Ребалансот на Буџетот за 2021 година е насочен кон обезбедување повеќе пари за капитални инвестиции, за вложување во човечкиот капитал, што ќе резултира со економски раст и подобар животен стандард на граѓаните, уверуваат од СДСМ, повикувајќи ги сите пратеници да покажат одговорност и да гласаат за неговото усвојување.
„Со предложениот ребаланс на Буџетот се издвојуваат 2,7 милијарди евра за инвестиции во човечкиот капитал, односно во здравство и социјална заштита, образование, што споредено со периодот од пред три години е повеќе за над половина милијарда евра“ информираат од партијата.
Претходно, заменикот министер за финансии, Димитар Ковачевски истакна дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Притоа, како што рече, останува заложбата за инвестиции во трајни добра со фокус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура.