fbpx

Интервју на Заев за црногорскиот весник Вјести

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за црногорскиот весник Вјести

 

Вјести: Во Црна Гора опозицијата бара формирање преодна Влада којашто би организирала фер и демократски избори. Нешто слично како во Македонија, само што овде не е јасно дали тоа подразбира и повлекување на премиерот Џукановиќ, како што Груевски мора да се повлече. Колку моделот на преодна Влада во Македонија, по којшто опозицијата има 2 министра и 3 заменици министри, може да обезбеди демократски избори, со оглед на претходните наводни злоупотреби на државни ресурси и притисоци што ги објавивте на снимките?

Заев: Снимките од проекот Вистината за Македонија, како што го нарековме процесот на објавувањето на вистината пред граѓаните, само го потврдија тоа што луѓето веќе го знаеја и го чувствуваа на своја кожа. Министерството за внатрешни работи било вмешано во изборен криминал. Издавало незаконски лични карти на луѓе кои воопшто не живеат во Македонија. По 50-тина луѓе се регистрирани на една иста адреса и истите тие луѓе гласаат во различни општини, значи по неколку пати. Снимките потврдија уцени врз граѓаните кои примаат социјална помош што им следува по закон, уцени врз земјоделците со субвенции што исто така законски им следуваат, врз административните службеници кои ако не извршуваат партиски директиви се казнети, разрешени или избркани од работа. Со тие снимки падна и митот за Груевски што тој за себе го градеше 10 години со медиумите под негова контрола. Слушнаа граѓаните како Груевски менувал цели закони само за да дојде до милионски парцели на најскапите локации во Скопје, на Водно. Како со неговиот прв братучед, директор на УБК кој исто така поради прислушувањето мораше да даде оставка, Сашо Мијалков, воделе бизниси преку фирми од рајските земји Белизе, Панама, Лугано – Швајцарија. Како Груевски лично за себе го избрал најскапиот мерцедес од 600.000 евра, а на телевизија глуми дека се вози на точак. Како договарал милионски провизии со фирми што добивале тендери. Како ја задолжувал Македонија, а тоа му го дозволувал кумот, инаку министер за финансии, Зоран Ставрески, за непотребни барокни фасади, камени фонтани, споменици, коишто сега се распаѓаат, но од кои профитираат фирми блиски до братучедско – кумската власт. Како Груевски со братучедот Мијалов учествувал во задкулисни договарања со Грција околу името, додека пред граѓаните се преправа во најголемиот патриот на светот. Да не зборувам за заканите за семејства што ќе се најдат во ендек, за договорени полициски акции за апсење политички противници, во кои им ставаа пиштоли во уста, за криења убиства и слично.

Овој проект, Вистината за Македонија, отвори пат за преодната влада и предвремените парламентарни избори, што ги побаравме лани, на 27 април, кога соопштивме дека изборниот процес не го признаваме. Во таа преодна Влада се фокусиравме на ресорите за коишто слушнавме потврди за огромни злоупотреби. СДСМ во преодната Влада има министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и тројца дополнителни заменици министри: за земјоделство, за администрација и за финансии, со право на вето. Тоа значи дека можат да ја стопираат власта на Груевски во потег што е штетен за граѓаните или за државата.

За овој краток период досега спречивме нови 300 милиони евра задолжувања, што ќе беа на товар на граѓаните и идните генерации, а Груевски ќе ги употребеше за неговите предизборни цели. МВР обелодени дека има докази за издавање незаконски лични карти на лица кои биле ставени во Избирачкиот список, што значи имале право на глас, а аферата со незаконските лични карти допрва ќе биде обелоденета до крај. Најдовме и обелоденивме како милиони евра пари на граѓаните одат за субвенции на луѓе блиски до власта и од власта, со потпис на министерот за финансии, кум на Груевски, Ставрески. Откривме дека претходниот министер за труд и социјала загрозил социјална помош на 1.400 семејства, со тоа што свесно не одлучувал по нивните жалби, поради што министерката од СДСМ поднесе Кривична пријава против него. Пресретнавме власта на Груевски да спроведе казни за административните работници за 2015 година, што го предвиделе со закон, но мораа да се повлечат.

