Соопштение за јавност
Николова: Со ребалансот власта кратат пари од најсиромашните, за таа да се луксузира со скапи возила и мебел
Ребалансот на Буџетот што го предложи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е јасен доказ за економската неспособност, недалекувидост и отсуство на визија. Наместо економска стратегија, овој ребаланс е политичко признавање на економскиот пораз на владата, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Таа потенцираше дека со овој ребаланс гледаме продолжување на политиките на неодговорно трошење, зголемување на јавниот долг и кратење токму таму каде што граѓаните најмногу имаат потреба – кај субвенциите, социјалната поддршка и капиталните инвестиции.
– Во буџетот се зголемуваат ставките за луксуз, мебел, возила и непродуктивни расходи, додека се кратат средства за најранливите категории. Тоа е срамно и опасно за стабилноста на државата, рече Николова.
Таа потсети дека јавниот долг веќе го надмина прагот од 62% од БДП, а државата нема јасен план како ќе се справи со зголемениот дефицит.
– Имаме ребаланс кој се базира врз неостварени приходи, сомнителни заеми и фискално неодговорно однесување. Единствена цел – да се покријат краткорочни политички интереси на власта, на сметка на долгорочниот економски развој, потенцираше Николова.
Таа потенцираше дека додека се кратат средства за сиромашните, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги. Тоа значи – функционерите се луксузираат, а народот тоне во сиромаштија.
– Со инфлација од 3,7%, со намалена приватна потрошувачка и со стагнирана минимална плата, граѓаните се принудени да преживуваат, а не да живеат. Овој буџет не гради иднина – го одржува партискиот апарат на власт. Наместо визија и економски сигнал, добивме кратења, долгови и политички маркетинг. Сето ова е спротивно на тоа што им беше ветено на граѓаните само пред една година, нагласи Николова.
Особено трагично, рече Николова, е што власта ги одби амандманите на СДСМ за поддршка на настраданите и повредените од трагедијата на 16 март, како и амандманите за справување со пожари.
– Во моменти кога семејства преживуваат болка и загуба, власта одбира молк и рамнодушност. Ова е морално неприфатливо и човечки пораз на една владејачка структура, потенцираше пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.