самостојно да одлучат и да преземат чекори за напредок на планот на практикување на правдата и практикување на непристраноста и професионалноста со што ќе се зајакне и интегритетот на правосудните органи.
Неказнивоста, особено на високата корупција е континуитет од независноста до денес, СЈО не успеа, нема впечаток дека успеваат сегашните обвинителства и воопшто правосудниот систем, ЕУ помагачитебеа тука- каде е излезот?
-Политиките и реформите кои ги спроведуваме се насочени кон создавање на независно и транспарентно судство. Правосудството, обвинителството, истражните институции треба да се ослободени од политички, партиски или бизнис интереси кои му наштетуваат не само на имиџот на целиот правосуден систем, туку и на нашата држава во целина.
Борбата со корупцијата е наш државен и врвен приоритет. Охрабрува фактот што повеќе надлежни институции преземаат мерки во насока на спречување и санкционирање на коруптивни дела. На пример, Министерството за внатрешни работи ги интезивираше активностите на ова поле. Во 2022 откриени се 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители (158 физички и 6 правни лица), со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари.
Сепак, владеењето на правото и борбата против корупцијата се области на кои постојано треба да се работи со цел да се унапредат и подобрат. Она што ни е потребно во делот на зајакнување на борбата против корупцијата и владеењето на правото е сите да придонесеме кон унапредување на состојбите, а тоа може да се постигне преку пристапниот процесот којшто ги детектира слабостите, но и нуди решенија преку критериумите кои треба да ги исполниме за да влеземе во ЕУ.
Искуствата на други земји покажуваат дека пристапниот процес ќе придонесе за подобро справување со корупцијата, а тоа и го очекуваат граѓаните-функционална држава која се темели на праведноста и демократијата, на владеењето на правото.
Од септември десет отсто поголеми плати за 130 илјади вработени во јавниот сектор, согласно Општиот колективен договор. Повисоките плати и регресот тежат 49 милиони евра, кои беше најавено ќе се обезбедат со ребаланс на буџетот, дали следниот месец да го очекуваме ребалансот?
-Со носењето на Општиот колективен договор, по цели 15 години се обезбеди системско решение кое што го осигурува континуираниот раст на платите. Заеднички со синдикатите дојдовме до прифатливо решение кое нема да зависи од волјата и желбата на ниедна политичка партија и сега или кога било. Извојувавме заедничка победа со работниците и ги решивме децениските проблеми.
Со Општиот колективен договор вработените во институциите од јавниот сектор, од септември, оваа година, ќе добијат 10 отсто раст на постојните плати, како и исплата на регрес за годишен одмор за 2023 година од 10.000 денари, којшто ќе биде исплатен до крај на годината. Утврдивме и нова Методологија на плата која ќе се спроведува од март 2025 година. Исто така, во новиот општ Колективен договор предвидовме исплата на минимум К-15 во износ од 30 отсто од просечната нето плата.
Точно, овие средства се предвидени да се покријат со ребалансот на буџетот, за којшто се прават анализи во Министерството за финансии. Откако ќе бидат завршени анализите, ребалансот ќе биде финализиран претставен пред јавноста.
Во делот на исплатата на регресот за годишен одмор, денес сите вработени во јавниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор кој ќе биде 10.000 денари за 2023 година. Идната година ќе изнесува 30 отсто од просечната нето-плата.
Наша цел како Влада е платите постојано да растат. Растот на платите со Општиот колективен договор е продолжение на континуираниот раст којшто го обезбедивме изминативе години во повеќе сектори. Покрај растот на платите во март и септември годинава, цела администрација имаше зголемување на платите и во 2019 година. Во секторот образование платите имаат постојан раст од 2018 година досега, во последните три години има зголемување на платите и во високото образование. Вработените во секторот култура имаа зголемување од 20 отсто во 2019 година и 18 отсто минатата година. Во 2019 и 2022 година раст од 10 отсто и 15 отсто имаше и во детската и социјална заштита. Додека, лани 15 отсто раст имаа вработените во судството. Во три наврати зголемување на платите од 10, 25 и 5 отсто имаше кај вработените во здравство, а зголемување на платите имаше и Армијата, МВР и други ресори. СДСМ како предводник на овие економски политики на постојано зголемување на платите и унапредување на работничките права, покажа дека го цени, го почитува и вреднува трудот на работниците. Така и ќе продолжиме. Јас сум на страната на работниците, сум бил и работник, понатаму и менаџер, многу добро знам што е значајно за работниците и за нивните семејства.
