fbpx

Антикревкост

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 18.08.2016

 

„Антикревкост“ (во оригинал Antifragile) е последниот филозофски есеј за неизвесноста на Насим Николас Талеб. Тој го започнува со реченицата: „Некои работи имаат корист од шоковите; тие напредуваат и растат кога се изложени на волатилност, случајност, стресови, ризик и неизвесност. Сепак и покрај присутноста на феноменот, не постои збор кој ја претставува точно спротивноста од кревкост (fragile). Ајде да го наречеме антикревкост (antifragile). Антикревкоста е нешто повеќе од еластичност или отпорност. Отпорниот ги издржува шоковите и останува истиот; антикревкиот станува подобар“.

Добар пример за ова е градот Скопје. Катастрофалниот земјотрес од 1963 година уништи повеќе од 80 % од станбениот фонд и културно-историските објекти во градот. Но, „градот на солидарноста“ по земјотресот се изгради и се претвори во едно подобро и помодерно место за живеење.

Денес, нашите генерации се навикнаа да живеат во постојана нестабилност и неизвесност. Станавме отпорни на трговски ембарга, воени конфликти, финансиски кризи, иселувања на блиски, организирани грабежи, криминалци на власт и слично. А, тоа не е нешто посебно за нас. Најзаслужен за тоа е нашиот ген. Ние сме како пиреј: „Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера“. Затоа главното прашање е дали со преживувањето на овие стресови и ризици успеавме да станеме подобри?

Две големи опомени ни се случија за една година. Минатото лето тоа беше трагедијата од поплавите во Тетовско. Ова лето се случи уште поголема трагедија во Скопје и околината. Тие многу јасно ја покажаа нашата кревкост и ранливост на надворешни шокови.

Видовме дека институциите кои треба да не’ предупредат или заштитат од ризични настани се водени од партиски војници без компетентност. Водител за храна и вино управува со стохастички модели. Чистењето на каналите не е приоритет бидејќи тоа не носи ниту гласови, ниту пари во џеб. Градежен шут може да фрли секој каде ќе стигне. Законите не се почитуваат. Дрвјата се сечат неконтролирано. Не постојат протоколи за реакција во случај на непогода. Наместо сите погодени од несреќата во Скопје да добијат помош во рок од 24 часа од државата, беа потребни денови, како да се наоѓаат во некоја амазонска прашума. А, секако најстрашно од се’ е што видовме дека сликањето и партијата на власт се поважни од решавањето на една голема трагедија.

Но, кризните времиња се голема шанса да се направат промени. Еве три работи коишто мораме да ги направиме за да станеме подобри.

Првата работа е промената на приоритетите. Така, заштитата на луѓето од природни непогоди мора да стане еден од приоритетите наместо краткорочниот интерес на луѓето од власта кој гледа само гласачи или пари во џеб. Во овој контекст мора да се стави на пиедестал и борбата против загадувањето. Загадувањето на воздухот во поголемите градски центри во Македонија станува загрижувачко. За ова не се потребни ни податоци, доволно беше летово само да се помине покрај Тетово и да се види неговата завиеност во облак од прав. Притоа, нашите институции не објавуваат анализи како загаденоста влијае на здравјето на луѓето, но на интернет, пред се’ на сајтот на Светската здравствена организација, можат да се најдат многу документи кои ги објаснуваат негативните ефекти врз здравјето на луѓето од загадувањето на воздухот, водата и почвата. Затоа не смееме повеќе да ја ставаме главата во песок и да премолчуваме додека нашите деца растат во нездрава животна средина.

Втората работа откога ќе се постават приоритетите е планирањето. Скопје по земјотресот немало да се изгради во подобар град, ако немало план. Врвни архитекти како Кензо Танге и Адолф Циборовски го проектирале градот. А, ова е во целосна спротивност на тоа што се случува денес. Од менување на урбанистички планови како чорапи, па се’ до рушење на сите закони и норми од страна на градежната мафија.

Планот е секако потребен и во борбата со загадувањето. Ние можеме да го победиме загадувањето со следните чекори: забрзана гасификација и инвестирање во обновливи извори на енергија; финансиски стимулации од страна на државата за зелени површини на приватни објекти во загадените градови; развој на велосипедска инфраструктура по примерот на Утрехт или Осло; изградба на регионални центри за управување на отпадот; и ревидирање на одлуката за увоз на стари возила. И секако, пред се’, со почитување на законите и сериозни казни за тие што ги прекршуваат и загадуваат.

Третата работа се луѓето. За да станеме подобри не е доволна само промена на власта. Потребни се компетентни луѓе кои ќе ги водат институциите, а не партиски војници без знаење. Веќе во Македонија станува страшно какви се’ луѓе се нафаќаат да водат институции. Веројатно за ова да се реши потребно е некој да понесе одговорност за својата работа (ама не пред партијата), за другите да се размислат дали имаат компетенции да раководат со нешто.

Во оваа насока, секој од нас треба да размисли дали ни треба премиер, или уште полошо претседател на партија, кој пред камери со вклучен интерфон на мобилниот договара пакети за помош. Или ни треба некој што нема да го гледаме често на телевизија, а ќе постави систем кој што функционира. Слично, треба да се запрашаме дали е здраво еден човек да ја води Македонија подолго време? Јас без двоумење мислам дека мора да се постави ограничување на реизборот на функцијата претседател на Владата, така што еден човек нема да може да биде премиер повеќе од два мандати. На овој начин, од една страна ќе спречиме создавање на преголема моќ во рацете на еден човек, а од друга страна ќе се спречи создавањето на непотребни трошоци за чести предвремени избори.

За крај. Петре М. Андреевски го поставува, Роден, шестото дете на Велика за нејзина единствена светла точка. Тој е надежта. Тој е пирејот. За среќа, во ова време-невреме и ние добивме светла точка. По многу години повторно се појави солидарноста. Повторно се појави грижата за другиот во Македонија. Да не дозволиме таа да се угаси. Таа е нашата надеж.

П.С. Македонскиот јазик има спротивност од кревок. Тоа е крепок. Но, дали тој што крепи и издржува секогаш станува подобар?

 

 

Последни вести