Соопштение за јавност
Никола Груевски сеуште мисли дека е над законите на Р.Македонија, но тоа нема да го дозволиме!
Груевски и неговите послушници очигледно немаат намера да се откажат од извршувањето на најголемото финансиско злосторство и со глава во ѕид се обидуваат да им натоварат нов незаконски долг од 650 милиони евра на граѓаните и идните генерации.
Порачуваме дека никој нема да биде амнестиран за своите постапки во евентуалното ново противзаконско задолжување на граѓаните!
Од јули 2014 година до денес ова е трет пат Груевски да ги задолжува граѓаните со еврообврзница. При секое издавање, образложението е дека средствата ќе се користат во наредните две до три години.
Груевски и Миноски повторно лажат, бидејќи со ребалансот на Буџетот во ставката Депозити, не планираат да пренесат средства во 2017 година.
Со издавањето на еврообврзница со веќе започнатата процедура ги кршат Законот за Влада, Законот за јавен долг, Законот за буџет и Кривичниот законик на РМ.
Ги повикуваме уште еднаш сите раководни лица кои се инволвирани во издавањето на еврообврзницата, по досегашната постапка, да ја преиспитаат својата одлука.
Еврообврзницата не се издава за исплата на плати, пензии, субвенции и социјални трансфери.
Граѓаните треба да бидат спокојни. Средства за редовните трансфери има и ќе има.
За тие цели пари во Буџетот се обезбедени, дури и без ребаланс на Буџетот.
Овие 650 милиони евра, на товар на граѓаните, и се потребни на власта за криминалните проекти, од коишто корист има само Никола Груевски и за предизборна корупција.
За доброто на граѓаните, Владата и Министерството за финансии треба транспарентно да ја објават состојбата на државната каса и да признаат дека нема потреба од толкаво задолжување.
Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија не е против обезбедување средства на меѓународните финансиски пазари. Но, само до износ реално потребен и во транспарентна постапка согласно важечките закони.
СДСМ не се согласува со противправно издавање на рекордна еврообврзница којашто нетранспарентно, непотребно и скапо ќе натовари долг на грбот на граѓаните.
Уште еднаш ги известуваме сите инволвирани страни во издавањето на еврообврзницата, доколку сепак се одлучат да ја продолжат постапката, дека по промената на власта, од легален аспект ќе биде оспорено ова задолжување како законски јавен долг на РМ.
Скопје, 18.07.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА