fbpx

Кирацовски: Нема реприза на 17 мај , ВМРО – ДПМНЕ прво треба да се извини за пустошот

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски за интернет порталот Плусинфо

 

Плусинфо: Опозицијата реши да се врати во Собранието, но нивното враќање лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски го услови со неколку барања, надвор од „математичкиот„ услов за обвинетите пратеници кои сега се во куќен притвор. Опозицијата бара во иднина да ги предлага државниот јавен обвинител, претседателите на ДИК и на Антикорупциската комисија. Кој е Вашиот став во однос на овие три политички барања?

Добро е што опозицијата донесе одлука да го прекине бојкотот и да учествува во работатата на Собранието. СДСМ во изминатиот период повеќепати повикуваше дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги напушти политиките на блокади и поделби, да се врати во Собранието и да го поддржи реформскиот процес што Македонија ја движи напред. Тоа е во интерес на сите граѓани и на Република Македонија.
Читам во јавноста дека се споменуваат некакви услови, тоа мислам дека е несоодветно. Во рамки на политичкиот дијалог работни групи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ работеа на усогласување на реформските закони коишто произлегуваат од препораките на Прибе, како што се законите за реформи во правосудството, Законот за судски совет, законот за следење на комуникациите, законот за т.н. укажувачи. Отворени се и други прашања како на пример она за финансирање на политичките партии но и други од интерес на граѓаните. Договорено е како преодно решение, претседателот на ДИК да се избира на предлог на опозицијата, а во меѓувреме да се отвори широка дебата за Изборниот законик од кој ќе произлезат трајни решенија.

Плусинфо: Може ли да очекуваме дека новоизбраните претседатели на ДИК и на Антикорупциската комисија, по оставките што ги поднесоа досегашните членови ќе бидат на предлог на ВМРО – ДПМНЕ ?

Она што е мој став и став на СДСМ како владејачка партија е дека на Македонија и требаат независни и професионални институции коишто ќе бидат целосно ослободени од партиски притисоци и ќе работат исклучиво во интерес на граѓаните. На Македонија и е неопходна вистинска Антикорупциска комисија којашто ќе алармира за сите евентуални системски слабости.

Плусинфо: Опозицијата бара да има свои претставници и влијание и во други контролни и регулаторни тела, како што се Советот на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми… Како го коментирате ова нивно барање?

Како што споменав и претходно, на Македонија и се потребни независни и професионални институции. Започнатиот процес на реформа и ослободување на институциите го овозможува токму тоа, слободни институции коишто работат независно и професионално. Крајно време е во институциите, контролните, надзорни и регулаторни тела да учествуваат личности кои таму припаѓаат професионално, а не затоа што биле предложени од една или друга политичка партија. Со пополнувањете на контролните и регулаторни тела со поединци кои биле предлог на некоја партија, се губи целиот кредибилитет на таквите институции коишто со своето професионално и неселективно постапување мора бидат коректор на власта.

Плусинфо: ВМРО – ДПМНЕ се враќа со интерпелација за Владата…

Право на опозицијата е како сака во јавност да се претстави а исто така и како ќе делува во Собранието. После она што ВМРО-ДПМНЕ го остави во економијата, високиот процент на сиромаштија, уназадување, задолженост, задушена слобода на говор, заробена држава, нефункционалност на системот, корупција и криминал, со еден збор пустошот што го остави ВМРО-ДПМНЕ по 11 годишното криминално владеење, оваа партија прво треба да им се извини на граѓаните и да спроведе реформи во своите редови. Вака, делувајќи се уште по старата матрица и погрешните политики коишто граѓаните ги поразија, можеме да кажеме дека ВРМО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет. Но, ќе повторам, тоа е право на опозицијата.
Владата и парламентарното мнозинство се стабилни и постои можност за дополнително ширење на поддршката во Собранието. Досегашните политики на Владата, донесените закони во интерес на граѓаните, зголемената минимална и просечна плата, решавањето на проблемот на околу 5.000 стечајци, Реформскиот план и другите мерки, покажаа дека Владата и парламентарното мнозинство се на добар пат во спроведувањето на програмата што обезбедува економски раст, независни институции и поквалитетен живот за сите граѓани. Затоа, мотивите на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелација немаат суштинска вредност и се само теснопартиски обиди за добивање на ситни политички поени. Подготвени сме за соочување на аргументите во Собранието и убедени сме дека владата ќе ја добие довербата.

