Потребите на работниците и нивните права се најважниот дел во новиот Закон за работни односи, кој е прв од 2004 година, на кој Министерството за труд и социјална политика интензивно работи заедно со работниците претставени преку синдикатите и со Организацијата на работодавачи, социјалните партнери на Економско социјалниот совет.
„Со законот ќе бидат регулирани договорите за работа на определено време, ќе се скрати долгиот период од пет години кој беше досега. Ќе има измени и во делот на регулирање на породилното боледување, сакаме да ги вклучиме и татковците во овој процес заедно со мајките на нивните потомци. Минатата година донесовме измени на Законот за работни односи во делот на пензионирање со 64 години возраст со тоа што доколку жени со наполнети 62 години возраст изразат желба можат да отидат во пензија“, образложи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Исто така еден од законите кои го надополнуваат овој закон е и оној за недела – ден на неделен одмор, кој е заглавен на второ читање во собраниската Комисија за труд и социјална политика со амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Жал ми е што опозицијата не излезе во пресрет на работниците и ова право да биде испорачано во септември, но многу брзо после започнување со работа на Собранието во ноември ова законско решение ќе биде изгласано и работниците ќе можат и ова право да го уживаат на еднаква основа со останатите граѓани и неделата да ја поминат заедно со своите семејства. Минатата година учествувавме во креирањето на шесте финансиски пакети за поддршка на работниците преку субвенционирање односно давање финанскиски средства на работодавачите во делот на исплата на плати и останатите други финансиски придонеси во правец на доделување на потребите на социјално ранливите категории граѓани“, истакнува Шахпаска.