Обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Централен митинг, Скопје, 04.12.2016
Добровечер Македонијо!
Ако речам добровечер Скопје, треба да кажам и добровечер Крушево, Прилеп, Кичево, Демир Хисар, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Велес, Берово, Гостивар, Тетово, Македонска Каменица, добровечер и Делчево, Пробиштип, Штип, Валандово, Гевгелија, Ресен, Битола, каде што бевме – и Охрид, Струмица, Куманово… каде што ќе одиме. Добровечер и до сите други градови и села ширум Македонија!
Затоа што ова вечерва е нешто многу повеќе од Скопје.
Затоа што ова што се случува вечерва е нешто поголемо од митинг. Ова е Македонија!
Ова е вечер на храбрите и достоинствени луѓе, кои не наведнаа глава под бурите и облаците, туку веруваа во сонцето и светлината на денот.
Ова е вечер за паметење што ја најавува светлината на денот!
Рацин вечерва во секој од нас вели, Силно светнал ден!
Свети! Свети Животот пријатели! Извира од секој поглед!
Сте слушнале ли за нешто посилно од волјата за живот?
Цврстината на таа волја за живот го чисти нашиот патот кон нашиот заеднички живот, во оваа наша преубава земја.
НИЕ МОЖЕМЕ!
НИЕ ВЕРУВАМЕ!
ИМАМЕ НАДЕЖ!
ИМАМЕ ВИЗИЈА!
ИМАМЕ ЗНАЕЊЕ!
ИМАМЕ ПЛАН –
ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА!
И ЌЕ ИМА ЖИВОТ ВО НАШАТА МАКЕДОНИЈА!
За само 7 дена ќе светне утрото кога ќе го почувствуваме животот на дланка.
Другари, познаници, пријатели,
Би сакал да можевте да погледнете во моето срце. Но бидејки тоа не е можно, ви го отворам срцето – слушнете го тој гласен шепот на благодарноста што ја чувствувам кон сите вас и кон својата земја.
Благодарен сум и затоа што ја добив честа да застанам рамо до рамо со вас, моите соборци, на браникот на слободата, правдата и напредокот на нашата земја, разнишани до темел, кои ни се закануваа да ни се урнисаат по глава – а ги задржавме со голи раце.
Видете `не денес – исправени, горди, надежни, одлучни.
Нели е прекрасна оваа вечер полна со исчекување?
Да, се смрзнувавме по улиците, се потевме под шаторите, `не затвораа, `не притвораа, ни се закануваа, `не уценуваа, `не притискаа .
Вие сте вистинските херои. Нема херој без лузни. Тие лузни се потсетување на сите претрпени злодела, и тие лузни се ветување дека никој од нас нема да се осмели тоа да му го направи на некој друг, затоа што знаеме како е.
Другари ВРЕДЕШЕ. Ја добиваме најголемата, битката за живот на секој наш граѓанин.
Затоа денеска моето срце е полно, а во него има место за сите. Сите непреспени ноќи, изодени километри, изговорени вистини, `се доби смисла.
Кога гледав како се раѓа надежта на бледото лице на тетка Зоре во Штип, додека `и велев да се држи, да не и се предава на болеста бидејки ќе има, многу брзо ќе има бесплатно болничко лекување за сите, па таа ќе може да се лекува во болница, а не дома;
Кога ја гледав радоста на Маре додека слушаше дека минималната плата ќе биде до 16.000 денари и тоа ќе важи за сите работници, тоа значи и за неа како текстилна работничка, дека ќе им се плаќа секој час прекувремена работа и тоа ќе важи за сите;
Кога ја гледав радоста на Спасе во Берово, дека ќе дојде ред и неговото сирење да се продава, децата да му се вратат од туѓина, дека ќе може од шталите да направи фарма и заедно да работат;
Кога ја гледав возбудата на Ивана, Кире, Златко, Беса, Усније, Лука – кој на завршување факултет, кој дипломиран – за нивните шанси за иднина во Македонија – дека веднаш по факултетот ќе добијат можност за вработување, дообразование или пракса или тренинг –
Низ сите овие средби, разговори, со вас се раѓаше во мене едно огромно чувство на олеснување дека не погрешив кога одлучив да верувам во своите граѓани и да верувам во Македонија.