Плусинфо:Мицкоски обвини дека парламентарното мнозинство во отсуство на опозицијата изгласало закони, ( како пример го наведе Законот за администрација), со кои наводно, СДСМ има намера да спроведува партиски реваншизам и бркање од работа?

Па зошто ВМРО-ДПМНЕ не беше во Собранието и не ги кажа аргументите? Сигурно затоа што ги нема. Ако некој е најмалку повикан да зборува за партизација на администрацијата тоа е секако ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто цели 11 години ги партизираше и злоупотребуваше институциите и од Македонија направи заробена држава. Сите законски измени започнати од страна на СДСМ се единствено за професионализација и ослободување на адиминистрацијата и градење на институции коишто работат единствено во интерес на граѓаните. Времето кога институциите функционираа како партиски штабови, кога МВР беше МВРО-ВМРО заврши со заминување на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

Плусинфо: Во пресрет на тригодишнината од големиот протестен митинг на СДСМ против режимот на Груевски што се одржа на 17 мај 2015 година во Скопје, опозицијата готви реприза на мајски протест и барање за предвремени избори..

Правото на протест е уставно загарантирано право на секој поединец и група во Република Македонија и секој има право да протестира против одредени политики. Но ќе се сложите дека е малку несериозно да се најавува протест за два или три месеци отсега. Реприза на 17 мај 2015 не може да случи. Сенародниот протест на 17 мај е еден од најмасовните протести во поновата наша историја, кој ги обедини граѓаните од сите етнички заедници, граѓанските организации, прогресивните, демократските и слободарски сили во Република Македонија против режимот. Граѓаните на Македонија јасно ставија до знаење дека не сакаат да живеат под режим, туку во слободна, демократска, напредна и Европска Република Македонија , едно општество за сите. Тој процес на градење современо, слободно и демократско општество, едно општество за сите е започнат. Граѓаните веќе не живеат во страв туку во слобода, институциите работат професионално, Македонија чекори напред. Мајавите за протести од страна на ВМРО-ДПМНЕ ги сметам само како обид за дефокусирање на јавноста од нивната неспособност вистински да се реформираат во одговорен политички субјект.

Плусинфо: Господине Кирацовски, пратеничката група на СДСМ покрена иницијатива за намалување на патните трошоци на пратениците, а познато е дека Вие сте на втвот на листата според сумата што ја повлекувате од собраниската каса со оглед на тоа што доаѓате од Битола. ДУИ предложи да се укинат овие надоместоци.. Како го оценувате овој предлог на коалицискиот партнер?

Ви благодарам за ова прашање. Има повеќе иницијативи што се разгледуваат во однос на драстично намалување на патните трошоци на пратениците. СДСМ иницираше намалување за 50 проценти. Но, прашањето за намалување на патните трошоци е се уште отворено и има простор за негова дополнителна промена. Се трудиме да изнајдеме решение кое ќе биде најсоодветно на она што е прифатливо за граѓаните и соодветно на тоа што треба да биде покритие за пратениците, за да нема пратеници кои би биле оштетени со новите пресметки. Убеден сум дека наскоро ќе се изнајде вистинското решение за овој проблем којшто со право привлекува големо внимание во јавноста. Како одговорен политички субјект го слушаме гласот на граѓаните и реагираме, се корегираме, се во интерес на доброто на граѓаните.

 

 

Последни вести