Обраќање на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на традиционалниот народен пикник на Пеленица
Почитувани граѓани,
Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста и нека е за многу години.
Гордост е, токму на Денот на независноста, како претседател да зборувам за патот на македонската државност, за европската иднина, но и за придонесот на СДСМ.
Ако погледнеме наназад во изминатите 31 година, заклучокот е тој. Секогаш кога и било тешко на Македонија СДСМ била тука, водела напред и секогаш била на вистинската страна.
Од процесот на создавање независна држава, меѓународно признавање, преку кандидатски статус, решавање на споровите со соседите и реализирање на стратешката цел, членство во НАТО, па се до почетокот на преговори со ЕУ оваа година.
И затоа денеска после 31 година со гордост можам да кажам: Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна на македонската современа историја. Денеска тоа е европската иднина на земјата, на сите наши граѓани.
Конечно, после 17 години во чекалницата, успеавме и го направивме клучниот чекор од нашата последна етапа во евро-интеграциите. Започнавме преговори со ЕУ за полноправно членство, со чист македонски јазик, со сочуван македонски идентитет и посебност.
СДСМ го имаше товарот да се носи со едни од најтешките глобални предизвици. Прво со надминување на последиците од пандемијата со коронавирусот а потоа и со решавање на најголемата економска и енергетска криза што последните неколку месеци ја тресе цела Европа и светот.
Сега пред нас повторно е сериозно тежок период, но ние сме подготвени. Со одговорен и ефикасен пристап, го зголемуваме домашното производство на струја со цел таа да биде постојано достапна за домаќинствата, стопанството и за јавните установи.
Цената на електричната енергија за домаќинствата и ја субвенционираме во висина од 80 отсто и така ќе продолжиме. Обезбедуваме струја, но и храна, во кризниот период да има доволно и постојано и за граѓаните и за стопанството.
Веќе со септемвриската плата обезбедуваме повисоки месечни примања за вработените во образованието, детската заштита, одбраната, полицијата…
Следува и рекордно зголемување на пензиите на над 320.000 пензионери согласно новата методологија договорена со здруженијата на пензионерите.
Ова се само дел од мерките кои имаат за цел заштита на животниот стандард на граѓаните во време на криза.
Тоа е новиот влог на СДСМ за граѓаните и стабилноста на земјата во услови на најтешка економска и енергетска криза по Втората светска војна.
Со мудри, трпеливи и државнички одлуки СДСМ ја донесе Република Северна Македонија во нова ера, ново европско поглавје од македонската историја. Поглавје во кое со затворени прашања со сите соседи може да продолжиме кон Европската унија, по патот на развојот и напредокот.
Го реализиравме концептот „Едно општество за сите“, создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.
Почитувани,
СДСМ се врати на победничките патеки. Последните резултати од локалните избори покажуваат дека ако работиме, ако сме меѓу граѓаните, ги слушаме нивните потреби и делуваме – победуваме.
Јас реков дека во политиката со интересот на граѓаните нема да калкулираме и од тоа не отстапувам. Ние мора да ја покажеме и ја покажавме разликата помеѓу нас и нашиот опонент. А разликата е голема и видлива.
СДСМ е државничка партија која води напред и го гледа државниот интерес, ВМРО-ДПМНЕ е парија која само ги гледа своите тесно партиски интереси.
СДСМ е партија која води кон иднината, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од иднината, тие водат единствено назад кон времиња на несигурност, бесперспективност, блокади и деструкции.
Додека СДСМ води кон реформи во судството и борба против корупцијата преку европеизација, ВМРО-ДПМНЕ ги бара назад времиња во кои се чувствуваат удобно во нивните криминални методи.
Единствена причина зошто ВМРО-ДПМНЕ сака да го блокира нашиот пат кон ЕУ е затоа што таму каде што се движи земјата, таму нема место за ретроградни политичари.
Таму нема да има место за узурпација на институциите, таму нема да има место за нови прислушувања и притисоци.
Нема да има место ниту за не реформирани партии, како што е сегашното ВМРО-ДПМНЕ кое никако да ја научи лекцијата. Наместо тие да се приклучат кон напредокот, тие се борат напредокот да застане.
Затоа сум сигурен, ние сме вистинската опција за граѓаните, европска опција за европска иднина.
Граѓаните никогаш немале појасен избор иако многумина сакаат да не прикажат како исти. Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски партнер Левица имаме со сигурност враќање назад и неизвесност. Тоа тие не го ни кријат, тоа тие јавно го кажуваат.
Деновиве сме сведоци на последните очајни обиди на блокада на европските интеграции. Иницираат референдум против ЕУ интеграциите на земјата и веќе целосно и јасно ги изјаснија своите антиевропски позиции.
Овој референдум е однапред осуден на пропаст а нема поддршка ниту од опозициските партии, ниту од самите поддржувачи на Мицкоски во партијата.
Покрај тоа што е антиевропски оваа иницијатива е последната потврда на хипокризијата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Неискреноста, лажниот патриотизам веќе не поминуваат, прочитани се од сите граѓани.
Затоа Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против предлогот во Собрание. Затоа најавуваше поништување на територијалната поделба а не го направија тоа. Затоа избегаа од референдумот за Преспанскиот договор. Затоа и поставија прашање за Договор за кој јавно кажаа дека го поддржуваат.
Но тоа зборува за нив. Неискреноста и политиканството се тие кои ќе му ја завршат кариерата, но за тоа ќе биде самиот виновен а не народот.
Граѓаните сакаат да ја водат државата луѓе со искрени намери, со јасна цел во интерес на сите. А не луѓе кои се кријат и лицемерно се грижат само за својата позиција, за својот личен интерес.
Во Собрание ќе излезат од сала и нема да гласаат, а потоа ќе велат народот нека гласа а тие ќе седат дома. Тоа не поминува.
Почитувани граѓани, продолжуваме напред. Продолжуваме по европскиот пат, веќе ништо не може да го спречи развојот.
Знам и силно верувам дека мнозинството граѓани даваат поддршка на овој пат и дека ќе ни се придружат да го изодиме до крај.
Северна Македонија до 2030 ќе биде членка на ЕУ а до тогаш ќе се развива, реформира и унапредува во секоја пора од општеството.
Европеизација значи подобри закони, праведна држава, посилна економија и развој. Нема да дозволиме да запреме сега кога сме на чекор од реализација на стратешките цели.
СДСМ останува на своите принципи и државнички постулати. Продолжуваме со грижа за сите, со поддршка во време на криза, со инвестиции.
Да живее Денот на независноста! Да живее Европска Македонија! Да живеат граѓаните!