fbpx

Претседателот Заев: Европска младина ќе се избори за европска Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Благодарам, другари и другарки мои, благодарам почитувани млади социјалдемократи, Добар ден на сите, посакувам успешно завршување на квалитетна и демократска и транспарентна процедура за избор на новото раководство на најелитната младина во Република Македонија, носителот на промените, но и носителот на Европа овде во нашата Македонија.

Честитам Дарко за инспиративниот говор, почитуван претседателе во заминување на социјалдемократската младина, ти благодарам што ни ја водеше младината, да ја храбри Македонија, да ме храбри и мене, што го водев Социјалдемократскиот сојуз во овие бурни години додека заедно, ти и јас ја извршувавме големата чест, доверена од Социјалдемократите.

Ви честитам, другари за транспарентниот, дугарски и фер избор што го спроведувате за нов претседател на СДММ, европски како што и доликува на европска младина, иако е утврден кандидат сепак постапката треба да заврши до крај, сепак новиот претседател на СДММ треба да знае дека му се доверува голема обврска, да ја предводе социјалдемократската младина во европска Македонија, нема да биде лесно, не му беше полесно, ниту на Богац, тоа го знаеме сите.

Стефан имаше доблест и храброст да ги стави интересите на целата младина, пред интересите на СДММ. Не му беше лесно, во услови на криза. Ја претопи СДММ во РЕКИТЕ МЛАДИ и ЗАЕДНО се изборивте, за демократските промени во Македонија.

Е првиот тест за тебе Дарко се следните 20 дена до референдумот на 30-ти септември. Прави што ќе правиш, активирај ги сите, соработувај со сите, мотивирај ги сите! Да потврдите другари, дека СДММ е солидарна младина, која работи над партиските интерси, кога се во прашање државните интереси!

Тоа значи европска младина.

Европска младина значи солидарни млади луѓе кои работат заедно и остваруваат заедно, за заедничка иднина.

Пред вас почитувани млади, како и пред сите нас, е предизвикот да донесеме уште една правилна одлука, да обезбедиме европска иднина на нашата Македонија.

 Другари,

Претседател на сум на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Но сум премиер на сите граѓани на Република Македонија.

Вие сте демократска младина и ќе разберете. Моја должност е, ама ви признавам, во моето срце е и огромна чест, да зборувам и дејствувам, за добра иднина на сите млади во нашата Македонија.

Немам предрасуда дали се младите луѓе партиски определени или неопреелени, дали се тука или не, дали се од СДСМ, или се од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од ДУИ, ДПА, Алијанса, од турска, влашка, српска, ромска или која било друга етничка припадност.

Родител сум. Татко сум на ќерка и на син. Ќерката е слична возраст како дел од вас. Има исти копнежи, исти идеали како вас. Сака, како и сите вие, да учи, да работи, да живее во држава со перспективи.

Ја кружам пак Македонија, зборував и со други ваши врсници, со Светлана од Кочани, со Ристе од Дојран, со Самир од Гостивар, со Марија од Берово, со Мишо кој е во Америка. Нема разлика во желбата За европска Македонија.

И никој од нас возрасните нема право да каже дека нема став за вашите перспективи.

Но почитувани млади,

Не оставајте на случајот. Идеалите бараат цврстина на волјата и акција.

Ве поддржувам и ве охрабрувам. Идеалите се ваши. И нивното остварување е во вашите раце.

Оттука ја испраќам пораката до сите млади луѓе од која било етничка заедница, од која било партија, од кое било место на живеење во Македонија, село, град, низ светот:

за европска македонија може да се избори и ќе се избори само европска младина.

А Македонија има европска младина. Тоа е секој млад човек во нашата држава. Секој.

Го прозвав Дарко за одговорноста во следните 20 дена, а и по нив.

Но, одговорноста е на сите.

Вие почитувани млади луѓе одлучувате за вашата иднина.

Кога одите по облека, дали прашувате дома, или во партија можеби, што да одберете? Кога помагате на баба ви, на дедо ви, на соседот, дали барате дозвола од некого? Не.  Тогаш не дозволувајте никој да ви каже што е добро за вашата иднина во Македонија.

Нашата Македонија е на јасен пат. Време е за уште една правилна одлука. Знаете што носи членството во ЕУ и НАТО. Знаете дека носи безбедност и стабилност на државата, но и современо образование, модерни студентски домови, униевризтети, школи, носи нови инвеститори кои сакаат предвидлива клима за инвестирање, нови работи места, повисоки плати, шанси за свои бизниси, шанси за успех, шанси за живот, во родната земја.

Ајде израдувајте ги родителите со вашата зрелост, одржете лекција на скептичните, покажете што значи патриотизам и како се сака Македонија, со срце.

Има на што да сте горди додека го правите новиот чекор напред.

Се интегрираме во светот: со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, ја ставаме македонија на светската мапа како држава со рамноправни граѓани од сите заедници, во семеството на рамноправни држави во светски рамки.  

Европска младино, ајде масовно, ајде одлучно, ајде одговорно, совесно, како што му доликува на совесен, млад човек, определен кон европските вредности:

Покажете ја вашата сила, поведете ја Македонија во ЕУ и кон НАТО.

Ви благодарам на можноста што ми ја укажавте да се обратам пред Социјалдемокртската младина претставена преку своите делегати на оваа Конференција за избор на претседател на СДММ, секако ова е важен момент за сите, затоа што пред нас е исправена големата цел, јас бев силен, бев храбар, бев одважен и имав јасно трасиран пат целиот овој период додека ни беше доверена функцијата да бидам претседател на СДСМ и ја водев најголемата опозициона партија. Имав дефинитивно најголема поддршка од младината и кога ја добив честа и одговорноста да ја водам Владата на Република Македонија, еве денеска нашата влада и нашата земја Република Македонија блеска во целиот свет, сериозно кормило, водилка е на државата по исправниот пат, но секогаш во целот овој период, секогаш во целиот овој период, знаев кога ќе се свртам наназад кој стои позади мене, позади мене во првите редови секоагш беше на чело со Богац, СДММ. И не само што беше прва позади мене која што ме храбреше, водеше и мотивираше, имаше доблест да сподели солидарност и одговорност со цела младина во Република Македонија. Се сеќавате кога го отстапивме местот на граѓанските организации, на независни интелектуалци, на млади луѓе, се сеќавате во доблеста да се повлечеме неколку чекори, зошто? За да се обединиме, заради вредности, заради конечните цели, и највредната  цел, којашто е исправена пред нас, а тоа е нашата Република Македонија.

Затоа, почитувани млади луѓе, на чело со новиот претседател којшто денеска ќе биде избран на највисоките органи и тела на СДММ, ви оставам аманет, продолжете да блескате со целиот свој сјај, којшто сте го создале во минатото, и бидете повторно авангарда на европска Македонија!

Да живее СДММ, да живее СДСМ, да живее европска Македонија!

 

 

Последни вести