ВМРО-ДПМНЕ повторно на дело ја покажа својата безидејност и во отсуство на решенија и политичка понуда, одново се впушти во блокирање на реформските закони во Собранието. Уште на првиот ден од почетокот на работата на Собранието опозиционерите решија да кочат правосудни законски решенија во интерес на граѓаните, а ваквиот деструктивен потег го најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој буквално изјави дека „ќе го блокираат носењето на секаков вид закони“ доколку се користи европското знаменце.
Ваквата манипулација дека се злоупотребува европското знаменце беше експресно демантирана од страна на Министерството за правда, од каде го потсетија Мицевски дека повеќето од овие закони се изработени токму во директна координација со Европската комисија и се дел од Стратегијата за реформи во судството чие спроведување е обврска кон граѓаните и кон ЕУ.
„Со жалење констатираме дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да влезат во собраниска дебата со цел да дадат и свои предлози, тие свесно манипулираат на штета на реформите во судството, а со тоа и директно на граѓаните“, реагираше Министерството за правда.