fbpx

До 2006 година стапката на искористеност на европските средства (КАРДС) беше 80%

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на пратеничката Лидија Димова за порталот Фактор.мк

Фактор: Европската комисија веќе ги намалила средствата од ИПАРД II програмата за Македонија, поради проблеми при искористувањето на ИПАРД I програмата? Зошто има слаба искористеност на парите?

Димова: Има повеќе причини, а ќе ги набројам најважните. Прво, тоа се лошо испрограмирана Оперативна програма за рурален развој 2007-2013. Не толку од гледна точка на квалитет, бидејќи е квалитетна, туку од гледна точка на процесот. Имено, програмата се правеше во канцелариите на министерството наместо заедно со засегнатите страни, особено земјоделците и банките. Корисниците на програмата и ден денеска не знаат ништо за програмата. Конечната верзија на програмата, иако е од 2007 година, и има околу 700 страници, таа не е преведена на македонски јазик, а камоли на албански. Нашите земјоделци, за жал, не знаат англиски. Овој документ ги опфаќа сите финансирања што ќе се случуваат во периодот 2007-2013 и ако беше навремено промовирана меѓу земјоделците, тие ќе можеа да се подготват благовремено.

Второ, слабиот административен капацитет на вработените во Агенцијата и тоа од неколку гледни точки. Прво, се прима на работа партиски кадар кој бара подолго време за обучување. Второ, има случаи кога се вработува и несоодветен кадар (пример, политиколози за земјоделски експерти). Трето, откако ќе се обучат кадрите, партијата (ДПМНЕ) ги вади од Агенцијата и ги преместува на други места, најчесто во јавните претпријатија – особено пред избори – зашто таму се покорисни за партијата и воопшто не се секира за земјоделците, а ниту пак за угледот на државата во Брисел поради неискористеноста на европските средства.
И трето, лошо испланирани и реализирани човечки ресурси. Владата планира работни места во Систематизацијата, а ЕК прави Анализа на обемот на работата (Workload Analysis), што е дел од процесот на акредитација на Агенцијата. Сепак, и покрај темелното планирање, не се пополнуваат овие работни места. Последната анализа го покажува дека од вкупно 132 работни места предвидени за непречено работење на Агенцијата, пополнети се само 81 место, додека 51 работно место е непополнето (според Анализата на обемот на работата), односно 98 според Систематизацијата. Слична е состојбата и со Националниот фонд кој е дел од оперативната структура на Агенцијата.

Фактор: Од друга страна, намалувањето на средствата од ИПАРД се смета дека нема да одигра голема улога, бидејќи ионака, Македонија не можеше да ги искористи парите кои претходно и беа доделени?

Димова: Оваа изјава е или манипулација или индикатор за човек кој воопшто не ја разбира суштината на финансискиот инструмент ИПА 2, а треба да управува со оперативната структура, т.е. Агенцијата. Имено, ИПА 2 е карактеристична по секторскиот приод (ИПА 1 имаше проектен приод). Тоа значи дека власта мора да изготви секторски документ за периодот на финансирање, да направи Патоказ за реализација (вид на Акциски план) и да проектира повеќегодишен секторски буџет, бидејќи кофинансирањето мора да биде однапред обезбедено од Националниот буџет. Ако сте го направиле ова добро, тогаш секое евро ќе ви биде потребно, бидејќи условува други средства кои ви се потребни за развој на секторот. Само дел од индикативниот буџет во овој сектор ќе се троши на грантови за земјоделците. За жал, ако Агенцијата не демонстрира поголем капацитет, токму тој дел од средствата ќе бидат одземени, зашто грантовите бараат голема администрација.

Она што исто така паѓа в очи од веќе испрограмираните години е фактот речиси половината од средствата ќе одат на техничка поддршка (€13,3 милиона), а само €15 милиона на грантови за земјоделците. Ваквото програмирање е рефлексија на ограничените административни капацитети на Агенцијата како и на директните корисни, односно земјоделците.

Фактор: Според Европската комисија, 85,6 милиони евра е ИПАРД I, а според податоците од АФПЗР, ИПАРД II изнесува 60,3 милиони евра од буџетот на ЕУ, и уште 15 милиони евра од домашниот буџет?

Димова: ИПА 1 во петтата компонента (ИПАРД) имаше вкупно € 85 милиона. Станува збор за европски пари, а на овие средства државата треба да кофинансира со 10%.
Според поделбата на средствата по години, се гледа дека ЕК очекувала дека апсорпцискиот капацитет на државата ќе се зголемува од година на година, за во 2013 година да немаме никаков проблем да искористиме над €20 милиони.

За жал, досието на Македонија е тажна приказна. Веќе се изгубени €51 милион, а згора на тоа €18 милиона се дадени за локална инфраструктура кои треба да ги администрира Светска банка. Оттука, бројките за искористеноста на ИПА 1 за земјоделците се немилосрдни. Имено, од вкупно €85 милиона наменети за земјоделците, Македонија успеа да искористи САМО €16 милиона, под услов дека до крајот на ИПА 1 нема дополнително да губи пари.

