61
Тоа не е само бројка помеѓу 60 и 62. Тоа е посакувана бројка за недовршениот проект. Еве и зошто.
„ВМРО ДПМНЕ и коалицијата убедливо ќе победат на парламентарните избори. Важно е таа победа да биде историска, да биде со 61 пратеник. Таква победа ни е потребна за реформи, за проект за трансформација на Македонија“-Христијан Мицкоски, ноември 2023 г.
Со слична, а во суштина со иста реторика, 61 мандат бараше и Груевски на предвремените парламентарни избори во 2008 година. Груевото „да не зависиме од партиите од албанскиот блок“, Мицкоски го замени со „да не живееме во апартхејд зашто Македонија и владата македонска ја владее малцинска партија на малцинство, а тоа е ДУИ“.
Во 2008 г., Груевски доби и повеќе од посакуваното, 63 пратеници, и влезе во коалиција со ДУИ.
Мицкоски, во два наврата, се обиде да направи ново парламентарно мнозинство со неколку партии од албанскиот политички блок. И не стигна до посакуваните 61.
Фиксиран на 61, Мицкоски продолжува сите свои говори и изјави да ги развива околу таа бројка притоа самопрогласувајќи се за „единствен чувар на македонштината и на македонскиот идентитет“.
Само за освежување на меморијата. Набру, откако Груевски доби 63 мандати, во ноќни собраниски „сеанси“, го донесоа Законот за употреба на јазиците што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа. Следуваше признавањето на независноста на Косово. Да повторам, ова е освежување на меморијата за патриотизмот по потреба и за наводниот апартхејд.
Со 63 пратеници, Груевски ја започна идентитетската трансформација на сопствениот народ и со прескапо платениот „генетски“ инженеринг го „насади“ проектот Скопје 2014. Милионите евра, близу милијарда, уште ги враќаме. Другото, уште поскапо го плативме. А сè почна наивно. Со скулптури:„Шмизла, мачка, вљубени…..“.
Ахритектонското востание „Не го силувајте Скопје“ заврши со ќотек од контра-протестирачите. Тоа беше генерална проба за новиот изум на ДПМНЕ: протест и контрапротест.
Со 63 пратеници, Груевски започна лустрација измислувајќи кодоши по потреба. Силата на мандатите му даде сила хировито да лустрира истакнати личности кои не мислат како него. На нарачаниот список за лустрација се најдоа и луѓе на смртна постела и одамна починати. Семејствата минуваа низ агонија и вербален линч.
Со 63 мандати, Груевски ја затвори телевизијата А1. Следуваше безобзирно инсталирање на медиумска пропагандна империја со сомнителен „капитал“.
Со 63 мандати, почна впишувањето на судии во тефтерчиња. „Сваровски“ беше цена?
Со 63 мандати и со спорна процедура, увезени беа над 300 автобуси од Украина и од Кина.
Со 63 мандати беше лесно да се „убеди“ Антикропупциска да заклучи дека трите станови на Груевски му ги купила мајка му и дека со тоа новинарите немаат веќе право да прашуваат на темата.
Во 2011 година, на вторите предвремени парламентарни избори, Груевски освои 56 мандати. За прв пат гласаше дијаспората за пратеници од своите редови. ДПМНЕ и коалицијата добија 7 пратенички места помалку. Ден по изборите, на улица беше „спружен“ Љубе Бошкоски. Истите што го прогласија за „Херој од Хаг“, го прогласија и за „предавник на Јохан“. На крајот го прогласија за виновен за поткуп.
На 6 јуни 2011 беше убиен Мартин Нешковски. За МВР таков „настан не е пријавен“. Претепан е од „тигар“ на прославата на изборната победа на ДПМНЕ на плоштадот Македонија.
На истата локација, по две недели, пристигна веројатно најскапо платениот споменик во светот -„Воин на коњ“.
56 пратеници на ВМРО ДПМНЕ одлучија да амнестираат, т.е. да престанат да бидат гонати одговорните за „Мавровски работници“, „Водството на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“.
Пописот на населението беше прекинат со политичка волја на 56 мандати на Груевски и коалицијата.
„Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ беа продадени. Купувачот ги купи за „евтино“ да ги уништи. Почеток на крајот.
Петкратно убиство кај Смилковското езеро.
Индискиот милијардер Субрата Рој беше пречекан во Скопје како „инвеститор на векот“. На тацна му беше дадено Љубаништа. Набргу Рој беше притворен како измамник на векот во сопствената земја.
На 24 декември 2012, кога се носеше буџетот за 2013 г., пратениците на опозицијата и новинарите беа насилно исфрлени од Собранието. Надвор имаше протести. И задолжителните контрапротести. Денот остана како „црн понеделник“.
Фридом Хаус ја прогласи Македонија за делумно слободна земја и го „освои“ 116 место според слободата на медиумите на Репортери без граници. И сето тоа со „само“ 56 пратеници !
Тие гласаа, во скратена постапка, за измени кои овозможуваат премиерот по заминување од функцијата да има 6 телохранители од МВР, возач и службено возило во исто толку време колку што бил премиер.
Загина новинарот и сопственик на Фокус, Никола Младенов. МВР и Јавното обвинителство ја затворија истрагата и ја заведоа како несреќен случај.
Кривичниот суд во Скопје го осуди новинарот Кежаровски на 4,5 години затвор во случајот „Ликвидација“. Пресудата беше толкувана како порака до „непослушните“ новинари.
Пред општина Центар се случија насилни протести како последица на манипулацијата дека советниците ќе одлучувале за уривање на црква. Дел од насилниците признаа вина и го посочија Груевски како поттикнувач. А и слушнавме за неколку „шлаканици да му се врзат“ на тогашниот градоначалник.
А тоа „жолтите комбиња“ веќе почнале да вртат,вртат,вртат….не само во кругот на Фамилијата.
Претседателот Ѓорге Иванов, кој беше кандидат на ВМРО ДПМНЕ, го одликува унгарскиот премиер Виктор Орбан. Докажан пријател на Груевски, до ден денешен.
За третите предвремени избори во 2014 година, и за „трансформациите“ направени на земјата од страна на ВМРО ДПМНЕ со освоените 61 мандат, во наредната колумна.
Продолжува….