Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја критикуваше ВМРО-ДПМНЕ за нивното однесување на власт, обвинувајќи ги дека ја злоупотребуваат својата позиција и манипулираат со јавноста.
„Сè што ние сега гледаме изминатиот период е претворање на партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ во МВР или во Основно јавно обвинителство. Тие се однесуваат опозиционо додека се на власт. Ако било што имаат против одредени поранешни функционери, треба да стигне во институциите коишто сега се под нивна контрола,“ изјави Филипче, критикувајќи ги постапките на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче истакна дека и покрај сите обиди за заплашување, ниту тој, ниту некој од СДСМ се плаши од нивните постапки. „Ниту јас лично, ниту пак некој од СДСМ се плаши од оваа стратегија на ВМРО-ДПМНЕ“ додаде тој.
Сметам дека се апсолутно само замајување на јавноста, само застрашување и тоа е една политика по којашто беа познати во времето на Никола Груевски,“ заклучи Филипче, подвлекувајќи дека оваа политика на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо ново и се темели на застарени методи на заплашување и манипулација.
Тој исто така додаде: „Сè она што до сега го констатиравме е дека го прави ВМРО-ДПМНЕ е дестабилизација, провокација, влошување на безбедносната состојба на границата со Косово, огромен број на убиства коишто не се расчистени. Имаат 10, ми се чини, во изминатиот период откога е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Немање никаква идеја да се зголемат платите, единствено нешто со кое тие се фалат се некои инвестиции коишто ги спремила нашата Влада во изминатиот период.“ – заклучи Филипче.