Премиерот Зоран Заев во рамки на својата викенд работна посета на Охридско-Преспанскиот регион, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Македонија пат“, Беким Мемеди изврши и увид на реконструкцијата на регионалниот пат Ресен-Охрид, на делницата од Отешево до приклучувањето на патот Охрид-Свети Наум, преку националниот парк „Галичица“, кој се обновува прв пат после 50 години.
Тој нагласи дека на целата државна територија во тек се интензивни градежни работи на автопатните решенија и на експресните делници, реконструкција на голем број магистрални и регионални патни правци.
Премиерот Заев најави дека работите на рехабилитација предвидуваат отстранување на оштетениот асфалт, корекции на основата на патот и асфалтирање кое Јавното претпријатие „Македонија пат“ го изведува во две фази. Првата фаза е делницата на патниот правец од Царина Отешево до превојот Галичица во должина од 14,9 километри.
„Вредноста на инвестицијатана оваа делница изнесува 60 милиони денари, по што ќе продолжи и реализацијата на втората фаза од превојот на Галичица до приклучувањето на патниот правец Охрид-Свети Наум во должина од 15 километри за што се предвидени уште 60 милиони денари. Станува збор за рехабилитација на исклучително важна делница од регионалниот пат Ресен-Охрид.Со рехабилитацијата на патот преку Галичица, туристите и рекреативците ќе добијат лесен пристап до убавините и потенцијалите на питомите предели на планинатаза активности како што се планинарењето, планинискиот велосипедизам, параглајдерството и другите рекреативни активности и адреналински спортови, рече премиерот Заев.
Тој на ЈП „Македонија пат“ и на сите подизведувачи им посака успшена реализација и рехабилитација во предвидените рокови.