Почитувани граѓани,
Еве овде во овој План за живот во Македонија се содржани сите ваши планови за вашите животи. Затоа што Планот го пишувавме заедно. Затоа што овој план заедно го поставивме на наука, историја и факти. Затоа што го зедовме најдоброто од светот за да го донесеме светот во Македонија. За децата да ни се вратат од странство, за и ние да го видиме нашиот живот, нашиот добар живот, овде.
Ова е план за повисоки плати, за просечна плата од 30.000 денари – наместо гола сиромаштија на над 500.000 луѓе.
Ова е план за силна поддршка на домашните фирми – за 100 пати поголема од сега, за реални, нови и добро платени работни места – наместо катанци на вратите и безработица.
Ова е план за враќање на парите кај граѓаните, за намалување на давачките, а зголемување на семејните буџети – наместо казни, извршители, изнемоштувачки кредити.
Ова е план за институции кои работат во служба на граѓаните – а не по сурови партиски директиви.
Ова е план за правда и правично општетство во коешто законите ќе важат подеднакво за сите – наместо да фрлаат во затвор луѓе кои краделе леб, а оставаат на слобода криминалци кои крадат `се, па и животи на луѓе.
Ова почитувани граѓани, е план за младите да останат во Македонија.
ОВА Е ПЛАН ШТО ЈА НОСИ МАКЕДОНИЈА ВО ЧЕКОР СО ЕВРОПА, ТАМУ КАДЕ ШТО ПРИПАЃАМЕ, ТАМУ КАДЕ ШТО Е НАШАТА ИДНИНА.
И ЗАТОА САКАМ ДА УКАЖАМ – ДЕКА ГЛАСОТ НА 11 ДЕКЕМВРИ Е ГЛАС ЗА СОПСТВЕНАТА ИДНИНА.
Клуч за напредок на нашата земја е стабилноста на Македонија.
Останувањето на Никола Груевски на власт не носи стабилност, знаете и вие. Носи немир. Никој не е мирен со оваа власт. Не се мирни поддржувачите на опозицијата, не се мирни неопределените граѓани, не се мирни ниту членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Да знаете, доаѓа време кога сите ќе бидат мирни и спокојни. Доаѓа време кога никој нема да стравува за НИШТО!
ЗАТОА,
Барам од секој од вас да го препознае овој историски момент на прекршување, кога режимот пука, а живот никне. Се раѓа Живот!
Слушам повик за тоа кој е подобар.
Вие го знаете одговорот!
Ќе погледнете во очите на своето дете, во својот дом, и знаете –
Знаете дека ова не е обична изборна кампања,
Овие избори се над СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ,
Овие избори се за вас, за вашите животи, за животите на вашите деца, за животите на вашите внуци.
Овие избори се нашата заедничка иднина во нашата заедничка земја, Република Македонија.
Затоа одговорноста е толку голема.
Затоа што ова ИЛИ – ИЛИ не е обично правење разлика на ОСТАНУВАЊЕ ИСТО или ПРОМЕНИ.
Ова ИЛИ – ИЛИ значи ПРОПАСТ или ЖИВОТ.
Се обраќав на многу луѓе целиот овој изминат период, не само за време на кампањата, туку и претходно, уште кога заедно ги запишувавме проблемите, па заедно ги поставувавме идеите, па заедно ги договаравме мерките, додека заедно да го создадеме Планот за живот во Македонија.
Денеска ќе се обратам кон младите и кон старите.
Почитувани млади,
За вашата иднина се работи. За вашиот живот се работи во Република Македонија. Знам дека си ги сакате другарите. Знам дека си го сакате семејството. Знам и дека сакате живот. И затоа сакам да ја прифатите оваа моја рака, еве! Ја подавам мојата рака – на секој од вас. Знам што значи да си млад како вас. Не е тоа толку одамна за да не можам да се сетам со какви очекувања излегов од факултетските клупи, со каква трема влегов во бизнисот и колку се радував на секој нов успех, на секое ново отворено работно место, на секоја подадена плата. Јас знам што ви е потребно – на младиот човек прво што му е потребно е шанса. Знаат младите да си ја препознаат својата шанса. За да ја добиете вашата шанса, почитувани млади, вие прво треба да изберете каква иднина сакате.
Многумина од вас разочарани од состојбите во земјава, ја напуштивте Македонија. Се упативте во голема неизвесност. Јас ви нудам избор да останете со цврсто закотвени сидра на своето парче земја. Тука каде што ќе добиете можност за неповартни 10.000 евра да отворите сопствен бизнис, или бесплатен деловен простор во старт ап центри, или кредити со само 1 процент годишна камата. Во ваши раце се и белото знаме со кое можете да се предадете и црвеното знаме на животот со кое ќе ја прогласите својата победа. Иднината е ваша, и одлуката е ваша. Ве повикувам заедно да донесеме живот во Македонија.
Почитувани баби и дедовци,
Се сеќавате ли на моментот кога за прв пат го држевте своето внуче во раце, на првата насмевка, на првиот стисок на вашиот прст. Дали се сеќавате какви планови имавте да го гледате како дипломира, како основа семејство, како се радува на свои деца. Каде ви се внуците сега? Има ли нешто што може да ја надополни таа празнина во животот?
Има. Пенкалото во вашите раце на 11 декември.
Секој од вас почитувани граѓани, од админстрацијата, од приватниот сектор, невработени, земјоделци, приматели на социјална помош, секој од вас на 11 декември ќе ги добие своите 5 минути да го избере својот живот.
Да си ги вратите внучињата, да си ги израдувате децата, да си обезбедите спокој на работното место. Стабилна Македонија значи секој да си ја врши својата работа и да си ја сочува својата работа. За тоа сме определени. Да земате и повиски плати, да ви живне и дуќанчето, па да ви стане дуќан, фирмичката да ви стане фирма, од невработен да станете вработен.
Има и место и шанса за живот на сите граѓани во оваа наша Македонија, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, другите, за сите!
Ама прво ќе треба да изберете живот.
Ќе се обидуваат да ви го купат гласот, можеби да ви прават притисоци, ќе се обидуваат да ви зборуваат за апсурдни федерализации што постојат само во главата на безидејниот Груевски кој нема ништо друго да им понуди на граѓаните освен измислици и лаги. Се обидуваат сите тие кои ќе го прават тоа да се спасат од одговорноста што ги чека – за да ги спречат промените. Затоа што се плашат од тоа што носат промените за нив.
Но за вас промените за коишто зборувам се вашиот живот.
Јас зборувам за вашето уставно право на слобода на избор.
На гласачкото место вие сте сами. Во тој момент сами носите одлука за својот живот.
Почитувани граѓани,
Во недела ќе покажеме дека ЗАЕДНО МОЖЕМЕ,
СПЛОТЕНИ како никогаш досега,
ОДГОВОРНО, СО ВЕРБА, СО НАДЕЖ И СИГУРНОСТ
ЌЕ ГЛАСАМЕ ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА!
Тој глас ќе биде ветување што го даваме на нашите деца, дека секој од нас може да успее и во битките што изгледаат невозможни.
Верувам дека заедно имаме огромна сила и огромен потенцијал да успееме.
Нашиот глас во недела ќе биде глас за овој План што носи живот. За правично, праведно и еднакво општество за сите. За општество кое ќе биде посветено на граѓаните, а не на функционерите. Одлучни сме – СЕКОЈ Е ЕДНАКВО ВАЖЕН. Гласот на секој од нас е глас за МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ!
Отчукуваат промени, слушнете го гласот во себе.
Ве повикувам да почнеме од овој момент.
Земете ги своите мобилни телефони во рака!
И сега, оттука, испратете по една СМС порака на ваш близок, другар, роднина, пријател, до кого мислите дека е потребно ова охрабрување – пишете им – Гласај за живот во Македонија! Мојата СМС порака е подготвена, ја испраќам на мојот колега од факултет Гоце – другар потребен си и на државата, Гласај за живот во Македонија!
Почитувани граѓани,
Цела Македонија е на нозе.
Денес Македонија е вуклан на животот.
Подгответе се – на 11 декември доаѓа животот.
Мислете на 12 декември. На светлината на денот што ќе ве разбуди. На денот кога ќе излезете на улица и среде зима ќе го почувствувате мирисот на пролетта.
На моментот кога ќе станете свесни дека вие сте донеле живот во Македонија. Еееј живот! Има ли нешто поважно и повредно од тоа!
Ајде да донесеме живот во Македонија! Гласајте за број 4 – изберете Живот!
За живот во Македонија!
Да живее Македонија и сите нејзини граѓани!