fbpx

Итно да се ратификува Конвенцијата за спречување насилство врз жени!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање,
Фросина Ременски, министерката за труд и социјална политика
06.10.2016 година

Насилството врз жените, вклучувајќи го насилството во семејството претставува кршење на човековите права на жртвите и пречка за остварување на нивните фундаменталните слободи и права. Илјадници жени низ Европа не ги уживаат нивните права и тие се жртви на различни видови на насилство и се повеќе страдаат од емотивно и сексуално злоставување пред се од нивните партери.Семејното насилство пак или насилството спрема други членови на потесното и поширокото семејство како што се децата, мажите и старите лица, исто така е скриен феномен и има негативно влијае во секојдневниот живот во многу семејства и затоа истото не треба да биде игнорирано од одговорните институции на меѓународно и национално ниво.

Тука потребно е да се спомене и домашното насилство спрема децата кое за жал е исто така широко распространето а изработените студии и анализи ја покажуваат огромната врска помеѓу домашното насилство спрема жената и физичката злоупотреба на децата како и траумата на децата, како резултат на насилството.

Почитувани,

Анализите направени на меѓународно и национално ниво укажуваат дека и Република Македонија е дел од глобалниот проблем на насилство спрема жената и семејното насилство кој бара мултидисциплинарен односно сеопфатен пристап.

Имајќи во предвид дека сеуште постојат празнини во многу држави вклучувајќи ја и Република Македонија, треба да се согласиме дека итно потребно е да се превземе поголема одговорност во доменот на превенција,спречување и заштита од насилство врз жените вклучувајќи го и семејното насилство но исто така и кривично гонење на сторителите .

Затоа почитувани денешната средба е пред се прилика за покренување на една заедничка иницијатива за превземање на поефикасни мерки од аспект на измена и дополнување на законската регулатива како и ревидирање на капацитетоите на воспоставените механизми за заштита на жртвите во нашата држава.Ова ќе помогне во што побрз рок донесување на закон за што побрза ратификација на Конвенцијата за спречување и заштита од насилство врз жената вклучувајќи го и домашното насилство.

Имено како што знаете Република Македонија ја потпиша Конвенцијата на Совет на Европа или Истанбулската Конвенција за спречување и борба против насилство врз жените вклучувајќи го и домашното насилство во 2011 година, со што во РМ се создадоа услови за превземање на конкретни мерки за превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство како и кривичен прогон на сторителите на овој вид насилство вклучувајќи го и домашното насилство.Исто така со донесувањето на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и вградувањето на дел од стандрадите на Истанбулската конвенција направен е исчекор кон унапредување на системот на заштита на жените жртви на насилство вклучително и домашното насилство во граѓанската област.Сепак Република Македонија е едиствената земја во регионот која ја нема ратификувано оваа конвенција,што значи дека ги нема воспоставено во доволна мера стандардите и механизмите што ги бара оваа конвенција за да се заштитат пред се човековите права на жените и на жртвите на домашното насилство.

Затоа почитувани присутни сакам уште еднаш да ги потенцирам главните цели на оваа конвенција кои треба да ги препознае и да ги имплементира и нашата држава во наредниот период како предуслов за ратификација на конвенцијата.

Спречувањето на насилството, заштитата на жртвите и кривичното гонење претставуваат темел на конвенцијата. Нејзина цел е исто така промена на начинот на размислување и на менталитетот на поединци повикувајќи ги сите граѓани на едно општество а посебно мажите и момчињата, да ги променат своите сваќања и перцепции во врска со ова.

Исто така како дополнително на ова вкоравените стереотипи и традиција продолжуваат да се пренесуваат од генерација на генерација и ја ставаат жената и девојчињата во подредена улога. Затоа Конвенцијата го препознава насилството врз жените како кршење на човековите права и како облик на дискриминација. Тоа значи дека државите се повикуваат на одговорност доколку адекватно не одговорат на таквото насилство.

Овде треба да се напомене дека конвенцијата е првиот меѓународен договор кој ја содржи дефиницијата на род. Тоа значи дека сега постои меѓународен документ кој ја почитува не само биолошката разлика помеѓу жените и мажите туку и општествено конструирана категорија на род со која на жените и мажите им се припишуваат одредени улоги и однесување.

Конвенцијата исто така воведе неколку кривични дела како што се генитално осакатување,принуден брак, принуден абортус и принудна стерилизација. Тоа значи дека државите за прв пат ќе мораат во својата правна регулативада ги воведат овие сериозни кривични дела.

Конвенцијата исто така повикува на активно учество на сите релевантни национални институции и организации со цел координирано делување во заштитата на жртвите на насилство.

Тоа значи дека владините институции и невладини организации не треба да делуваат самостојно туку треба да ја унапредат соработката со цел поефикасно делување .

Почитувани,

На крај би сакала да потенцирам дека со ратификација на оваа конвенција на Македонија ќе и се отвори и пристап до нови фондови за поддршка на државата во развивање на сервисите и стандардите кои оваа конвенција ги поставува. Исто така свесна дека овој процес бара инволвираност на сите релевантни актери на сите нивоа потсетувам дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за заедничка соработка и делување на овој план како со граѓанските така и со меѓународните организации во РМ.

 

Последни вести