По прогласувањето на Шар Планина за национален парк на крајот од јуни, Владата донесе одлука за основање на Јавна установа за негово управување и заштита, преку која ќе се преземаат конкретни мерки за утврдените зони.
Шар Планина го добива овој статус во годината кога одбележуваме 30 години од независноста, односно за првпат од осамостојувањето се случува прогласување на нов национален парк.
Во време кога шумите во земјава и регионот се девастираат од пожари и други катастрофи, во време кога климатските промени нѐ предупредуваат дека заштитата на природните богатства е императив за целиот свет, ние сме обврзани да ги вложиме сите сили во заштита на овој регион, кој се одликува со својот биодиверзитет и други вредности и разноликост.
Новоформираната јавна установа ќе има важна задача да воспостави систем на одржливо управување на ова значајно подрачје, за одржлив социо-економски развој и воспоставување на поширока прекугранична соработка.
Големата загуба на скапоцени шуми со која се соочуваме деновиве, укажува на потребата дека ваков посебен статус треба да им се додели и на други региони и со тоа да зајакне контролата и заштитата во овие подрачја кои се од непроценливо значење за сите нас.