Вработените во МИА се во предупредувачки протест поради неодобрувањето од страна на Владата за покачување на нивните плати, кои се потпросечни. Ова прашања требаше да биде поставено на последната владина седница, но е тргнато од дневен ред. Која е причината и кога ќе се реализира ова барање?
-Владата, исклучително ја цени улогата и значењето на државната Медиумска Информативна Агенција. Лично сметам дека ова прашање е од голема важност и затоа очекувам дека усогласувањето на платите на вработените во МИА да се реши навистина брзо, на некоја од наредните седници. Слободни медиуми се основа и столб на демократијата. Оваа Влада за разлика од некои други во минатото постави високи стандарди во однос на транспарентноста и отчетноста, но и на слободата на медиумите и можностите и условите за работа. Затоа и Владата е оценета како 100 процентно транспарентна.
Ние во медиумите гледаме партнери со кои продолжуваме да работиме во унапредувањето на медиумските слободи и права. Најдобар доказ за демократските и европски определби на Владата е фактот што денес Република Северна Македонија е рангирана на 38 место од 180 земји во светот и бележи нов напредок во слободата на медиумите и во најновиот Извештај на меѓународната организација „Репортери без граници“. Додека, за споредба, во 2016 година, државава беше на 118 место, од 180 држави.
Покачувањата ги јаде инфлацијата, неодамна порачавте дека инфлаторните движења се стабилизираат, инфлацијата минатиот месец била под десет отсто, но сепак, сето тоа како да не го чувствуваат граѓаните?
-Да, инфлацијата опаѓа и тој тренд ќе продолжи што значи економските мерки го даваат посакуваниот резултат. Оваа година, како и претходната ја живеевме најголемата економско-енергетска криза која светот ја познава во поновата историја. Криза од невидени размери, предизвикана од воениот конфликт во Украина, како и силните геопoлитички превирања кои се уште се актуелни и се глобално во фокус. Ние како земја се изборивме, да го ублажиме ценовниот шок и при тоа не дозволивме ценовен удар врз граѓаните, пред се предизвикан од високата цена на електричната енергија како и на храната.
Северна Македонија успешно се справи со енергетската криза, а тоа го покажаа и резултатите на Светска Банка. Токму поради навремените чекори на Владата, земјава претрпе најмала штета во регионот. Паралелно, она што е факт е дека во услови на најголемата криза, оваа Влада предводена од СДСМ донесе системски решенија за подобрување на стандардот на граѓаните кои години наназад се провлекувале и не се ставале на маса за да бидат решени во заеднички дијалог со сите засегнати страни.
Кога сме кај животниот стандард на граѓаните, промената најдобро се согледува преку споредбата на растот на исплатената просечна плата и растот на инфлацијата, што зборува за нивната реална куповна моќ. Ќе направам споредба на економските параметри сега и во времето на претходната Влада до 2017 година.
Ако просечната плата во мај 2017 година, непосредно пред доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата, изнесуваше 22.889 денари, по шест години, односно годинава во месец мај имаме највисок износ на исплатена просечна плата од 36.465 денари, што е раст од 59.3 отсто.
Во 2011 година, во мај месец, граѓаните на нашата држава просечно имале нето плата од 20.954 денари, односно за период од шест години од владеењето ВМРО-ДПМНЕ успеале да ја зголемат нето платата за 1.935 денари, додека пак Владата на СДСМ за ист временски период од шест години за 13.576 денари.
