fbpx

Со секој глас ЗА на 30-ти септември за Македонија отвораме нови фондови и можности за влог во капитални инфраструктурни проекти!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев на неколку дена пред одржување на референдумот, оствари средба со граѓаните на Демир Капија и се обрати на граѓанска трибина.
Посочувајќи ги бенефитите од членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, премиерот Заев истакна дека за земјата тоа ќе донесе стабилност, економски просперитет, повисоки плати за граѓаните и подобар стандард. Премиерот Заев пред жителите на Демир Капија објасни и каква била состојбата во некои земји пред, и по нивното зачленување во двата големи сојузи.

„Пред да бидат членки на НАТО и на ЕУ, невработеноста во Бугарија била 17,3%, кога станала членка на НАТО, Бугарија и на ЕУ, невработеноста паднала на 5,5%. Странските инвестиции се зголемиле за 3 до 5 пати повеќе од претходно. Во Романија платите пораснале за 400%, во Бугарија платите претходно биле 244 евра, сега се 550 евра. Затоа се бориме и ние да ги достигнеме“, рече премиерот Заев.

Ова како што рече тој, ќе се случува и во Македонија. Премиерот Заев истакна дека со отворање на европските фондови, ќе се почувствува директна финансиска поддршка за младите, за земјоделците, но и за сите важни сектори во општеството; здравство, социјала, комунална инфраструктура, образование.
„Тенденцијата на Европа е рамномерен развој насекаде на територијата на ЕУ. Сите земји кои се под 85% од просекот на развој на ЕУ, тие директно ги ползуваат сите фондови на ЕУ. И социјалниот и за земјоделие и кохезивниот фонд.
Ова нас не ни се отвара како можност после 5, 10 години. Буквално од 1 октомври го почнуваме скринингот, преговорите, а поглавјата ги отвораме во јуни 2019-та година – тоа се неколку месеци од сега. Со отворање на поглавјата, се отвораат фондовите и затоа не смееме да ја пропуштиме оваа историска шанса, додаде премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Пред граѓаните на Демир Капија, премиерот Заев зборуваше и за важноста на договорот со Грција, како и за фактот дека оваа генерација има привилегија, шанса, но и огромна одговорност за неколку дена, на 30 септември да донесе вистинска одлука за иднината на Македонија, но пред се за иднината на своите деца и внуци.
„Сега на 30-ти што и да направиме секако ќе влијае. Ако сме ЗА, ќе влијаеме за да ги отвориме сите можни перспективи. Ако сме против, јас сум убеден дека ќе ни биде жал. А тие што ќе останат дома – знам дека ќе се срамат. Тоа ти е како – какво семе ќе засадиме. Ако засадиме ЗА ќе никне убава лозинка, ќе даде убав род и богат плод. Ако засадиме ПРОТИВ, ќе никне една прачка која што нема да даде никаков род. Ако засадиме БОЈКОТ, ќе останат само трња и троскот“, заклучи премиерот Заев повикувајќи ги граѓаните на Демир Капија во недела со кренати глави и со убава насмевка да гласаат ЗА европска Македонија.

 

 

 

 

Последни вести