Владата предводена од СДСМ заедно со општините ги поставија инвестициите во инфраструктурата како приоритет во владеењето, што резултираше со илјада километри реконструирани и изградени патишта за само четири години, наспроти 650 километри патишта во единаесетте години на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев на партиската трибина потенцираше дека Струмица е веќе европски град, кој е одлично поврзан со останатите краишта од земјава.
„Ние сработивме и добро и секој ден постигнуваме сѐ подобро. Конкретно овде во Струмица, реализирани се: магистралниот пат Струмица – Ново Село, магистралниот пат Радовиш – Струмица, во тек е рехабилитацијата на регионалниот пат Струмица – Берово“ кажа Заев.
Генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски истакна дека и Истокот конечно добил нови експресни патишта.
„После 40 години се градат експресни патишта низ целиот Исток, низ целата трета изборна единица. Нема регионален пат којшто не е реконструиран и нема нов асфалт после 40 години во целиот регион“, кажа Николовски.
Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски потсети на клучното значење на централната власт во подобрувањето на инфраструктурата на локалната самоуправа.
„Сите регионални патишта околу Куманово се готови или при крај, а 50 години не беа чепнати. Тоа се вкупно 120 милиони евра финансиски средства од државниот буџет“, кажа Спасовски.