fbpx

Заев: Неопходно е да се исполнат два предуслова за Виена

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Скопје, 20.04.2016

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Македонија е на нозе.

Граѓаните од цела Македонија, без разлика на политичка, национална или верска припадност, заедно го кренаа својот глас во име на демократијата и слободата.

Излегоа, и продолжуваат. И секој ден се се’ побројни.

Секој ден се порешени: дека ќе се борат за својата татковина, ќе се борат против криминалот и злоупотребите, ќе се борат за правда, за слобода, за еднаквост. Ќе се борат за себе, за своите деца и родители, ќе се борат за своите внуци и нашата зедничка иднина.

СДСМ, коалицијата и потписниците на Платформата за демократска Македонија ги делиме истите вредности и определби со граѓаните коишто протестираат и јасно и гласно го изразуват незадоволството од режимот на Груевски.

Воедно пoрачувам,

Ја почитуваме иницијативата на европратениците и комесарот Хан за средба на лидерите на партиите потписнички на Договорот од Пржино во Виена.

За СДСМ да учествува на средбата во Виена, неопходно е да се исполнат два преудслови:

1. Иванов да ги повлече сите срамни одлуки за помилување што ги донесе по нарачка на Никола Груевски, спротивно на Уставот и законите.

2. Да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за одржување на избори на 5-ти јуни поради неисполнети клучни услови за регуларни, слободни, фер, и кредибилни избори.

Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Велјаноски и ВМРО-ДПМНЕ во координирана акција го погребаа Договорот од Пржино.

Ги срушија сите принципи на коишто почиваше:

• Организирање фер и демократски избори
• Одговорност за сторениот криминал
• Преодна влада

Заради ваквото нивно однесување СДСМ не може да се врати на преговарачка маса како ништо да не се случило.

За преговарачкиот процес да стане возможен ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже дека договореното ќе го почитува.

Во Македонија мора да има и ќе има регуларни, фер и слободни избори со прочистен избирачки список, реформи во медиумите и одвојување на партијата од државата.

За враќање на довербата во правото и правната држава мора да се обезбеди нормално функционирање и целосна поддршка на работа на независната институција Специјално јавно обвинителство.

СДСМ, сите слободоумни граѓани и цела демократска Македонија заедно ја продолжуваат битката за враќање на слободата и демократијата, за враќање на уставниот поредок.

Или Груевски или Македонија.

 

Одговори на прашања

Медиуми: Дали ова официјално значи дека опозицијата и граѓанските организации се за не одење во Виена? Бидејќи е евидентно дека ова што вие го барате нема да се исполни?

Заев: Ако сака Груевски, Ѓорги Иванов и Трајко Вељановски за 2 часа може да го исполнат ова. Одлуката за аболиција да ја повлечат и да го свикаат Собранието за укинување на одлуката за распишување на избори. 2 часа се потребни за оваа работа.

Медиуми: Во спротивно нема да одите на средбата во Виена?

Заев: Да. Доколку овие 2 предуслова не се исполнат, ние нема да одиме на средбата во Виена.

Медиуми : Што ако се исполнат овие 2 услова и отидете во Виена? Со кои екстра предлози ќе оди опозицијата?

Заев: Едно резиме, за да и биде јасно на јавноста. `Се што досега е исполнето од Договорот од Пржино е: опозицијата се врати во Парламентот, опозицијата престана да ги објавува бомбите и опозицијата ги достави материјалите на Специјалното jавно oбвинителство. Се сеќавате на нешто друго исполнето од Договорот од Пржино? Не постои ништо. Уништена е организацијата на Влада за спроведување на изборите. Нема регулирање на медиуми. Нема прочистен Избирачки список. Нема одделување на партијата од државата. Нема амбиент којшто треба да ја ослободи слободната волја на граѓаните. Духот на Договорот, целта на Договорот од Пржино е регуларни, фер и демократски избори. Сите отстапки досега што се направени се само од страна на опозицијата и безобразно пред очите на јавноста до ден денеска, вклучително и денеска, се кршат закони, се погазува Уставот, во институциите коишто се дел од организација на Влада за спроведување на изборите.

Медиуми: Која е позицијата на министрите и дополнителните заменици министри во Владата и до кога ќе останат таму?

Заев: Кога веќе се заробени од страна на власта и немаат можност како да отстапат од самите министерства, тие мора да ги почитуваат Уставот и законите. Ние се бориме за Уставот и закони и нивно почитување. Од тој аспект, `се што е согласно закон и Устав тие тоа го работат. `Се што е спротивно на закон и Устав се обидуваат да го спречат, како што е на пример незаконската одлука на Владата за разрешување огромен број припадници на МВР или вработени во Министерство за труд и социјална политика или нивните подрачни одделенија. Оваа одлука на Владата е незаконска и секое нејзино спроведување повлекува кривична одговорност. До тука можат нешто да направат, повеќе и не можат. Секако, законот ги обврзува на одредени одговорности во функција на граѓаните, употребата на специјалните единици или хеликоптерите, социјалната помош по сите категории во Министерството за труд и социјална политика и безброј работи. `Се што ќе предизвика евентуално загрозување на интересите на граѓаните, тие тоа нема да го дозволат. Овде се принципиелно поставени – тоа што можат да го прават, тоа што им е одземено не можат.

