fbpx

Интервју на министерот Спасовски за ЦИВИЛ Медиа

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски за Цивил Медиа

ЦИВИЛ Медиа: Неодамна објавивте дека биле пронајдени, направени 35.000 лични карти кои што чекале да бидат подигнати. Колку од тие лични карти се подигнати, а колку успеавте да задржите?

 

Спасовски: Од самиот почеток, од доаѓањето во Министерството за внатрешни работи, по спроведените одредени интерни истраги, споделивме со јавноста дека се правени лични документи, лични карти, спротивно од одредбите во законот. 35.000 лични карти кои се најдени и кои беа дел од “Титаник” – акцијата која ја спроведува СЈО, се лични карти кои што се направени, но не се подигнати. Практично, се водат во канцеларија, како неиздадени лични документи. Во тој дел немаат правен статус и не можат да бидат во правен промет. Ова е дел од истрагите кои ги води СЈО, сите детали од овој случај јас не би можел да ги образложам, од разбирливи причини, бидејќи истрагата тоа не го дозволува.

ЦИВИЛ Медиа: Дали како министер за внатрешни работи, имате целосна контрола врз Министерството?

Спасовски: По доаѓањето во МВР, реков дека ќе дадам шанса на професионалните кадри кои се во Министерството, сé со цел, низ одредени позиции кои ги имаат, да и помогнат пред сé на Република Македонија, да помогнат да се врати довербата на граѓаните во ова Министерство. Нормално е дека има опструкции и ќе има, со оглед на тоа дека премногу е партизирана оваа институција. Затоа, врвен приоритет кој не може да се реализира за месец – два или за краток временски период, треба да биде департизација, деполитизација и декриминализација на оваа институција. Има многу професионалци, има многу луѓе кои помагаат и го сфаќаат овој момент, значаен за Македонија и за иднината. Постојат одредени луѓе кои се однесуваат малку поинаку, кои се обидуваат со одредени начини за опструкција, меѓутоа, јас и мојот тим работиме напорно, за да ги реализираме задачите и целите кои се исправени пред нас. Тоа значи, да имаме добра работа во Министерството, сé со цел да ги остваруваме интересите на граѓаните, она за што всушност постои МВР.

ЦИВИЛ Медиа: ЦИВИЛ – Центар за слобода, објави информации за партиски иницирани притисоци од службеници на полицијата. Дали сте запознаени со овие информации, и што Министерството презема по ова прашање?

Спасовски: Не само преку ЦИВИЛ, ние имавме прилика и преку проектот “Вистината за Македонија”, да слушнеме како МВР, или како други министерства и државни институции, се однесуваа во изборниот процес, и како вршеле притисок врз граѓаните. Не би сакал да се повторуваме, за тоа како беше нарекувано МВР во тој период, и како било ставено во функција на политичките партии на власт, на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Тоа е нешто што треба да е поука за сите нас. Мој став е дека МВР мора да биде министерство на Република Македонија, кое ќе ги оствари интересите на граѓаните. Бидејќи, освен на граѓаните, кои го финансираат ова министерство, и освен граѓаните кои преку даноци му дават плата на вработените, ниеден полицаец не му должи на никој друг. Секако дека правеле притисоци, секако дека постојат одредени структури, партиски инсталации во Министерството, кои и сега сакаат да прават одредени злоупотреби на полицијата. Имавме ние некои најави дека во СВР Охрид, во СВР Битола, новопримените полицајци, кои се сега практиканти, биле злоупотребувани, биле терани во одреден момент, да завршат одредени партиски работи. Реагиравме веднаш преку Внатрешната контрола и укажавме дека полицијата треба да ја врши работата одредена со закон, и дека полицијата не треба да ги плаши граѓаните, туку напротив, работата на полицијата е да ги штити интересите и безбедноста на граѓаните.

Упатувам порака дека секој припадник на МВР мора да се држи строго и професионално до законите и да не подлегнува на било кој партиски притисок од било која политичка партија. Бидејќи потврда за таквото однесување ќе биде санкционирана и треба да се казни, а за тоа нема да имам дилема. Ако било кој припадник на МВР врз основа на овластувањата кои ги има во полицијата, спроведува партиски интереси, тогаш имаме проблем сите ние, и има проблем државата. И на тој начин се губи довербата во државата, особено во МВР.

ЦИВИЛ Медиа: Заканите упатени кон новинарите и граѓанските активисти, продолжуваат. Што презема Министерството за гарантирање на личната безбедност на сите граѓани?

Спасовски: Прво, врвен приоритет на МВР е задачата да ги штити граѓаните и да обезбеди сигурност и безбедност на граѓаните, без разлика на која позиција се и без разлика која професија ја работат. Факт е дека во изминатиот период имаше премногу напади, пред сé, вербални, врз новинари и медиумски куќи. Заради тоа е потребно да се регулира медиумскиот простор, затоа е потребно да има системско решение, во кое што новинарите ќе ги ослободат, слободно да си ја вршат својата работа, медиумите ќе ги ослободат од притисокот што им го прават и власта или одредени влијателни кругови во државата, со тоа да остварат некаква лична цел, поединечен интерес… Имајќи предвид дека медиумите креираат јавно мислење и се од национален интерес, пред сé, треба да водат сметка за интересите на граѓаните, да знаат дека преку остварување на нивната заложба, директно учествуваат во демократизација на општеството.

Ние сериозно работиме на овој план, да се расчистат и другите случаи на напади врз новинари, работиме и веќе во одредени состојби се константирани нападите и нивните извршители. За одредени напади сé уште се работи, бидејќи поминал подолг временски период и има одредени пропусти. Како и да е, МВР во овој момент е подготвено да обезбеди заштита на било кого во Македонија, кој се соочува со одредени напади, сериозни. А воедно, сакам да апелирам до граѓаните, да ги остават медиумските куќи и новинарите слободно да си ја извршуваат својата функција. Пред сé, треба секој од граѓаните, да знае и да води сметка, посебно јавните личности, дека подлежат и на критики и на пофалби, и тоа е основно демократско начело. За тоа како ќе се однесувате во јавноста, нема можност да ви биде виновен ни било кој новинар, ни било која медиумска куќа. Мора сите заедно, и граѓаните, да и помогнат на полицијата, за да можеме да ги реализираме активностите, меѓутоа и полицијата треба да реагира соодветно, за да остави впечаток дека го остварува интересот на граѓаните.

 

 

Последни вести