Дадов малку подолг одговор на Вашето прво прашање, за граѓаните на Црна Гора да добијат претстава за реалните состојби во Македонија од коишто тргнавме, за да можат да ценат што добиваат граѓаните на Македонија со преодната Влада и процесите што се во тек. Премногу далеку отишле Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со злоупотребите на власта изминатите 10 години, партизирајки ги буквално сите институции, сите медиуми, правдата, судството, целиот државен систем, за да можеме да речеме дека ќе се смени во неколку месеци.

Но почна. Ова е веќе незапирлив процес и назад нема.

Се бројат денови до заминувањето на Груевски што треба да се случи најдоцна до 15 јануари. Тој и во последните денови од владеењето прави се што можат фер избори да нема. Јас велам дека фер избори во Македонија мора да има и ќе има. Во Македонија нема да има уште едни криминални избори.

Вјести: Што уште опфаќа договорот за преодна Влада во Македонија, а на што Вие инсистиравте во текот на преговорите и што е значајно за обезбедување демократски избори?

Заев: Да, како што реков, Груевски и неговите соработници со кои тој ја има окупирано и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, прават се што можат да нема фер предизборен и изборен процес. Избирачкиот список не е прочистен, а само доверлив избирачки список може да обезбеди регуларни избори. За ова веќе изрази загриженост и ОБСЕ и тоа е навистина сериозен проблем, ако се земе предвид дека изборите се закажани за 24 април. Прашањето за медиумите требаше да биде затворено во август, сеуште не е. Не сака Груевски медиуми што ќе извесуваат минимум професионално. Но бегање од Договорот од Пржино не е можно. Се што е договорено мора да се спроведе и следните избори ќе бидат слободни и фер, го сакале тоа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ или не.

Вјести: Што повеќе влијаеше на Груевски да прифати преодна Влада – протестите на опозицијата или ЕУ и Вашингтон?

Заев: На граѓанскиот протест во мај излегоа над 100.000 луѓе. Тоа е најмасовниот протест во историјата на Македонија на којшто граѓаните ја покажаа својата одлучност да ги вратат демократските процеси во Макдонија во коишто место за Никола Груевски и неговите соработници нема. Поддршката и учеството на граѓаните е од големо значење за се што се случуваше и се случува во државата. Меѓународната заедница тоа го виде. Тука се и доказите за криминалното и коруптивно владеење на власта на Груевски, за тоталната контрола врз државните институции претворени во партиски штабови, за шокантни прекршувања на човекови права, својствени за диктатури. Сето тоа никого не можеше да остави рамнодушен и промените тргнаа. Граѓаните на Македонија се благодарни на пријателите на Република Македонија од меѓународната заедница кои дадоа и даваат драгоцена поддршка на овој пат што го отворивме за нормализација на земјата.

Вјести: Зошто ЕУ и Вашингтон долго ги држеа очите затворени за ситуацијата во Македонија и дозволуваа на власта на Груевски од Македонија да направи приватна држава, со којашто управува тој, шефот на тајната полиција и уште неколку луѓе од неговото опкружување?

Заев: Таму каде што нешто изгледа неверојатно, најчесто таму е вистината. Јас верувам дека најпрво човек сам треба да се убеди во нешто за да може да го убеди светот. Ќе згрешиме ако бараме виновници во друго кога злото ни е пред очи. Според мене најважно е дека граѓаните на Македонија знаат со каква расипана власт имаат работа и со таа власт повеќе не сакаат да си имаат работа.

Вјести: Во Македонија на една страна е корупцијата, партитократијата, полицијата масовно прислушува граѓани, а на друга страна е фактот дека Македонија под власт на Груевски има рекорден прилив на странски инвестиции, раст на БДП, градите автопатишта… Како го објаснувате тоа?

Заев: Тоа е така само во виртуелниот свет на Груевски што тој го создаваше преку медиумската пропаганда. Лагите се откриени. Вистината е дека во последните 8 години просечната стапка на раст на БДП во Македонија изнесува само 2%. Приливот на странски инвестиции во Македонија секоја година е околу 2.5-3% од БДП што е убедливо најслаб резултат во регионот. За истиот период, јавниот долг на Македонија е дуплиран! За 10 години власт, Никола Груевски има изградено само 8 километри автопат. Да, на крајот на неговиот мандат тој виде дека граѓаните го изгубија трпението. Над 180.000 граѓани во Македонија живеат со по 40 денари на ден, тоа не е ни едно евро, 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата. Во Македонија умираат три пати повеќе новороденчиња од просекот на земјите од Балканот и ЕУ. Луѓе гинат по патиштата. 626.312 граѓани, најголем дел млади, ја напуштиле Македонија. На заминување да, Груевски се сети на автопатишта, болници, што се градат набрзина, па се реновираат зашто не се квалитетно градени, со тоа двојно и тројно тој ги задолжува граѓаните. Доцна е за Груевски. Тој и им одзеде 10 години живот на граѓаните. Тоа не ќе може, но парите што им ги одзеде ќе мора да им врати. И сите кои работеле противзаконски, ќе одговараат.