Разликата е очигледна, во периодот 2011-2017 нето платата за време на претходната Влада се зголемила за 9.2 отсто, додека пак за време на владеењето на СДСМ, 2017-2023, истата се зголемила за 59.3 отсто. Тоа е разлика од 50.1 процентни поени. Ако овие бројки ги споредиме од аспект и на растот на инфлацијата во овие два временски периоди, односно ако ја увидиме како се движела реалната куповна моќ на граѓаните, ќе видиме дека животниот стандард од 2017 до денес се има драматично подобрено. Кумулативно, инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7 отсто, а растот на нето платата 9,2 отсто, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5 проценти. Во периодот пак од мај 2017 година до мај 2023 во период на пандемија како и голема економска и енергетска криза во која инфлаторниот бран не поштеди ниту една национална економија, кумулативно инфлацијата се зголемила за 29,1 отсто, Во истиот период, растот на просечната палта изнесуваше 59,3 отсто.
Тоа значи дека и покрај високиот ценовен притисок врз животниот стандард на граѓаните, како резултат на економски политики успеавме куповната моќ на граѓаните да ја зголемиме за 30,2 процентни поени. Разликата помеѓу ефектите на економските политики на оваа и претходната Влада, изразена во бројки е 26,4 процентни поени во корист на оваа Влада За шест години на владеењето на претходната конзервативна Влада реалната куповна моќ на граѓаните или ако сакате животниот стандард пораснал за 3,5 отсто, додека за шест години на оваа Влада за 30,2 отсто.
Да напоменам дека инфлацијата и во иднина ќе се намалува и до крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи и да се одржи едноцифреното ниво на инфлацијата, а во наредната година да биде околу 2 проценти. Паралелно на ова, ќе растат и платите како минималната, така просечната, пензиите и платите во јавниот сектор.
Она што е важно е да се креираат нови работни места во приватниот сектор, кој треба да е мотор на економскиот раст во државата. Токму затоа ние создаваме услови компаниите да се развиваат и да исплаќаат повисоки плати, од просечната. Во таа насока, сакам да напоменам дека новите инвестиции и новите вработувања се нов стимул на економијата. Во Технолошко индустриските развојни зони, постигнати се договори за инвестиции од над 280 милиони евра, меѓу кои и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата од 205 милиони евра со азискиот електро-гигантот „Јагео“, се клучните достигнувања и ефектите од работењето на ТИРЗ, во првите шест месеци од годинава. Овие инвестиции во следните десет години треба да донесат над 4600 работни места како и над 90 милиони евра во буџетот само по основ на придонеси. Исто така, согласно најновите информации во завршна фаза на преговори се четири нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.
Исто така, според официјалните податоци на Народната Банка, 2022 година, сме ја завршиле со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра. Сите овие позитивни тренодови и тоа како ни влеваат надеж дека со членството во ЕУ, деловната клима, економијата, а со тоа и стандардот на граѓаните ќе се движи во нагорна линија.
Кога сме кај инвестициите неодамна беше одобрена и третата група на договори за финансиска поддршка на компании по Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Колку се заинтересирани компаниите, во што најмногу инвестираат и како оваа поддршка влијае врз отворањето на нови работни места, но и врз економијата воопшто?
-Без нови инвестиции, нема раст на економијата. За нас се еднакво важни, како домашните така и странските инвестиции. По рекордните бројки на највисоката финансиска поддршка за најголем број компании во изминативе пет години која ја обезбедивме минатата година и годинава продолжуваме со маркирање на рекорден интерес за сетот мерки кои ги обезбедуваме преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Годинава се пристигнати рекорден број апликации, вкупно 427 апликации на исто толку компании за поддршка преку овој Закон, а склучени се 294 нови договори со планирани инвестиции од 365,9 милиони евра, што е тројно повеќе од оние планирани во 2022 година.
Предвидено е повеќе од тројно зголемување на новите работни места, кои е планирано да се отворат со инвестициите во рамките на новите договори. Па така, за цело времетраење на проектите предвидени се нови 4439 работни места.
