Скопје е организам кој функционира 24/7 – прв дел
Изминаа шест месеци од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт на локално ниво и единствено што може да се забележи е тоталната безидејност за водење на градот и општините. Еклатантен пример за тоа е Градоначалникот на Град Скопје – Данела Арсовска. Ако имаме предвид дека градоначалник на Град Скопје е третата највисока функција во државата, тогаш може слободно да се направи паралела како тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води државата доколку некогаш дојдат на власт, а секако тоа би било карастрофално менаџирање без идеја за развој и план за тоа каде и како ќе се развива градот/државата.
НОЗЕТЕ НА ОРГАНИЗМОТ СЕ ПРЕД ЦЕЛОСНА АТРОФИЈА
Да почнеме со најболната точка од каде почнуваат сите проблеми во однос на сообраќајот/нозете воградот – јавниот превоз. ЈСП во моментов се наоѓа во една безидејна позиција по прекинување на проектот за БРТ системот како систематско решение за градот. Во овој момент, ЈСП функционира по две основи, едниот е со сопствените автобуси, а другиот е со доделување на автобуски линии на приватните превозници (Слободен превоз и Макекспрес) со тоа што им исплаќа по 1 евро за секој изминат километар. Проблемот е во тоа што ова е застарен систем на функционирање кој не е променет од 80-тите години и кој не е адекватен за сегашната состојба на градот Скопје. Зошто? Бидејќи во урбаната средина имаме густина на население која е неколкукратно повисока од Генералниот урбанистички план, бројот на возила е значително зголемен, а со тоа и потребата за поефикасен начин за да се дојде од точка А до точка Б. Сегашниот распоред и фрекфентност на градските автобуси се дисфункционални. Тргнувајќи од овој проблем, граѓаните сакајќи да си го решат проблемот патуваат со сопствено возило и тоа најчесто во возилото има само по еден патник. И ова не би било толку страшно ако за сметка на снаодливоста на шоферите не трпат пешаците. Скопје е веројатно единствениот европски главен град кој има тротоари узурпирани од возила и е единствениот град во кој таквата појава е нормална. Ниту очекував, ниту е возможно овој проблем да се реши за 6 месеци, но очекував дека градоначалничката ќе има сенс за проблемот и наместо да го демотивира населението да користи автомобили, таа го мотивираше со намалување на цената за паркирање. Скопје со вакви популистички мерки ќе стане уште понебезбеден град за пешаците, а тие најчесто се нашите најмили – децата.
ТЕЛОТО НА ОРГАНИЗМОТ Е МЕТАСТАЗИРАНО
Урбанизмот како носител на целиот развој на градот претставува телото на организмот. Во 2022 година треба да биде завршен ГУП-от со што ќе се определи правецот на развојот на градот. За жал, тој во моментов е закочен и нема да навлегувам во причините, дали се тие намерни или ненамерни, односно дали повторно поради способноста/неспособноста на градоначланичката истиот е оставен на милост и немилост. Ќе се осврнам само на последиците од ваквиот однос кон можеби најважното прашање за сите нас. Што значи ГУП-от за сите нас? Иако за поголемиот дел на жителите на Скопје ГУП-от не значи ништо, во пракса значи се за нивото на квалитетот на живот кој тие, па и нивните идни генерации, ќе го живеат во овој град. Како за пример, белите дробови на Скопје се Водно. Дали повторно со ГУП-от ќе ја померуваме градежната граница на Водно задоволувајќи нечии интереси на штета на целото население во градот Скопје? Дали ќе го зголемуваме коефициентот на густина на население во централните општини за да задоволиме нечии интереси или ќе испланираме ширење на градот кон север? Дали одредени површини ќе бидат определени за зеленило или за згради и доуништување на најгусто населените општини? Ова се само мал дел од прашањата кои се планираат во ГУП-от, а се од витално значење за хуманото живеење на скопјани. Скопје во моментов е метастазиран затоа што ДУП-овите не се во согласност со ГУП-от, а како и кој тоа го дозволил и ни го уништил Скопје е прашање за некои други институции.
Продолжува