Соопштение за јавност
Генералниот секретар на СДСМ и носител на ИЕ 3 на Коалицијата „Можеме“ Љупчо Николовски, вечерва од трибината во Пробиштип оцени дека СДСМ води модерна европска кампања во која нема црни спотови, нема темнина, туку има идеи, разговори за еколошка и иновативна земја, за решавање на прашања кои досега не биле отворени.
„Ние зборуваме за новиот развој, за новата македонска економија, за родовата еднаквост, за заштита на животната средина, за отворање на нови работни места, за враќање на младите на Истокот, а ВМРО-ДПМНЕ ги покажуваат тие спотови на згрбавени луѓе, така како што тие ги замислуваат нашите сограѓани. Покажуваат спотови на темните простории во нивните подруми кои асоцираат на провизии, тендери, местенки. Ние сме на автопат, тие во нивните темни подруми. Ние сме за европска Македонија, тие за режимска Македонија во која царуваат криминалот стравот, корупцијата“, рече Николовски.
Тој нагласи дека денеска изборот на граѓаните е лесен, а тоа го потврдуваат сите истражувања на јавното мислење.
„Сите истражувања на кредибилни светски агенции потврдуваат дека граѓаните се за напред, за развој, за иднина и ја поддржуваат оваа Програма која ја пишувавме 11 месеци. Ништо нема да ги спаси. Огромно мнозинство на 15 јули ќе гласа за оваа модерна, најголема и најразнолика Коалиција „Можеме“, рече Николовски.