fbpx

Интервју на министерот Спасовски за Дојче Веле

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за Дојче Веле

 

Дојче Веле: Господине Спасовски, денеска во кабинетот ќе се „сретнете“ само со работната маса, компјутерот и телефонот. Немате надлежности, немате советници, обезбедување… Може ли да се рече дека сте министер за внатрешни работи, ако сте целосно „разоружан“ од сите ваши надлежности?

Спасовски: Во тоа е апсурдот. Требаше да ја констатираат оставката на денот кога ја поднесов, а не да се однесуваат на ваков начин. Од една страна оставката не ја констатираа, а од друга, на незаконски начин ми ги одземаат сите надлежности. Тоа така не може да функционира. Во текот на денот ќе имам подобра слика за тоа какви им се намерите и што сакаат да постигнат. Потоа ќе се изјаснам за натамошните чекори.

Дојче Веле: Ќе се спроведе ли спорната владината одлука и кој ќе го стори тоа?

Спасовски: По објавувањето на владината одлука во „Службен весник“, сите поништени кадровски решенија треба да ги спроведуваат тројца луѓе – директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и државниот секретар. Прво, кадровските решенија не можат да се поништат со владина одлука, затоа што тоа е незаконски. Второ, самото давање на можноста тројца раководители да ја спроведат таа одлука е спротивно на законот и го нарушува принципот на хиерархиско функционирање на МВР. Јас веќе издадов наредба во која укажав дека секој што ќе го крши законот и принципот на хиерархија во МВР – ќе подлежи на кривична одговорност. Трето, секоја поништена одлука треба да биде покриена со решение од министерот. Не знам како тие тројца ќе ја спроведат одлуката без решение, ако се има предвид дека овластувањето за сите надлежности го дава министерот.

Дојче Веле: Имајќи ги предвид сето ова, каков „ефект“ може да предизвика ваквата владина одлука во работата на МВР?

Спасовски: Ќе се создаде голем хаос, простор за немир кај вработените, меѓу соработниците, но пред се, најмногу ќе се создаде несигурност кај граѓаните на Република Македонија. Лудост е да се донесе таква одлука во време на бегалска криза и на други предизвици со кои во моментов се соочува Македонија. Прашањето е дали Владата мислела на тоа кога ја носела одлуката, или била мотивирана исклучиво од партиски причини, со цел да се врати вмроизацијата на МВР.

Дојче Веле: Но, атмосферата на несигурност веќе се чувствува во воздухот. Преку разни шпекулации, но и официјални политички изјави, се мотивира партиско-популистички фронт против странските амбасадори, кој треба да биде увертира и за „чистка“ на сите што не се согласуваат со одлуката на Иванов и со политиките на ДПМНЕ. Кон што водат ваквите опасни игри?

Спасовски: Атмосферата што се создава против амбасадорите и генерално против претставниците на меѓународната заедница, му нанесува огромна штета на Договорот од 2 јуни/15 јули, на огромните и искрени напори што тие ги вложија за неговото донесување и реализирање, но најмногу му носи штета на угледот на Република Македонија и нејзината иднина. Овие неразумни и неодговорни постапки се во директна спротивност со ставовите и надежите на 80 отсто од граѓаните на земјава, кои во толку висок процент им даваат поддршка на интегративните процеси. Тие што ги мотивираат таквите неразумни активности треба да бидат свесни дека тоа е најбрз начин како земјата да ја однесат во тешка изолација, што на никаков начин не е од корист за нејзината иднина. Наш врвен национален интерес е интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО, а не некакви авантури спротивни на таа цел.

 

 

Последни вести