Соопштение за јавност
„Булеварот Борис Трајковски како витална сообраќајница за жителите на Кисела Вода и Драчево, е слика на целокупното 4 годишно владеење на ДПМНЕ и Данела Арсовска. Тоа е одраз на целосна незаинтересираност, темелна негрижа и хаос“, рече денеска Каја Шукова кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ која беше на оваа сообраќајница која ги поврзува Кисела Вода и Драчево.
„Четири години ДПМНЕ и нивната избраничка Данела не мрднаа со прст за да ги довршат преостанатите 2,5 км од булеварот Борис Трајковски. Барем Орце Ѓоргиевски, додека пиеја кафиња со Данела Арсовска, да ја посетеше за еден од најгорливите проблеми во неговата општина. По 4 години од актуелната власт, булеварот Борис Трајковски остана ветен, недовршен и небезбеден за над 50.000 граѓани од овој дел на градот“, порача Шукова.
Притоа таа истакна дека ваквото неодговорно однесување наскоро ќе заврши најавувајќи негово целосно завршување.
„Не поради политички маркетинг, не поради пи-ар, туку поради тоа што ова е базична потреба на граѓаните од овој дел на Скопје, нешто што нужно им следи и што е обврска на секој кој ја добил довербата да управува со градот. Булевар како што доликува на Скопје, по сите стандарди, безбеден и ефикасен за надминување на сообраќајниот метеж“, рече Шукова.
Од Булеварот Борис Трајковски Шукова сподели дека нејзината визија за Скопје, е метропола со модерна сообраќајна инфраструктура, логично поврзана со современ јавен превоз, и сообраќајни решенија кои гарантираат ефикасност и безбедност за граѓаните.