Наш врвен приоритет е создавање на поволен деловен амбиент за компаниите, поттикнувајќи ја долгорочната економска стабилност. Инвестициите се од витално значење за стопанството, бидејќи го поттикнуваат економскиот раст, создаваат нови можности за работа, ги стимулираат иновациите, продуктивноста и конкурентноста, а сето тоа значи раст на производството и повисок животен стандард за граѓаните.
Најголем број од компаниите се од областа на дрвната индустрија, мебел, печатници и производи од хартија, потоа метало-машинската индустрија, производи од лим, алуминиум, стакло, како и прехрамбено-преработувачката индустрија, но има и од текстилна, кожарско-преработувачка индустрија, потоа информатичко-комуникациската индустрија, фармацевтската и хемиската индустрија. Рекордниот број апликации се резултат на зголемената доверба на компаниите кои препознаваат партнер во Владата.
И годинава ќе продолжиме да имплементираме политики кои ќе носат повеќе пари за граѓаните, инвестиции во нови инфраструктурни проекти, поддршка на домашни и странски компании, што се заедно ќе придонесе и кон зголемување на средствата во буџетот и враќање на парите на граѓаните со што влијаеме за создавање на посилна економија и просперитетна држава.
Ги споменавте и инфраструктурните проекти, каква е динамиката на инвестициите во инфраструктурата, очекувате ли тековните проекти да бидат завршени во предвидениот рок?
-Оваа Влада како ниедна до сега е силно посветена на остварување на деценискиот сон на претходниците, а тоа е создавање на модерна држава со развиена патна инфраструктура, која Северна Македонија ќе ја зацврсти на светската економска и инвеститорска мапа. Затоа наш приоритет се реализација на крупни инвестициски проекти кои придонесуваат за поголем и побрз развој на економиски раст на државата. Вложуваме во инфраструктурата бидејќи влогот во инфраструктурата значи развој на економијата. Постојано сме на терен и инсистираме на ефикасност во изведбата со цел да обезбедиме по квалитетен живот за нашите граѓани и со тоа што побрзо да го трасираме нашиот пат кон ЕУ. Цврсто верувам дека ќе станеме главна крстосница на Балканот и на јужна Европа.
Посветени сме на подобрување на патната мрежа и изградба на современа патна инфраструктура. Градиме и реконструираме делници во региони кои биле заборавени и запуштени со децении, со што создаваме услови за нови работни места, нови инвестиции и нови можности за соработка. Минатата година, во услови на најголема криза имавме рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60 отсто повеќе од 2014 година. Само во последните три години, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра. Изградени и рехабилитирани се над 40 експресни, магистрални и регионални патишта. Само за илустрација, од 2017 година досега изградени се и обновени преку 1.000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава.
Започна изградбата на железничката пруга на источниот ден на Коридорот 8, инвестиција вредна над 600 милиони евра, со којашто инвестиција уште еднаш ги потврдивме нашите добрососедски искрени политики кои се меѓу врвните приоритети на нашиот пат кон ЕУ.
Со реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во историјата на нашата држава, изградба на коридорите 8 и 10-д, Северна Македонија ја позиционираме на светската економска и патна мапа. Овој проект, вреден 1,3 милијарди евра, ќе претставува нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да стане неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.Изградбата на овој проект ќе донесе 8 000 нови работни места и номинален раст на БДП за 2 проценти годишно, во наредните пет години, но и ќе отвори реални можности за развој на нови бизнис и нови раборни места за граѓаните. Најважниот услов за секој инвеститор е постоење на модерна и безбедна патна инфраструктура.
Дополнително, изградбата на делниците од овие два коридори значи поврзување на државата со другите земји од Европа, што ќе донесе странски инвестиции, ќе овозможи економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам, но, пред сè, безбедни и сигурни патишта за граѓаните. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само со север и југ.
Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој.
Инвестициите во патната инфраструктура ќе им овозможат на нашите граѓани да патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно да ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата. И затоа овие инвестиции се високо на листата на приоритети.