Обраќање,
Зоран Заев, претседател
Дваесетти Конгрес на СДСМ,
Скопје, 02.10.2016
Благодарам Стефан.
Благодарам уште еднаш Ричард, Кент, Џакомо, за огромната поддршка што ја давате на Република Македонија, за огромните заложби, лични и на земјите од коишто доаѓате, како претставници на европските институции и ПЕС – за вашата помош, посветеност и придонес за обнова на демократските процеси во Македонија, како и во разврската на најголемата криза во којашто се наоѓа нашата земја.
Катерина и работниците во Македонија, Тодорче и административните работници, Зорица и пензионерите, Саша и земјоделците, Кирил, Никола, студенти и млади луѓе, поради секоја пролеана солза, поради се што изговоривте и се низ што минувате – ние граѓаните: родители, административци, земјоделработници, пензионери, студенти и млади луѓе, присутни во оваа сала и насекаде низ нашата земја, СЕ ОПРЕДЕЛИВМЕ.
СЕ БОРИМЕ ЗАЕДНО И ЌЕ СЕ ИЗБОРИМЕ ЗАЕДНО. ЗА СОЛЗИ НО РАДОСНИЦИ. ЗА НАСМЕВКИ. ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА!
Внимателно ги слушав вашите животни приказни. Верувам дека нема човек во салава кого не го допреа болните вистини што ги чувме. Да, ги знаеме проблемите на луѓето, секојдневно сме во контакт со граѓаните на Македонија, но секогаш одново потресува, секое индивидуално животно искуство.
Од овие емоции ќе остане облак над нас и кога ќе отвориме пат на сонцето. Треба да остане. Како потсетник, не на дождот, туку на храброста на овие луѓе да му пркосат на времето. И тоа да ви биде извор на енергија и одговорност утре кога многумина од вас ќе вршите одговорни функции, на локално или на државно ниво.
Драги другарки и другари,
Пред да го изложам нашиот план за квалитетен живот во Македонија, дозволете ми да ја искористам приликата што заседава највисокиот орган на партијата, Конгресот, за да споделам со вас каква СДСМ посакувам јас, а убеден сум и огромно мнозинство во и надвор од оваа сала.
Сите ние имаме своја визија за СДСМ. Затоа и сме дел од оваа приказна. Но, изминатиов период се обидовме, не само преку многубројните редовни контакти со граѓаните, туку и преку темелни, сеопфатни истражувања, да се погледнеме со очите на другите, со очите на граѓаните. Убавите работи за себе секој сака да ги слуша, но ако сакаме поинаква Македонија, мора првото прашање што ќе си го поставиме сите и секој од нас поединечно да биде – што треба јас да променам кај себе за да можам да ја придонесам за промени во Македонија.
Почитувани делегати, да, точно е, СДСМ се отвори. Битката што ја почнавме е преголема и преважна за да ја водиме сами.
Затоа пораката што сакам да ја испратам и од овој Конгрес е дека:
Секој е важен! Секој е потребен! Секој има мака!
Секој има идеја! Секој има план! Секого ќе ислушаме!
Секому подаваме рака!
Затоа и ги поканивме овие луѓе од различни сфери на животот, со слични но сепак различни проблеми, од различни краишта на Македонија, со различна возраст, со различна професија, чувте и жени и мажи, и нечии родители, и нечии деца. Затоа што планот што го направивме не е мртво слово на хартија. Програмата не е дело на некои луѓе што се затвориле во канцеларија и твореле. Катерина, Тодорче, Зорица, Саша, Кирил, сите вие кои се препознавате во нив – вие го испишавте нашиот план. Ние бевме само моливот во вашите раце. И јас од срце ви благодарам за тоа.
Ве молам слушнете ме сите до еден во салава.
Ги отворавме вратите, разговаравме со граѓаните. Од денеска секој еден штаб, секоја канцеларија, да ги остави вратите отворени! Од овој момент, засекогаш! Луѓето знаат каде можат да тропнат. Ќе ги слушате. И ќе ги решаваме нивните проблеми. Оние кои се плашат од каква било причина да дојдат кај нас, нема да ги заборавиме, ќе отидеме ние кај нив. Вака му доликува да работи на Социјалдемократскиот сојуз. И само така ќе работи.
