fbpx

Интервју на Наумов за Нова Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Нова Македонија: Постојано укажувате на прекумерно задолжување на државата. Каде е, според вас, границата до која може да оди задолжувањето?

Наумов: Не се само на СДСМ или мои укажувањата дека темпото и намената на задолжувањата се неиздржливи. Тоа е децидно наведено и во последните извештаи на Светска банка и на Европската комисија. Во 2006-та износот на јавниот долг бил 1,8 милијарда евра, денес е 4,3 милијарди евра. За десет години, од кои во последните четири многу изразено, долгот се зголемил за 2,5 милијарди евра. Прашањето е за што се потрошени овие средства. Дури да го имаме предвид и „Скопје 2014“, во кој се потрошени најмалку 630 милиони евра (иако допрва ќе се испитува неговата законитост), останува отворено прашањето за преостанатите 2 милијарди евра. Ниту еден капитален проект не е завршен за овие десет години. Омилен збор на оваа власт стана временскиот член „ќе“. По десет години власт, сѐ уште зборуваат за реализација на проекти во идно време. Во ваква ситуација, кога нивото на јавниот долг е речиси 50 отсто од БДП, кога средствата од задолжувањето не се инвестирани во проекти што со своето функционирање ќе создаваат нова вредност со која ќе се враќаат долговите, веќе се наближуваме до моментот кога кредиторите ќе станат многу резервирани за нови заеми. Тоа јасно се гледа и преку задолжувањата на домашниот пазар. За само една година каматните стапки на домашните записи се покачени за повеќе од 50 отсто, и тоа во услови кога каматните стапки во Европа се со надолен тренд. Минатиот месец Европската централна банка ја спушти референтната каматна стапка на 0 отсто, што е историски минимум. Тоа јасно покажува дека домашните кредитори пресметуваат повисок ризик и министерот Зоран Ставрески е принуден да ги покачува каматите за да ги обезбеди средствата што ги побарува. За жал, просторот за нови задолжувања оваа влада го сведе на минимум.

Нова Македонија: Владејачката партија често прави споредби со „вашето време“, односно со периодот од 2002 до 2006 година, и тука мора да се признае дека бројките, барем статистички, се во нивна корист, и за вработеноста и за инвестициите. Како ги коментирате овие споредби?

Наумов: Владејачката партија, со поддршка на огромен дел од медиумите, стана доктор во манипулации и извртување на фактите. Во 2002 година, кога СДСМ ја презеде власта беше посткризен период. Период во кој, ако се сеќавате, органите на државата сѐ уште немаа функционална власт на територијата на целата држава. Ако сакам да звучам како сегашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, овде ќе треба да потсетам кој ја водеше државата и кој дозволи да се случи конфликтот во 2001 година, но нема да го направам тоа. Значи, во еден таков постконфликтен амбиент, владата предводена од СДСМ се справуваше паралелно со неколку предизвици. Ги воспоставивме нормалните функции на државата на целата нејзина територија, го започнавме интензивното приближување кон евроатлантските структури и започнавме со мерки за подобрување на економската состојба во државата. Само да ве потсетам, ја воведовме во тој период политиката на издавање државни хартии од вредност за да го раздвижиме домашниот пазар, првпат излеговме на меѓународните пазари на капитал (што беше потврда дека Македонија како држава е вратена во нормален колосек) итн. Пред да направиме споредба на економските резултати во периодот кога СДСМ ја предводел владата и сега, ќе ви кажам само една работа. Се фали деновиве Груевски дека бил потврден кредитниот рејтинг на Македонија од страна на „Стандард и Пурс“, на нивото од ББ-. Е, сега, би сакал да ги потсетам дека според истата „Стандард и Пурс“ во 2005 година кредитниот рејтинг на Македонија изнесуваше ББ+. Тоа се две нивоа повеќе од сегашната состојба. „Стандард и Пурс“ во 2008-та го намалува кредитниот рејтинг на ниво ББ, за во 2014-та уште еднаш да го намали на нивото ББ-. Тоа е потврда на промашените економски политики на Груевски и Ставрески. И ајде сега да направиме споредба со основните параметри кога владата била предводена од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Во тие четири години, од 2002-та до 2006-та, сега ќе бидам малку циничен и ќе кажам постконфликтни години, просечната стапка на пораст на БДП изнесуваше 3,6 отсто годишно. Просечната стапка на пораст на владата предводена од Груевски е 3 отсто. Странските инвестиции како процент од БДП во периодот 2002-2006 изнесуваат просечно 3,7 отсто, а во овие десет години 3,5 отсто. И уште околу јавниот долг. Во 2002 година јавниот долг изнесувал 1,829 милијарда евра, за на крајот од мандатот на СДСМ да се намали на износ од 1,818 милијарда евра. Како што истакнав и погоре, за овие десет години Груевски и Ставрески нѐ задолжија за повеќе од 2,5 милијарди евра. Е, сега, прашањето е како власта по толку потрошени милијарди евра ќе се обиде да се оправда за катастрофалните економски политики што ги спроведуваше во изминатиот период. Да потсетам само, на последното рангирање на угледниот магазин „Бизнис инсајдер“, Македонија се наоѓа на 5-то место во Европа, а на 13-то место во светот по бедотија.

