fbpx

Заев: Со новата македонска развојна економија платите, пензиите и финансиската помош растат уште повеќе, тоа е економски патриотизам на дело

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција на пртетседателот на СДСМ и носител на листата во ИЕ 4, Зоран Заев

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Пред три години Владата предводена од СДСМ се соочи со сериозни предизвици во економијата, кои од нас бараа умешност, ефикасност, но и храброст и решителност.

Пред нас имавме клекната економија, огромни долгови направени за финансирање криминални тендери и непродуктивни трошоци.

Платите не растеа, особено минималната која со години беше оставена на недостојни 9.000 денари, помалку од 150 евра.

При преземањето на власта економијата беше во минус од 1,8 проценти и стапката на невработеност над 22 проценти .

Ниту се колебавме, ниту се исплашивме од предизвикот. Веднаш презедовме конкретни чекори за придвижување на економијата.

Веднаш влеговме во реализација на концептот Парите назад кај граѓаните. Уште во првите 100 дена ја зголемивме минималната плата прво на 12.000 денари, а потоа на 14.500 и тоа подеднакво за сите работници.

Ја придвиживме македонската економија и за две и пол години, од минус 1.8 проценти ја донесовме на стабилен раст од 3,6 проценти.

Нашата економијата стана попривлечна за странските инвеститори и тоа се докажа со рекордниот износ на странски директни инвестиции од 624,5 милиони евра во 2018 година, што беше најмногу во Југоисточна Европа. Во 2018 и 2019 година остваривме странски директни инвестиции од 950 милиони евра.

Сето тоа придонесе стапката на невработеност да паѓа постојано. Се отворија 64.000 нови работни места, претежно во приватниот сектор, а стапката на невработеност во првите три месеци од оваа година падна на рекордни 16.2 отсто.

Покажавме дека знаеме и можеме да изградиме силна економија со стабилни стапки на раст, во која платите и пензиите растат, а невработеноста опаѓа.

Сега е време да покажеме дека можеме, можеме и повеќе и подобро. Време е за нови инвестиции, време е за нови иницијативи, за нови успеси пред кои се обврзуваме и пред граѓаните и пред нашата економија.

Време е за нова, развојна македонска економија заснована на нови технологии, одржливост и мотивиран човечки капитал.

Тоа е модел кој ги штити работните места, носи нови работни места и повисоки плати. Модел кој дава шанса на сите.

Модел на вистински економски патриотизам.

Економски патриотизам е зголемување на минималната плата на 20.000. Тоа е за 120% повеќе од оние 9.000 денари месечно што ги наследивме од ДПМНЕ.

Економски патриотизам е зголемување на просечната плата на 34.000 денари, до крајот на мандатот.

Економски патриотизам е кога платите во здравството ги покачуваме секоја година за 10 отсто или вкупно 40 отсто до 2024 година, за лекарите да бидат мотивирани уште повеќе и уште подобро да се грижат за нашето здравје.

Економски патриотизам е кога на највозрасните сограѓани им ги зголемуваме пензиите и тоа за над 21 отсто за оние со најниски пензии во следните 4 години.

Економски патриотизам е кога обезбедуваме 18 милиони евра за платежна картичка за поддршка на угостителството, за купување домашни производи и услуги и плус 10 милиони евра за ваучери за туризам.

Вкупна поддршка од 28 милиони евра за купување на наши, македонски производи и услуги, за посета на наши, домашни туристички центри и објекти. 28 милиони евра за зајакнување на приватната потрошувачка и куповната моќ. Економски патриотизам на дело.

Концептот Парите кај граѓаните го развиваме уште повеќе. Прагот за поврат на ДВВ го креваме од 7.200 на 9.600 денари годишно по корисник!

Ги зголемуваме субвенциите за земјоделците и парите за рурален развој од 160 на 200 милиони евра годишно – со навремена исплата, редовна исплата!

800 милиони евра за 4 години, директно кај нашите македонски земјоделци, во нашето земјоделство, во нашето стопанство. Обезбедуваме и бесплатна зелена нафта за земјоделците. Домаќински, чесно и одговорно, како што не личи.

Вистински, економски патриотизам е кога градиме 950 км локални, 300 км експресни патишта, 260 км автопатишта! Кога обезбедуваме 2.5 милијарди евра од европските фондови и носиме европски пари за европски стандарди дома!

Грижата за сите продолжува уште повеќе и уште подобро. Обезбедуваме повисока социјална помош за 34.000 домаќинства и детски додаток за 65.000 деца! Градиме 777 социјални станови низ целата држава!

За отворање сопствени фирми, за млади и жени, обезбедуваме грантови до 15.000 евра.

Ова почитувани, е нашата понуда за следниот четиригодишен мандат. Понуда зад која гордо застануваме и убедени сме дека ќе ја исполниме во новиот чист мандат.

Со ваква понуда, немаме дилема, Коалицијата Можеме е победник на изборите на 15 јули. Победници сме затоа што од другата страна, во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква понуда освен обнова на режимот и народниот грабеж.

СДСМ го реализира концептот Парите назад кај граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ е против секоја мерка со која парите одат кај граѓаните.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека не знаат економија, знаат само да земаат од граѓаните.

СДСМ носи брзи, ефикасни антикризни мерки, ВМРО-ДПМНЕ кочеше 90 милиони евра, пари од Светска Банка наменети за медицинска опрема.

Затоа на 15 јули изборот е едноставен:

Изборот е меѓу повисоки плати за сите или богатење на неколкумина блиски до Груевски.

На 15 јули изборот е меѓу рекорден износ на странски инвестиции или некој нов Субрата Рој.

На 15 јули граѓаните одбираат нова развојна економија, одбираат парите уште повеќе да завршуваат во нивните буџети, за да биде уште подобро за сите.

На 15 јули граѓаните ќе го поразат лажниот патриотизам и ќе одберат вистински економски патриотизам.

Ви благодарам.

 

Последни вести