Вјести: Во Македонија, како и во Црна Гора, голем проблем е слободата на медиумите. Овде од Брисел добивме најлоша оценка токму за областа слобода на медиумите – поради нерешените напади врз новинарите и медиумите, поради јавен сервис под контрола на владеачката партија… Дали медиумите во Македонија беа предмет на разговори и договори меѓу власта и опозицијата и ако беа, што е договорено?

Заев: Точно, без минимум професионални медиуми нема фер предизборени и изборен процес. Во Македонија најголем дел од медиумите се под директна контрла на Груевски и неговиот братучед, поранешниот директор на УБК, Мијалков. Тие ги корумпираат медиумите со пари од граѓаните што им ги даваат за непотребни реклами. Така сопствениците, уредниците, некои новинари станаа соучесници во криминалното владеење на Груевски. Македонската радио телевизија е буквално партиско гласило на Груевски и неговата партија. Затоа да, медиумите се меѓу обврските од Договорот од Пржино, но договор сеуште нема, зашто Груевски знае дека ако ги ослободи медиумите вистината полесно ќе допира до граѓаните, а тој има потреба до последен момент да лаже. Да се повлечеше навреме, ќе си олеснеше, вака тој одлучи да оди до крај со лагите што неговите медиуми повеќе не се во состојба да ги претвораат во вистини и тој стана предмет на потсмев.

Вјести: Што е според Вас заеднички проблем во регионот и како да се реши?

Заев: Голем предизвик е бегалската криза, за што е потребна многу блиска и координирана соработка помеѓу сите земји во регионот и со земјите од Европската унија, за да се спречи хумана катастрофа, но и да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани, што е наша обврска. Голем предизвик е корупцијата, голем предизвик се демократските процеси, евро-атлантските интеграции, за најголем дел од земјите од регионот. Како да се решат овие проблеми? Храбро и одлучно и извлекувајки поука едни од други, за да не ги повторуваме грешките. Јас се надевам дека овој процес што го отвориме јас и СДСМ во Македонија, ќе биде опомена до сите и во нашата држава, и во регионот, и во светот дека никој не избегал од вистината и дека правдата е спора, но правда има и на крајот секој мора да ја плати сопствената сметка.

Вјести: И на крајот, што помисливте прво кога дојдовте до снимките од разговорите на врвот на власта во коишто може да се слушне наводен договор за корупција во врска со изградбата на автопатот со кинеска компанија, за притисоци врз судии, купување гласови…? Дали би ни откриле кој Ви ги даде снимките?

Заев: Тешко е да се опише, навистина. Сето тоа што го правела власта на Груевски го знаев, како што го знаеја и граѓаните на Македонија. Но да слушнете буквално изживување врз човечки судбини, смеење, ситење врз човекови несреќи предизвикани намерно, од власт којашто е избрана да ги штити граѓаните, а не да ги повредува, да бидете сведок како се договарало рушење на цел еден државен систем, макотрпно граден од независноста на Македонија – за што? Само за лични и семејни финансиски или партиски интереси?! Незнам дали во тие први моменти преовладуваше чувството на одвратност од сето тоа или на гордост дека ја имам честа, заедно со СДСМ, да ги спасам граѓаните на Македонија. Таа чест ми ја дадоа вистински патриоти, луѓе од тајните служби во Македонија, кои не можеле повеќе да слушаат и гледаат што им се прави на граѓаните и кои верувале дека нема да ги изневерам нивните надежи и интересите на граѓаните и државата. И така ќе биде. Нема да ги изневерам надежите и очекувањата на мнозинството граѓани во Република Македонија. Во Македонија ќе има слободни и фер избори. Република Македонија ќе биде слободна, демократска држава, земја на еднакви граѓани, членка на ЕУ и НАТО. Промените ќе се случат.

 

 

Последни вести