fbpx

Македонија на светско фудбалско првенство

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 22.06.2016

Македонската репрезентација да игра на светско или европско првенство во фудбал! Тоа беше мојот сон од детството. И не само мој. Се сеќавам дека во тие години постоеше огромна еуфорија за фудбалот во земјава. Секогаш кога играше репрезентацијата се бараше карта повеќе, а ние од гимназијата „Корчагин“ групно бегавме од часови за да ги бодриме избраниците на стариот лисец Дончевски на првите натпревари против Данска, Шпанија и Белгија. За жал, како одминува времето се чини дека македонскиот фудбал е се’ подалеку од големо натпреварување. Дури последниве години натпреварите на репрезентацијата започнаа да ги следат и мизерно малку гледачи.

Но, сонот никогаш не ме напушти. Има и реални причини за тоа. Мали држави и многу понефудбалски нации од нас успеваа да се пласираат на светско или европско првенство. На пример, Словенија која ја прегазивме на нашиот прв натпревар во Марибор, осум години подоцна успеа да игра на Светско првенство. Денес гледаме дека соседната Албанија е на Европското првенство. А, можеби најдобриот пример е Исланд, земја со 300 илјади жители и нула природни услови за фудбал којашто одлично игра на првенството. Затоа секогаш моето прашање не е дали можеме, туку што треба да направиме за македонската репрезентација да игра на Светско првенство?

Според мене, постојат барем две големи работи што треба да ги направиме. Првата доаѓа од НБА-лигата во кошарка, додека втората е поврзана со фирмата на еден белгиски сметководител. Веројатно знаете дека клубовите во НБА-лигата имаат ограничување на вкупната сума на пари којашто можат да ја потрошат на плати на своите играчи. Намерата е да не се дозволи еден клуб да ги има најдобрите играчи, туку тие да бидат распределени по сите клубови и да има силна конкуренција.

Оваа идеја може да се искористи при вбризгување пари во македонскиот спорт. Така, на секоја фирма треба да и’ се дозволи дел од својот данок на добивка, наместо да го плати на државата, да може да го вложи во спортски клуб по сопствен избор. Но, притоа да се направи ограничување така што максималниот износ којшто ќе може да го добие еден клуб од првата фудбалска лига по овој основ да изнесува 200.000 евра годишно, а клуб од втората лига 25.000 евра годишно. На овој начин, парите нема да влегуваат само во еден клуб, туку ќе се распределуваат и ќе го зголемуваат нивото на сите клубови во Македонија.

Дополнително, оваа идеја има уште барем три позитивни страни: (1) нема субјективност во распределбата на средствата, како што има во случајот кога на пример државата ги распределува на музичарите; (2) фирмите ќе мораат да градат партнерства со клубовите, бидејќи ако квотата од 200 илјади евра (или 25 илјади евра) на одреден клуб е пополнета ќе мораат да бараат друг клуб; (3) државата точно ќе знае колкав дел од данокот на добивка ќе може да се распредели на овој начин, така што на пример, вкупната годишна сума во фудбалот би изнесувала 2,25 милиони евра (10 клубови во прва лига помножено со 200 илјади евра плус 10 клубови во втора лига помножено со 25 илјади евра). Ограничувањето може да се зголемува во зависност на состојбите на државната каса, но и да се пренесе на другите спортови во Македонија.

Единствен услов за користењето на овие средства треба да биде на натпреварите во домашното првенство клубот да настапува со најмалку 60% од играчи кои потекнуваат од младинската школа. Недозволиво е со пари на македонските даночни обврзници да се финансираат клубови кои во целост настапуваат со странски спортисти.

Втората голема работа е поважна од парите. Таа се однесува на создавањето млади играчи. Дали знаете што е заедничко за Азар, Милер, Нојер и Фелаини? Или ако сакате појасно: дали знаете што е заедничко за првата и втората земја (Германија и Белгија) на ранг листата на ФИФА во 2015 година? Тоа е една мала белгиска фирма која ја води поранешен сметководител. Фирмата се вика „Дупли пас“ (Double pass), а нејзината задача е да направи оценување на младинските фудбалски школи, по урнек на акредитацијата која се прави на универзитетите во светот.

„Дупли пас“ им дава оцена од една до три ѕвезди на младинските фудбалски школи врз основа на сложен алгоритам кој вклучува голем број на параметри од кој зависи создавањето на млад играч. Потоа, фудбалските федерации во Германија и Белгија ги финансираат младинските фудбалски школи врз основа на добиениот број на ѕвезди. Повеќе ѕвезди – повеќе пари, што создава иницијатива кај клубовите да го подобруваат работењето со младите таленти.

Ако мислите дека Германија и Белгија се многу далеку од нас, сличен е клучот и на успехот во Хрватска. Нивната денешна моќна генерација е создадена со новата филозофија во развојот на млади играчи чиишто главен архитект е првиот човек на младинската школа на Динамо Загреб – Ромео Јозак. Доктор на науки, околу кој се направил тим на млади тренери кои работат по најновите светски стандарди. Можеби најдобар показател за нивната работа е што користеле софтвер за анализа којшто им помогнал да проценат дека Модриќ е голем талент, а не некој што нема предиспозиции да биде фудбалер како што мислеле луѓето од Хајдук.

Не треба да има никаква дилема. На Македонија и’ треба стратегија за развој на млади фудбалери во наредните 10 години. Стратегијата треба да има за цел повторно оживување на фудбалските центри низ Македонија и таа треба да се базира на млади тренери кои ќе бидат едуцирани да работат со младите категории по модерни методи. А, фудбалската федерација би требало директно да ги финансира младинските школи во износ помеѓу 50 и 200 илјади евра годишно во зависност од оценката што ќе ја добијат за нивната работа.

Во оваа насока треба и да се размисли федерацијата да ја водат успешни стопанственици по урнек на ракометот, од кои ќе се очекува да дадат во фудбалот, а не само да цицаат од милионскиот буџет на федерацијата како што е сите овие години наназад. И секако, место во федерацијата мора да има и за нашите фудбалски легенди. Без нивните успеси и историја, ние сме само група губитници коишто трчаат по топката.

И за крај. Арената „Филип Втори“ не ни донесе успех. Ајде да бидеме праведни и да му одадеме почит на големиот учител на македонскиот фудбал – Градскиот стадион во Скопје да се вика Илеш Шпиц. Ајде да ја вратиме енергијата на Шпиц која создаде екипа која победуваше и кога против себе имаше вперено фашистички бајонети. И во право е Пандев. Мора да се вратиме на стадион кога игра нашата репрезентација. Тоа е најлесниот прв чекор кон остварување на сонот.

Се гледаме на Светско првенство!

 

Последни вести