Заменик-државната секретарка на Стејт Департментот, Венди Шерман при средбата со премиерот Зоран Заев ја поздрави заложбата на Северна Македонија за учество во заедничката хуманитарна мисија за згрижување на граѓаните на Авганистан и истакна дека земјава е потврден и доверлив партнер на САД.
Благодарност стигна и од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој изјави дека ја цени поддршката што ја понудија земјите дел од оваа мисија и дека САД се горди што работат со нив на заедничката поддршка за авганистанскиот народ.
До овој момент Северна Македонија има преземено обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан – вработени и семејства на вработени во хуманитарните, демократски и мировните меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминативе 20 години беа поддршка за НАТО силите во Авганистан, вклучително и на македонската армија.