Медиуми : Господине Заев, ако еве овие 2 условa се исполнат и се оди на преговори во Виена, дали уште сметате дека тој формат на функционирање на извршната власт преку оваква преодна Влада со инпут на некои ваши министри во некои ресори е решението или треба да се оди на експертска Влада каде што политичките партии би биле надвор од целиот процес за да се реализираат реформите без партиски влијанија?

Заев: Само ќе ве потсетам, нашите барања додека го споделувавме проектот Вистината за Македонија со граѓаните беа толку широки, eкспертска, технократска, политичка, каква и да е – `се што е во интерес на граѓаните, да обезбеди практична примена на законите во имплементацијата заради организација на регуларни, фер и демократски избори. Се постигна Договор таа да биде преодна Влада со отстапени 2 ресора и тројца дополнителни заменици министри. Ние немаме предрасуди во оваа работа. Ако треба да е експертска, нека биде експертска. Ако треба да е широка коалиција, нека е широка коалиција. `Се што е во интерес на државата. А во моментот највисок интерес на државата е првиот чекор кон враќање на демократските институции и на Македонија во нормала, регуларни, фер и демократски избори. Сите можности се отворени. Ние сме конструктивни и ние сме флексибилни. Конечната цел ја знаеме, тоа е интересот на граѓаните и на државата. Ако овие два предусловa бидат исполнети, можеме да разговараме за сите форми на организација на Влада за спроведување избори. Немаме предрасуди. Ако се покажала одредена слабост ваквото функционирање, спремни сме за нешто што е уште поефикасно во интерес на граѓаните. Не во интерес на опозицијата, туку на граѓаните. Рековме, конечна цел е споделена одговорност на власта и опозицијата во реализацијата на процесот на изборите, пред кампања, кампања и денот на изборите.

Медиуми: Ќе продолжите ли со протестите и како го коментирате тоа што еве за утре е најавен масовен протест за одбрана на Македонија и веќе се најавуваат сценарија за крвопролевање. Стравувате ли од судири?

Заев: Ние продолжуваме да се приклучуваме на протестите. Протестите се организирани од граѓаните преку Протестирам. Ние ги подржуваме, односно сме на иста линија со сите нивни ставови и аргументации за овие протести и овде сме солидарни со нив. И уште еднаш апелирам до граѓаните, да продолжат да ги подржуваат овие протести. Тоа е демократско право и треба да растат протестите и во обем. Во моментов сум горд политичар и граѓанин на оваа земја за тоа што го прават граѓаните. Тоа го кажувам секаде и го споделувам овде јавно. И знам дека ќе растат. Ќе растат и по градови и по обем на луѓе што протестираат. Но, апелирам, апелирам на внимателност, апелирам на не насилство, апелирам на мирен протест. Да се запрашаме , кој има корист од насилство? Само власта во заминување. Никој не и посакува на Македонија никакви видови сценарија. Сите и посакуваме на Македонија пополека да се врати во нормала, да ги врати демократските институции и граѓаните да го добијат спокојот којшто толку долго време го чекаат во земја којашто ќе им ги даде сите можности, поеднакво за сите граѓани.

Медиуми: Господине Заев, дали ја известивте европската тројка и еврокомесарот Хан за вашите барања, односно услови?

Заев: Известени се сите коишто треба да бидат известени. Најважно е известувањето пред граѓаните, а преку оваа прес конференција секако и претставниците на меѓународната заедница.

Медиуми: Господине Заев, кога сме кај сценарија, се споменува едно во медиумите дека Виена би била можен нов Букурешки договор?

Заев: Ние имаме пријатели, многу драгоцени и значајни, како држава, Македонија. И никој да не ја доведува до прашање довербата на тие пријатели коишто видовме како во рамките на Уставот, законите и меѓународните конвенции коишто нашиот Парламент ги има усвоено `и помагаат на државата на принципиелен начин, исклучиво во интересите на Македонија. Вакви глупости што можеме да прочитаме од некого, се само глупости и ништо повеќе. Сето она што го прави меѓународната заедница е добронамерно кон Македонија и фала многу за целата оваа работа. Секако, оној дел којшто зависи од нас граѓаните, ние тој дел треба да го направиме, а тоа е дека и ние заедно, во рамките на Уставот и законот, во рамките на не насилието и мирните процеси, да обезбедиме регуларни, фер и демократски избори, како прв чекор кон враќање на демократските институции и нормализација на државата. Оттука, уште еднаш само апелирам дека ваквите глупости коишто доаѓаат од луѓето во заминување и нивните сателити ќе ги има најверојатно `се повеќе и повеќе, но се само глупости и ништо повеќе.

 

 

Последни вести