Другарки и другари,
Дозволете да ви кажам зошто Македонија ќе слави на 11 декември. Што ќе славиме на 11 декември? Пад на режимот? Тој е веќе паднат. Ние граѓаните го турнавме. Победа на СДСМ и на опозицијата? Нам не ни треба победа заради победа, заради хранење на егото, заради власт, и на граѓаните уште помалку им се важни партиските победи. Па што тогаш ќе славиме на 11 декември?
Драги граѓани на Република Македонија, ќе го славиме ЖИВОТОТ! Животот во нашата прекрасна Македонија!
Освен за една фамилија и мала група околу нив, за огромното мнозинство граѓани на Македонија ова денес не е живот. Преживувањето не е живот. Крпен живот е еден од најубавите романи на македонски јазик, но за жал во нашето секојдневие тоа не е само наслов на книга, туку најпрецизен опис на животот на луѓето во Македонија. Доста беше веќе крпен живот во Македонија, време е за достоинствен живот.
Достоинствен не е апстрактно нешто. Достоинствен е кога овде на бината ќе видиме насмевки наместо солзи. Ако некој мисли дека животот е апстрактна именка, нека ги допре солзите на овие луѓе. Солени се, печат, тие се сведокот на реалноста.
Но како би живееле ако земате просечо по 30.000 денари месечна плата? Со платата на брачниот другар, тоа би биле 60.000 денари месечен приход. Како би било ако имате помали трошоци за живот?
Како би било кога не би се плашеле да влезете во супермаркет, кога не би се плашеле од испружената рака на вашето дете, кога не би ви биле стрес трошоците за храна и за сметки, како би било кога не би ве тиштеле долгови и неплатени рати од кредити?
Како би било кога би купувале облека според вкус не според цена?
Или кога би имале пари да отидете на одмор?
Ништо од сево ова што го набројав не е луксуз. Ништо не е неостварливо. Ништо не е нечие ексклузивно право.
Секој има право на достоинствен живот. Да, некој со право ќе рече просечната плата е важна, но мене најмногу ме интересира мојата. Некој ќе помисли дека кога еден е гладен а друг прејаден, во просек никој не е гладен.
Но нема индивидуална среќа без колективна, животот го покажува тоа.
Нам ни се особено важни најзагрозените. Оние кои во просекот влегуваат со најниската плата.
Чувте од Катерина во какви услови работат овие луѓе. Притоа, најниската плата што може да ја добијат е 9.000 денари. Уште во првите шест месеци од новата влада тоа мора да се промени.
Ние имаме конкретен план, и краткорочен и среднорочен. Најниската плата прво ќе биде зголемена на 12.000 денари, а ако мандатот следната влада не го заврши со најниска плата 16.000 денари, тогаш ич нека не се појавува следен пат пред граѓаните.
Да ова ќе биде обврска за фирмите, особено за малите и за средните претпријатија и затоа и нив ќе им помогнеме.
Ова и го правиме и за нив, затоа што ако тие работат добро и граѓаните ќе имаат пари. Ако имате работник на кој не му се враќаат нозете кога треба да оди на работа, ако имате платен и мотивиран работник кој не носи на грб вреќа со проблеми – и успехот на компанијата ќе биде поголем. Потоа и платата на работникот ќе се зголеми.
Уште веднаш, во првиот месец од зголемувањето на минималната плата предвидуваме парична помош за фирмите. Не да ги добијат парите на хартија, а потоа да ги чекаат со месеци како што денес ги чекаат своите побарувања од државата. Веднаш! Пари на сметка! За да може да работат и да исплаќаат плати.
Ротаботодавач ќе има поврат за секоја исплатена брто минимална плата и тоа уште во првата година по промените.
Ова што го говорам, што е предвидено во нашата Програма, бев во Штип, се среќавам со луѓето низ целата земја, го чекаат 50.000 работнички семејства кои сега со голема мака го преживуваат месецот.
