Соопштение за јавност
Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, учествуваше на граѓанска трибина во Гостивар, каде што на граѓаните им го честита Денот на независноста и со присутните разговараше за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за референдумот на 30 септември и неговата историска важност.
„Денес го живееме сонот кој што го имаа нашите предци и оние кои ја создаваа Македонија во 1944 година и оние кои ја создадоа независна Република Македонија. На прагот сме да го реализираме сонот од референдумот од 8 септември 1991 година, да бидеме дел од Европа, рамноправен член на ЕУ и НАТО“ порача Спасовски.
Осврнувајќи се на придобивките од ЕУ и НАТО, Спасовски потенцираше дека интеграцијата во двата најзначајни светски сојузи е остварување на децениските заложби и реализирање на врвните стратешки интереси.
„Со Договорот и со интеграцијата во ЕУ и НАТО обезбедуваме гарантиран македонски идентитет и јазик, зачуван територијален интегритет, зголемена безбедност, отворање на нови европски фондови за развој на сите сфери на општеството, раст на економијата, повисоки плати и повисок животен стандард за граѓаните“ посочи Спасовски.
Министерот за внатрешни работи се осврна и на големата меѓународна поддршка што Македонија ја добива од демократскиот свет, изразена преку порарките на светските лидери и ги повика граѓаните на 30 септември да ја искористат шансата и да обезбедат иднина за себе и за своите најблиски.
„Референдумското прашање е прашање над сите прашања и носи најголема лична и патриотска одговорност. На овој референдум на 30 септември гласаме за Македонија и затоа, да се сплотиме и да ја поведеме државата во европска иднина и да покажеме дека навистина веруваме во силни европски вредности, да гласаме ЗА европска Македонија“ – порача Спасовски.