Штипските земјоделци деновиве први ги добија картички за зелена нафта, а им ги врачи директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски. Во подрачната единица во Штип се доставени вкупно 1.148 картички за точење „еуродизел гориво за земјоделска механизација“ со вкупна вредност од 7,7 милиони денари.
Делењето на картичките почна од полјоделците кои ја завршија жетвата, бидејќи сега секој денар им е добредојден за да се подготват за есенска сеидба. Средствата кои се на располагање треба да се искористат најдоцна до крајот на април наредната година, а секој земјоделец на картичката добива зависно од тоа колкава површина обработува и од земјоделските култури што ги одгледува. Се финансираат 50 проценти од утврдените трошоци за гориво за земјоделска механизација.
Годинава за зелена нафта за земјоделците се обезбедени вкупно 200 милиони денари преку програмата за директни плаќања во земјоделството.