Ме прашуваат луѓето од каде пари. Нема да се расфрлуваме за камења и палми.
Ќе ги помагаме домашните микро, мали и средни претпријатија да се развиваат и да отвораат нови работни места. Оттаму пари.
300 – 400 милиони евра годишно оваа власт краде. Од 70.000 фирми во Македонија, најмалку 10.000 од нив ставија клуч на врата. Секоја трета е со блокирана сметка, поради казните од две, три, 5.000 евра. Празни го Буџетот за фамилијарните тендери, полни го со скромната заработувачка од потта на дали и еден вработен во дуќанчето. А државата одвојува мизерни 120 денари годишно, по домашна фирма!
Не – ќе им помогнеме на домашните фирми. Тие ќе бидат столбот на економијата во нашата држава. Ако тие добро работат, ќе има и за пристојни плати и за достоиствен живот на вработените во нив.
Испланиравме 20 милиони евра годишна државна поддршка за малите и средни претпријатија којашто целиме да достигне до 50 милиони евра на годишно ниво.
Ова се реални основи низ коишто ќе отвораме нови, стабилни работни места.
По 108.000 денари државна помош ќе добиваат фирмите за секое отворено работно место.
По 100.000 денари државна помош ќе добиваат фирмите што ќе вработат лице до 50- годишна возраст и ќе му овозможат просечна плата. На овој начин се грижиме и за граѓаните на оваа специфична возраст, кои се во врвот на искуството, а не се вработени.
На оваа земја и треба и инфраструктура, и водоводи, патишта, школи, болници, градинки, зашто е буквално опустошена од оваа неодговорна власт во секој поглед, но какви и да имаме успеси на овој план – џабе ни се, ако имаме граѓани што живеат во тешка сиромаштија. За кого ќе се училиштата што ќе ги реновирами или изградиме, ако имаме во нив ученици чии родители немаат пари да им купат тетратки? Или да ги пуштат на училиште?
Затоа ако треба да дадам наслов на нашиот план за Македонија, тој е: ЧОВЕКОТ ПРЕД СЕ!
Кога ќе го ставиме човекот на пиедесталот, тогаш тој самиот, според неговите потреби ќе ни ги наметне приоритетите.
Нема да дозволиме пак некому да му удри слава во глава, па да тргне од некои свои луди соништа, фрустрации или хирови, или да тргне од лична корист, а не од потребите на ЧОВЕКОТ.
Македонија, почитувани граѓани е една од најсиромашните држави во Европа. Не само што се иселени 626.312 илјади луѓе, најголем дел од нив млади, поради потрага по егзистенција, туку над 500.000 граѓани ни живеат под прагот на сиромаштија.
Среќавам една мајка, вели, 2.500 денари зема социјална помош. Може ли да се преживее со 2.500 денари? Луѓето, не само што се сиромашни, туку се заробени во сиромаштијата. Затоа што, не само што не стига социјалната помош, туку таа е во просек за 60 проценти пониска од самиот праг на сиромаштија. Значи не обезбедува минумум услови за најосновните трошоци на живот да се покријат.
Ние подаваме рака на овие луѓе. Ќе им обезбедиме паричен надомест како надополнување на нивниот приход за да ги извлечеме од сиромаштијата.
Ова се основни потреби на еден човек. Ќе им ги обезбедиме на луѓето.
Драг Саша,
Погледни ги овие дланки! Тука, тука има траги од мојот личен животен пат. За времето кога копав по нивите. И го берев родот. Ја кревам оваа дланка и ви ветувам, земјоделецот ќе ја добие заслужената почит во општеството.
Ние не ве гледаме како бројка, како гласачка машинерија, туку како луѓе кои работат една од најблагородните дејности – обработуваат земја или одгледуваат стока, вие ја обезбедувате основната потреба на секој човек – храната.
Чувме сите за проблемите со откупот, за нелојалната конкуренција, малтретирањата по шалтери. Ќе ви ги обезбедиме сите услови да произведувате, да продавате, да инвестирате, да заработувате, да живеете од вашиот труд.
