fbpx

Тврдокорна недоветност

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 03.03.2017

„Зоран, не можам да ти го дадам мандатот, Никола го нема уште вратено. Го фатил со нечисти раце и го извалкал, па сега му е срам да  се појави со извалкан мандат“.

Вака би изгледала пародичната верзија од изјава на Ѓорѓе Иванов поврзана со еден од најсериозните моменти од суровата реалност во нашата Македонија, која на најсликовит начин може да ја опише траги-комичноста на ситуацијата во која не доведоа криминалците кои денес буквално, главата незнаат кај им е.

Претседателот на Република Македонија, согласно Уставните ингеренции кои му стојат на располагање не може којзнае што да направи и придонесе за државата, но со недоветно и невнимателно однесување дефинитивно може многу да наштети на сопствената земја.

Човекот кој сега ја извршува оваа честита функција, свесен или не, со многу глупави потези ја поткопа иднината на Македонија, штитејќи ја криминалната клика која до скоро беше власт која ги урниса темелните државни вредности.

Ѓорге Иванов, со својата тврдокорна недоветност, односно со одлуката да не го додели мандатот за состав на новата Влада, зашто е обврзан со Устав, изврши државен удар.

Иванов заедно со неговиот шеф Груевски, ја внесуваат Македонија во уште подлабока криза со не согледливи последици по граѓаните и по државата. Тој направи уставно – државна криза со тоа што ја негираше мнозинската волја на граѓаните и поднесените 67 потписи на избрани пратеници во Собранието на Р.Македонија и спречи легален и легитимен трансфер на власта. Со ваквото однесување, Иванов уште еднаш се стави во улога на заштитник и соучесник на Никола Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Неколку дена пред тоа, на телевизиско интервју можевме да видиме пример за хипокризија во живо, односно да го видиме Груевски како повикува на одбрана на унитарноста на државата, истата таа која со години подмолно ја уриваше за лични цели.

Можевме да видиме пример за уплашен човек кој на еден несигурен начин ја користи и последната макијавелистичка досетка преточена во лаги и инсинуации кои имаат за цел да ја заматат вистината и да ја продлабочат кризата!

Не му беше малку што 11 години ја тормозеше Македонија, а граѓаните ги истошти на секој можен начин, Груевски јавно побара токму тие кои долго ги манипулираше, повторно преку манипулацијафизички да застанат во негова одбрана од неминовниот правен процес и соодветна судска пресуда. Ги повика граѓаните на протести, наведувајќи ги едни против други, лажејќи ги дека СДСМ и ДУИ скроиле нешто штетно за државата.

Па секојдневно гледаме луѓе кои незнаат за што протестираат, ги лиферуваат лагите од централата на ВМРО-ДПМНЕ, тепаат и плукаат новинари, а незнаат дека токму мафијата која ја штитат, прифати и преточи во закон кој го изгласа, нешто против кое тие денес наводно протестираат.

Токму тие, „тврдокорните“ треба да знаат дека Законот за употреба на јазиците ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно го донесоа во август 2008 година уште при првотонивно коалицирање во власта. Во членот 2 од овој закон е наведено дека во органите на државната власт во Република Македонија може да секористи и службениот јазик различен од македонскиот јазикшто го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија (моментално албанскиот). Според овој закон прифатен од Никола Груевски, албанскиот јазик може да се употребува во Собранието на Република Македонија во комуникацијата на граѓаните со министерствата, судските постапки, управната постапка, извршување на санкции, кај народен правобранител,во изборниот процес, при непосредно изјаснување на граѓаните, при издавањето на личните документи на граѓаните, при водењето на матичната евиденција, во примена на полициски овластувања, во радиодифузната дејност, инфраструктурни објекти, локалната самоуправа, финансиите, економијата, образованието и науката, културата и во други области и институции согласно со овој закон.

Исто така ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, три години потоа, направија и проширувањето на употребата на албанскиот јазик во кој се овозможи покрај пратениците на собраниските седници и работните тела, и министрите да зборуваат на албански јазик, а исто така и седниците на комисиите дасе водат и на албански јазик.

Зошто тврдокорните кои денес можеби и незнаат за што точно протестираат, не протестираа тогаш кога нивниот тврдокорен лидер безпоговорно ги прифати мнозинството од аспектите кои денес ги предизвикуваат овие протести.

Или можеби протестираат затоа што СДСМ не прифати промена на Устав и ни под разно нема да прифати менување на знаме, химна, грб.

Ги мачи ли тоа што пропадна нивната лага за кантонизација и федерализација и фактот што СДСМ ја зачувува унитарноста на државата исо се што прави обезбедува изградбата на едно општество за сите граѓани во Република Македонија. Или можеби ги ремети фактот што СДСМ ќе биде идна власт, а криминалците ќе одговараат.

Јасна е нивната намера, почитувани. Под пластот на наводна заложба за одбрана на државата – Груевски и криминалната клика околу него се обидуваат да си обезбедат граѓански штит за одговорноста која им следи. Нив, впрочем, никогаш не им било гајле за државата и граѓаните. Повеќе не им е гајле ниту за неминовната конфискација на незаконски стекнатиот имотот и украдените пари, туку само и единствено за личната слобода која според позитивните законски прописи, неминовно ќе ја изгубат.

Токму затоа во следниот период граѓаните не треба да подлегнат на никакви провокации, независно од национална, верска, политичка припадност. Сите треба да останеме смирени, на линијата на демократските процеси, кои што водат кон формирање на нова реформска Влада во нашата Македонија. Влада која што ќе се фокусира на реалните потреби на граѓаните и државата и на владеење на правото.

На крај сигурно ќе успееме!

 

 

Последни вести