fbpx

Став на потпретседателката Чупеска за предлог Концепцијата за гимназиско образование

Facebook
Twitter
LinkedIn

Нашата аргументација се темели на воочените недостатоци во однос на неколку клучни аспекти:
1. Недостигот на транспарентност и демократски пристап во подготовката, како и проблематичната референцијалност на предложената концепција.
2. Маргинализацијата на хуманистичките науки.
3. Потенцијалот за продлабочување на образовните нееднаквости преку пазарно ориентирање на образованието.
4. Потенцијалното загрозување на личниот дигитален суверенитет на учениците во контекст на непромислена дигитализација.
Прво, ја критикуваме актуелната концепција поради методологијата на нејзината подготовка и промоција, особено во однос на нејзината референцијалност. Наместо да се потпира на стручно фундирани анализи и евалуации, предлогот делува како резултат на анкети чија методологија и релевантност остануваат нејасни. Инсистираме на референтни примери и компаративни студии како основа, бидејќи секоја образовна реформа изискува аналитичка сериозност, а не импровизирани или импресионистички позиции.
Второ, изразуваме длабока загриженост поради маргинализацијата на хуманистичките науки. Најдраматичен аспект е сведувањето на клучни дисциплини како Филозофија, Социологија, Логика и Етика на ниво на изборни предмети. Овој чекор го толкуваме не само како академски дефицит, туку и како тенденциозен, идеолошки мотивиран акт со неолиберален предзнак, насочен кон сузбивање на критичката мисла. Во ера на раширени предрасуди и дезинформации, култивирањето на критичкото расудување е императив, а не луксуз што може да се маргинализира. Со лишувањето на учениците од овие хуманистички вредности, се зголемува нивната подложност на пропаганда, манипулација и еднострани наративи, отворајќи пат за создавање генерации со ограничена општествена свест и ослабен морален компас, лесно приспособливи на предодредени матрици. Изградбата на напредни и модерни општества, чиј темел е токму развиената критичка мисла и етичките вредности, е некомпатибилна со фабрикувањето конформизам, меркантилизам и корпоративизам. Предложената маргинализација ја сметаме за дехуманизирачка и неприфатлива. Како СДСМ, се залагаме за реинтегрирање на овие фундаментални дисциплини во образовниот процес.
Трето, предложената концепција манифестира неолиберална идеологија која, особено во контекст на рапидната дигитализација, претставува закана како за личниот дигитален суверенитет на учениците, така и за демократските вредности. Таа ризикува да го трансформира образованието од јавно добро во пазарна услуга, а ученикот од активен граѓанин во пасивен потрошувач на образовни содржини. Фокусот врз „ефикасност“, „пазарна релевантност“ и „приспособливост“ кон потребите на бизнис-секторот, наместо врз инвестиции во сеопфатен и еднаков пристап до квалитетно образование за сите, го деградира образованието до ниво на производ, а ученикот до кадар кој треба брзо да се адаптира на корпоративните барања, со што се отвора и ризик за зголемување на образовните нееднаквости.
Четврто, иако ја поддржуваме дигитализацијата како процес, нејзината имплементација во предложената концепција делува повеќе како избрзана реакција отколку како промислена стратегија. Ова буди сериозна загриженост за потенцијалното поткопување на личниот дигитален суверенитет на учениците. Имплементацијата на дигитални алатки без адекватна инфраструктура, континуирана обука на наставниот кадар и, најважно, без јасни регулативи за заштита на личните податоци, создава плодна почва за злоупотреби. Во услови на нерегулиран дигитален пазар на податоци, образовните дигитални платформи лесно можат да прераснат во инструменти за зголемен надзор, собирање податоци, следење на однесувањето и потенцијално манипулирање со мислите на учениците. Нашата цел е да осигураме дека учениците нема да бидат сведени на обични податочни единици, туку ќе бидат оспособени како слободномислечки и критички настроени поединци.

Чупеска: Со законската реформа во образованието се укинува критичката мисла кај учениците

Последни вести