Обраќање на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски
Почитувани граѓани, почитувани медиуми
Нашата цел да составиме стабилна Влада, со јасни принципи на делување во интерес на граѓаните и државата е исполнета.
Задоволен сум како течеше целиот процес, во позитивна и конструктивна атмосфера, посветени на одговорноста за подобра иднина на сите наши граѓани.
Денеска со одлуките на Централниот одбор на СДСМ се заокружи овој процес.
Пред да преминам на кадровскиот состав на Владата односно министрите од СДСМ, ќе акцентирам неколку клучни столбови, вградени и во владината програма, врз основа на коишто ќе се базира работата на новата Влада.
Новата Влада предводена од СДСМ значи ефикасност во работењето, одговорност и посветеност во решавањето на сериозните предизвици кои се пред граѓаните.
Примарен фокус во следните месеци ќе биде ставен на нашиот силен одговор на глобалната енергетска криза која се надоврза на веќе тешката економска состојба предизвикана од Ковид пандемијата.
Свесен сум колку граѓаните и компаниите се финансиски исцрпени и новата Влада целата енергија ќе ја насочи кон обезбедување на соодветна финансиска поддршка, зајакување на економијата, отворање на нови работни места и заштита на постоечките.
Веќе имаме подготвен план. Подговуваме сет на мерки кои ќе значат директната поддршка за граѓаните и стопанството, ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните но и помош за компаниите. Во буџетот веќе има резервирани 130 милиони евра, а правиме аналзизи за алокација или обезбедување на повеќе средства.
Ова Влада има можност во следните 2,5 години континуирано и без изборни циклуси, да се посвети целосно на економијата и квалитетот на живот на нашите граѓани.
Веќе има поставено одлични економски политики, но за кои е потребен многу подобар систем на имплементација од сегашниот.
Граѓаните очекуваат ефикасност, ефективност и видливи резултати и јас, заедно со мојот тим на тоа се обврзуваме.
Со посветена работа и вистински економски политики очекувам континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Секако, ова примарно ќе биде условено и од глобалните кризи и економски текови, но со силен фокус на економијата и висока реализацијата на капиталните инвестиции верувам дека може да го постигнеме.
Најавувам драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании.
Понатаму, ставаме фокус и на намалување на невработеноста, која до крајот на мандатот наша цел е конечно за првпат да биде едноцифрена. Со добрите економски политики и антикризни мерки веќе спасивме 60.000 работни места во пандемијата.
Понатаму, ќе продолжиме со зголемувањето на платите и пензиите. Согласно анализите Просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте.
Ги правиме последните анализи за времето и висината на зголемувањето на минималната плата со цел обезбедување достоинствен живот за сите граѓани.
Нема да има зголемување на даноците, граѓаните и компаниите бараат стабилност и предвидливост. Но, ќе воведеме поголема ефикасност и силна борба против сивата економија.
Состојбата со ковид пандемијата внимателно ја следиме. Во координација со Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб заеднички ќе делуваме во заштита на здравјето на граѓаните. Вакцинацијата и натаму останува приоритет и истата треба дополнително да ја интензивираме.
Најавувам градежна експанзија во делот на инфраструктурата.
За 2,5 години финиширање на најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта.
Целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава и поставување на условите за почетокот на користење за домаќинствата како и нови инвестиции во еколошки и обновливи извори на енергија.
Имаме добри и успешни земјоделски политики кои се димензионирани да во вистинско време им се помогне на земјоделците, кога им е најпотребно. Силната поддршка на земјоделието ќе продолжи и во иднина.
Како влада ќе бидеме посветени на бескромпромисна војна против криминалот и корпуцијата. Да нема недопирливи и секој да одговара.
Нашиот концепт Едно општество за сите е веќе општо прифатен, тоа е наш успех но и нова вредност. Еднаквоста во општеството ќе продолжиме да ја градиме.
Владата предводена од СДСМ ќе остане посветена на стратешките цели, евро-атланските интеграции и полноправно членство во ЕУ.
Формирањето на нови влади и кај нас и во Бугарија дава нова шанса и надеж во разговорите што ги водиме со нашиот сосед.
Врз база на европските вредности и принципи ќе продолжиме да разговараме и да бараме решение.
Секако, врз основа на утрвдените државни позиции и Декларацијата усвоена во Собранието со поддршка од сите партии.
Во однос на кадровските решенија во новата Влада, сметам дека се луѓе кои имаат професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството.
Луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина.
Станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација во своите ресори.
За министри од редовите на СДСМ во новата влада кои ќе ги доставам до Собранието се:
Вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, магистер по математички науки.
Вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер
Вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда, магистрант по меѓународно и европско право.
Министерка за одбрана, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ, поранешна заменик-министерка за внатрешни работи во техничката влада.
Министер за ватрешни работи, Оливер Спасовски, кој и досега ја извршуваше оваа функција, магистрант по уставно право.
Министер за правда, Никола Тупанчевски, познат професор на Правниот факултет.
Министер за земјоделство, Љупчо Николовски, поранешен и јас би додал успешен министер во овој ресор.
Министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, магистар по социолошки науки, членка на повеќе меѓународни тела, директорка на Државниот инспекторат за труд.
За министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ, Доктор на науки, професорка на Педагошки факултет.
Министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, актуелен министер, поранешен градоначалник, дипломиран архитект.
Од сите нив очекувам максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
Составот на новата Влада и владината програма утре ќе ги доставам до Собранието на Република Северна Македонија.
Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните.
Почитувани граѓани, поставуваме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме.