Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 13.09.2016
„Повеќе научив од поразите отколку од победите“. Ова беше слоганот со кој „Дајмлер-Бенц“ повторно го врати проблематичниот „мерцедес А-класа“ на пазарот во 1998 година. Пред тоа тие беа засрамени. Новата А-класа имаше тенденција полесно да се превртува на кривини од еден стар „трабант“. Но, се решија да го исправат проблемот и да ја направат А-класата едно од најстабилните возила дотогаш. На рекламите, слоганот беше кажуван од тогашната тениска ѕвезда, а денес тренер на Ѓоковиќ, Борис Бекер.
Нашиот голем пораз се нашите плати. Не само што македонската просечна нето-плата од 362 евра е многукратно помала од платите во развиените земји, туку е и најниска во регионот. На пример, Србија има просечна плата од 400 евра, Босна и Херцеговина има 425 евра, Црна Гора 488 евра, па дури и Албанија со 365 евра има малку повеќе од нас. А, да не зборуваме за Хрватска и Словенија. Споредбата со 765 евра просечна плата во Хрватска и 1.000 евра во Словенија е поразителна за нас. Но, не е само најниското ниво на просечна плата проблем во Македонија. Просекот кај нас го зголемуваат повисоките плати во секторите за финансии, информации и телекомуникации. Така што огромен дел од вработените примаат помала нето-плата од просечната. Според Државниот завод за статистика, 68% од вработените носат дома помалку од 360 евра месечно.
Ниските плати се добар показател дека сме поразените во големата игра помеѓу земјите. Нашите луѓе тешко врзуваат крај со крај во месецот со плати од 200, 300 па дури и 400 евра месечно. Затоа, не случајно тие се иселуваат во странство во потрага по подобра егзистенција за своето семејство. Болат оние податоци на Светска банка за 179 илјади иселени граѓани од Македонија само во периодот од 2010 до 2013 година.
Затоа клучното прашање е како да го решиме проблемот? Како платите да растат?
Нема дилема дека клучниот фактор од којшто зависат платите е продуктивноста на трудот. Затоа на прв поглед изгледа дека е тешко да направиме брзи решенија како во случајот на А-класата, но добрата работа е што на продуктивноста на трудот влијаат голем број фактори коишто можеме да ги менуваме. Некои од нив ќе ни донесат зголемувања на платите на долг рок, додека некои можат да направат мали краткорочни поместувања на платите. Да почнеме со ред.
Знаењата и вештините на работникот во најголема мера ја определуваат неговата продуктивност. А, во Македонија е неопходна реформа на образовниот систем. Притоа, промените во образованието нема да донесат раст на платите на краток рок, но ова е најважниот фактор ако сакаме нашите деца да имаат солидни плати во иднина.
Главната насока на реформата во училиштата треба да биде намалување на бројот на предметите, а фокус на ученикот на помал број на носечки дисциплини, како математика, јазици, литература и компјутери. Ова е различно од досегашната пракса на чепкање во сите дисциплини, а немање стабилни познавања од базичните дисциплини. За промените да вродат со плод, од една страна е потребно заострување на критериумите за тоа кој може да предава на деца, а од друга страна е неопходно зголемување на платите на наставниците. Премалку се 400 евра месечно за добар наставник по математика во средно.
Друга важна насока на реформата треба да биде професионалното образование. Глупост е сите да се запишуваат на факултет за да добијат академско образование. Германија, на пример, има институти за професионално образование, кои на младите луѓе им овозможуваат стекнување на практични знаење (без да бидат заморувани со теории) од кои добро ќе заработуваат на пазарот на работна сила.
Технологијата е следниот фактор, кој покрај знаењата и вештините на работникот, ја определува неговата продуктивност. Досега државава не се определи сериозно да поддржува бизниси со висока додадена вредност, туку напротив огромна државна поддршка беше давана на бизниси кои се базираат на работа на лента. Но, ова е и голема можност. Неопходен е фокус на државните стимулации на бизнисите кои користат повисоки технологии. Тоа би ги придвижило платите нагоре.
Мотивираноста на работникот е третиот фактор кој влијае врз продуктивноста. Џабе некој да има добри знаења и да користи современи машини, ако не е мотивиран. Не само што ниските плати не мотивираат, туку целото опкружување е дестимулирачко за работникот во земјава. Тој е оставен без заштита од законите, без поддршка од синдикатите и без верба во судовите. А, бидејќи за зајакнување на синдикалното организирање и создавањето на независно судство треба време, ние мораме во економијата да вградиме механизми кои ќе бидат на страната на оние што живеат од својот труд. Првиот механизам е растот на минималната плата, кој од една страна ќе се грижи за обезбедување на неопходниот животен стандард за работниците со најниски вештини во економијата, а од друга страна ќе ги принудува бизнисите да мислат како да ја зголемуваат својата продуктивност поради зголемените трошоци.
Вториот механизам треба да стимулира отворање на добро платени работни места.
Така, на пример, на малите и средни претпријатијата, кои ќе вработат невработени лица и ќе им дадат најмалку просечна плата, државата треба да им даде поддршка во висина од 9.000 денари за исплатена месечна бруто-плата, во период од 12 месеци. А, вкупната сума за поддршка за 12 месеци, претпријатието треба ја добие на почетокот на првиот месец и таа да изнесува 108.000 денари. Секако дека претпријатието ќе биде должно да го задржи лицето определен период по истекот на поддршката.
Оваа мерка е подобра од поволностите со ослободување на плаќање на придонеси кои се добиваат преку проектот „Македонија вработува“ од најмалку три причини. Прво, таа ги поттикнува работодавачите да отвораат работни места со пристојни плати. Второ, со неа не се руши стабилноста на фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи работодавачите не се ослободуваат од плаќање на придонеси, туку тие добиваат поддршка за исплатени бруто плати. Трето, во домашните бизниси директно се вбризгува ликвидност, бидејќи целата поволност работодавачите би ја добиле на почетокот на периодот. Ова мерка може да се надградува со поголеми поволности за повозрасни невработени лица, а во неа можат да се вклучат и поволности за вработување на лица од јавната администрација.
И да не заборавиме. Платите во Македонија зависат и од политичката околина. Ако успееме да ја отстраниме корупцијата и митото од системот, на бизнисите ќе им ослободиме значајни средства кои ќе можат да ги пренасочат во плати на вработените.
За крај. Можеме ли ние да научиме нешто од нашите порази? Барем сега, седејќи на клупа пред зграда и чекајќи го следниот земјотрес, треба да ја разбереме најважната лекција: „Сите сме во иста каша“. Затоа, наместо борбата кој да грабне повеќе, да пробаме сите да имаме повеќе. А, растот на платите е првиот приоритет за тоа.