Кај ИПА 2 се гледа дека ЕК наменила €106, 3 милиони европски пари за земјоделство и рурален развој, а на тоа треба македонската влада да ги обезбеди средствата за конфинансирање од македонскиот буџет. Владата своевремено се фалеше дека ЕК ги зголемила средствата за ИПАРД. Но, кога од Агенцијата велат дека вкупниот фонд од ИПАРД 2 е €60,3 милиони, тогаш очигледно е дека Брисел скратил €46 милиони од европските средства.

Фактор: Што е неопходно да се направи за да има поголема искористеност на парите од ИПАРД програмата? И дали сега со новата ИПАРД II се направени некои измени за подобрување на искористеноста?

Димова: Неколку работи мора да се случат ако сакаме да ја зголемиме стапката на искористеност на ИПАРД. Прво, треба да се вклучат засегнати страни во Секторските работни групи, особено претставници од земјоделците, банкарите и синдикатот, потоа да се изготви Секторската програма заедно со Патоказот, и истите да им се промовираат на потенцијалните корисници. Следно што треба да се направи среднорочен буџет, барем до 2018 година, до планираната ревизија – на ниво на пилот ако Министерството за финансии не е подготвено. Но, исто така треба да се направат експертски екипи за поддршка на земјоделците при пополнувањето на апликациите со воведување на таканаречениот ваучер систем. И секакко, да се пополнат сите слободни работни места во оперативната структура итн.

Фактор: Актуелни се и злоупотребите со парите од ИПАРД програмата. Официјално се водат две истраги за злоупотреби, во кои се вмешани земјоделски комбинати и фабрики. Во истрагата е вклучена и Интерпол. Истрагите стануваат актуелни сега , откако и ОЛАФ отвори истрага за делницата Демир Капија-Смоквица, но и по санкциите што беа превземени врз Македонија? Што ќе значи за земјава ако се докажат злоупотреби на европските пари?

Димова: Последиците, за жал, нема да ги почувствува само Македонија, туку и сите други држави кои пристапуваат во ЕУ. Мислењето за нас го развиваат државите членки на ЕУ според наодите во годишните извештаи за напредокот на ЕК и според ИПА извештаите каде што се елаборира степенот на искористеност на европските пари. Кога апсорпцијата ќе порасне на околу 80%, тогаш државите-членки знаат дека можат да седнат на иста маса со нас и заеднички да развиваат стратегии.
Недоволната апсорпција исто така ги поскапува и кредитите кои треба да ги добиваме од другите финансиски институции, особено од Европската инвестициска банка.
И, конечно, се намалува репутацијата и угледот на Македонија, особено затоа што до 2006 година (или пред воведувањето на ИПА), стапката на искористеност на европските средства (КАРДС) беше 80%

Фактор: Каква порака праќа Европската комисија со тоа што 100-тина милиони евра за Македонија, за повеќе проекти меѓу кои и за Коридорот 8?

Димова: Мора да сме свесни дека е ИПА 2 има поинакви правила. Всушност ИПА 2 е подобена верзија на ИПА 1 бидејќи во неа се вградени научените лекции од ИПА 1. Наместо да се повторува несреќното искуство со европските пари, сега ЕК едноставно мора да реагира благовремено зашто во спротивно ЕК ќе биде виновна пред Европскиот парламент за лошо испрограмираните средства. Сега има можност, со навремено скратување на средствата, истите да се пренасочат кон оние држави кои покажуваат капацитет. Патем, за оваа можност лобираше Србија уште во 2012 кога се работеше на ИПА 2 регулативата. За жал, нашата власт лобираше да останат 5-те компоненти при тоа покажувајќи ноторно непозновање на компонентната структура на ИПА 1.

Фактор: Европскиот суд на ревизори во извештајот наведе дека отустсвува политичка волја да се спроведат потребни реформи. Владата пак вели дека посветено работи, и дека можеби само некаде има одреден застој. Што според Вас е причината поради која нема политичка волја за спроведување на потребните реформи и кои би требало да бидат тие ?

Димова: Ако ги погледнете ИПА ревизорските извештаи – кои патем, ги изготвува нашето ИПА ревизорско тело – ќе видите дека сите проблеми се јасно идентификувани и секој извештај има сет на препораки што треба да се спроведат за да се надминат тие проблеми. Кога секоја година се повторуваат едни те исти проблеми, а при тоа се губат неповратните ИПА средства, можете да извлечете само два заклучока – прво дека нема политичка волја и второ дека немате влада која има капацитет да се справи со предизвиците на искористувањето на европските неповратни средства.

Фактор: Владата вели дека не се работи за санкции, и дека сите проекти ќе продолжат да се реализираат?

Димова: Овие проекти можат да продолжат да се реализираат само со кредити! Оттука, Владата е должна да им објасни на македонските граѓани зошто ги врати во Брисел неповратните финансиски средства, а за истите ги задолжи (или планира да ги задолжи) македонските граѓани со кредити за кои ќе плаќаме високи каматни стапки! Сериозна и кадарна влада не може да си дозволи вакво владеење!

Последни вести