Нова Македонија: На средби со граѓаните СДСМ најавува многу амбициозни планови: просечна плата од 29.000, минимална од 20.000, 150 милиони евра за мали и средни претпријатија… Имаат ли поткрепа овие планови, студија или анализа?

Наумов: Во подготвувањето на програмата економскиот тим на СДСМ пријде многу внимателно. Свесни за реалната економска состојба во државата внимававме, дури и претерано, за одржливоста и ефикасноста на проектите што ги предвидуваме. Она што сакам да го истакнам е дека се работи за огромен сет на мерки, кои реализирани во целост ќе ги дадат предвидените резултати. Сакам да кажам дека кога се прави анализа на проектите предвидени во програмата не може предмет на анализа да бидат само одредени мерки. Наша крајна цел е подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и надминување на прагот на сиромаштија за огромното мнозинство граѓани. За да се случи ова предвидуваме стапки на пораст на македонската економија од минимум 6 отсто на годишно ниво. Врз основа на овие цели ги предложивме мерките во програмата што треба да ги дадат овие резултати. Со други зборови, економските политики предвидени во програмата на СДСМ се производ на опсежни анализи, направени во консултација и соработка со многу економски експерти во Р. Македонија и предложени по неколкукратни проверки. Ние сме сигурни дека нивната имплементација ќе ги даде очекуваните резултати што ги најавуваме на средбите со граѓаните.

Нова Македонија:  Дали СДСМ има намера да продолжи да обезбедува „бесплатни“ поволности за разни категории граѓани?

Наумов: Нема ништо „бесплатно“ во економијата. Субвенционирањето определени целни групи, само со цел „купување гласови“, не е бесплатни поволности. Тоа го плаќаат сите граѓани преку даноците, казните итн. Точно е дека со одредени субвенции се поттикнува развој на одредени сегменти во општеството, одредени бизниси од посебен интерес или, пак, се придонесува за подобар живот на определени категории граѓани, но мерките на кои алудирате во прашањето не се ништо од тоа. Да, СДСМ ќе продолжи со одредени субвенции, како на пример во земјоделството. Но целосно ќе ги измениме критериумите за нивно доделување. Недозволиво е по десет години субвенционирање на земјоделството да имате енормно зголемен увоз на храна, да имате намалување на површините на засадени земјоделски култури, да имате пад на производството на тутун итн. Наша цел ќе биде поддршка на одредени категории граѓани, но притоа главен услов ќе биде општата бенефиција што граѓаните ќе ја имаат од тие мерки. Се разбира ,тој ќе биде ценет од аспект на економските ефекти што ќе бидат предизвикани од мерките. Нема да дозволиме реализацијата на одредени мерки да биде на штета на мнозинството граѓани.

Нова Македонија: Ве обвинуваат дека се борите само против ВМРО-ДПМНЕ, а не и против ДУИ како рамноправен носител на владините политики. Дали си оставате простор за коалицирање со ДУИ и што ако добиеме изборни резултати што би налагале такво решение?

Наумов: Не знам од каде доаѓаат овие обвинувања, од причина што апсолутно не држат вода. Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одлично функционираат изминативе осум години. Затоа секогаш кога СДСМ ја критикува Владата ги критикува сите нејзини партиципиенти, особено двете главни партии што ја сочинуваат. Нема амнестирани за погрешните политики во целиот изминат период. Ако прашањето ви е во контекст на финансиите, тогаш перцепцијата можеби е таква, затоа што, да бидеме објективни, единствени виновници за погрешните економски политики се Груевски и Ставрески лично.

Нова Македонија:  Која е сегашната позиција на партијата во врска со одржувањето на предвремените парламентарни избори?

Наумов: Договорот од 2 јуни/15 јули точно наведува кои се мерките што треба да се имплементираат за да се спроведат фер и кредибилни избори во Македонија. Она што во овој момент е сѐ уште отворено како прашање се прочистувањето на избирачкиот список, регулацијата во сферата на медиумите и одвојувањето на партијата од државата. СДСМ овие избори ги бараше и во истиот момент кога ќе се создадат сите предуслови за нивно одржување, СДСМ ќе учествува на нив.

Последни вести