САКАМЕ ШАРЕН СВЕТ БЕЗ ПРЕДРАСУДИ
Април е познат како месец на подигање на свеста за аутизмот. Поттикнат од значењето на ова прашање за општеството, сакам да ја потенцирам важноста на инклузијата на лицата со попреченост во заедницата, суштинските потреби и светлите примери кои го предводат овој процес и заедницата ја прават похумана.
Кога зборуваме за овие лица и потребата од нивна инклузија, неопходно е да се потенцира дека прашањето е отворено не толку одамна, а отворено е поради евидентирањето на голем број исклучувања, дискриминација и непрепознавање на нивните потреби од останатите во заедницата и сериозно заостанување на ова поле во споредба со западните општества. Беше потребно да ја отвориме темата, да ги воочиме различните начини на кои реагираат, тешкотиите со кои се соочуваат и различниот талент кај секој од нив кој го поседуваат, како и нашата должност да го развиваме истиот.
Вклучувањето во образованието е исклучително важен процес. Тоа подразбира активно вклучување на овие лица уште од најрана возраст во сите компоненти на воспитно-образовниот процес и нивно третирање како активни субјекти, а не само како пасивни приматели на информации. Започнат е организиран образовен процес и креирање на систем кој е прилагоден на различностите на децата и кој им обезбедува квалитетни услови за учење во согласност со нивните потреби. Ова значи прилагодување на постоечките структури на потребите на сите ученици, вклучително и учениците со попреченост. На овој начин, тие почнуваат да имаат можност да учествуваат во сите активности во училницата, да пораснат, да се образуваат и да се дружат со своите врсници. Ваквиот пристап кон образованието им овозможува на овие деца соодветен развој и ги доближува на своите врсници од најмали години.
Државата по ова прашање во последните неколку години има направено евидентен напредок на состојбите. Воведени се мерки од типот на право за надоместок за лица со интелектуална попреченост, згрижување на децата од институциите во мали групни домови, законски е гарантирана персоналната асистенција и услугата во домот, отворени се регионални ресурсни центри за поддршка на лицата со попреченост, вклучени се дефектолизи во воспитно образовниот процес, создадени се можности за користење на лични и образовни асистенти во училиштата, отворени се дневни центри и се води активна кампања за подигање на свеста за ова прашање. Се разбира дека има уште многу потреба од унапредување на состојбите и пред нас претстојат уште редица отворени прашања за решавање, но најважно е што е отворена ова тема, соочени сме со неа и започнати се структурни промени кон подобро.
За развивањето на свеста во нашата заедница, особено сакам да им честитам на родителите на деца со попреченост и здруженијата кои делуваат во ова област. Родителите, преку сопствената храброст и личен пример се хероите на нашето време. Поттикнаа будење на граѓанството и предизвикаа структурни промени во пристапот кон ова прашање од цело општество. Тие се енергенсот, кој го држат фокусот изострен, алармираат за потребите и се најзначајната алка за унапредување на состојбите. Заедно со здруженијата ја заслужуваат сета почит и потребна поддршка од сите нас да продолжат со сопствената мисија да ја будат заедницата, а со тоа и да ја зголемат инклузивноста во општеството.
Прашањето за правата и состојбата на лицата со попреченост не е нешто споредно. Ова е суштинско прашање кое ја одсликува човечноста кај нас и способноста на нашето општество да се развива преку солидарноста и емпатијата како врвни човечки вредности. Нагласувајќи ја важноста за нивно интегрирање во редовните текови и признавајќи ја неопходноста од нивната индивидуална автономија, се движиме кон исполнувањето на главната цел и обезбедување еднакви човечки права во нашата заедница, за сите луѓе.
Да подадеме рака на лицата со попреченост, да создадеме еднакви услови за секој еден човек и да ја развиваме нашата заедница сестрано. Преку поддршката докажуваме дека сме луѓе, креираме убав свет со многу бои и го оправдуваме нашето постоење. Нека има среќа за секого.