Ќе го укинеме персоналниот данок за приходи остварени од земјоделска дејност за сите земјоделци кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување. Со сегашната даночна политика, повеќето земјоделци го плаќаат овој данок, што често пати изнесува повеќе од доделените субвенции.
Ќе ги задржиме младите во руралните средини. Младиот земјоделец до 35 години ќе добива зголемена финансиска поддршка за 10 % од основниот износ на субвенциите, пет години од периодот на започнување со земјоделска дејност.
Младите земјоделци до 35 години ќе ги ослободиме од закуп на државно земјоделско земјиште во период од три години и ќе обезбедиме зголемено учество на државата во трошоците за земјоделска механизација.
Ќе обезбедиме финансиска поддршка од 50% при купување на првото стадо.
Ќе формираме инвестициски фондови за осигурување на посевите, животните и растенијата. Овие фондови ќе ги покријат загубите на земјоделците предизвикани од неповолни климатски услови, болести кај животните или растенијата.
Ќе воведеме фонд за стабилизирање на приходите како надомест при значителен пад на приходите на земјоделците.
Ќе подржиме соработка меѓу најмалку два субјекта или меѓу различни учесници во секторите земјоделство и шумарство. Висината на поддршката е 80%.
Драг Тодорче,
Ова што го чувме од тебе не смееме да дозволиме да се повтори.
Утре некој ќе е министер, ќе раководи некое јавно претпријатие. Секој вработен таму мора да биде почитуван и мора да добие шанса да работи и да си ја заработи платата. Тодорче има проблеми затоа што не е поддржувач на политиките на оваа Влада.
Државните и јавните службеници не смееме да ги гледаме така. Тие се таму за да работат за граѓаните, не за некоја партија. Не смее да има ниту притисоци, ниту репресии, ниту реваншизам.
Кога велиме едно општество, не мислиме да запрат само поделбите по етничка и по верска основа, туку и по партиска. Оваа наша Македонија не може да издржи толку големи поделби внатре. Секој до нас треба да знае дека кога се дели, го кине ткивото на Македонија.
Кирил, Стефан, Катерина…
Вие сте иднината на Македонија, а режимот овде упорно работи да ве избрка од оваа земја. Но, готово е. Македонија не може да си ги дозволи овие уништувачки политики ниту ден повеќе. Особено кон вас – кон младиот човек. Ќе ви овозможиме мотив да живеете со семејството, меѓу другарите и блиските, во родната земја. Не сакаме да ве гледаме преку скајп.
Зошто да не му овозможиме на младиот човек 10.000 евра неповратна државна помош за добра бизнис идеја? Да почне сопствен бизнис. Да не зависи од друг. Да не подигнува кредит. Да не се задолжува. Така да ја обезбеди својата егзистенција.
Зошто да не отвориме старт-ап центри во коишто државата ќе обезбеди бесплатен деловен простор за новите компании во првите две години, додека да застанат на нозе? Бесплатно одржување, и архива, и сметководство, `се што е потребно, за оние со креативни бизнис идеи?
Зошто да не дозволиме отворање фирма со само 1 евро основачки капитал?
Или кредити до 15.000 евра со само 1 процент камата годишно за микро бизниси?
Ќе го направиме тоа!
За секој безгрижно да може да планира и основа семејство. Да биде спокоен за егзистенцијата. За и децата да ни бидат среќни. Овде во нашата Македонија да раснеме деца и внуци! Овде да им се радуваме!
Ќе им дадеме шанса и на граѓаните кои заминале да можат да се вратат. Дел од нив се адаптирале на животот во странство. Но дел од нив копнеат по своето родно огниште. Зборувам со нив, верувајте, би се вратиле. Би се вратиле, ако државата им даде шанса.
Затоа ќе обезбедиме директна поддршка на третина од инвестицијата на повратник од странство, ако со неа бидат вработени најмалку 10 лица.
Ќе обезбедиме 22 милиона евра, 3 пати повеќе во однос на просекот од претходните години, за активни мерки за вработување. Сумата ќе расте секоја година, со цел на крајот на мандатот да изнесува 33 милиони евра. Бројот на лицата кои директно ќе се вработат со овие мерки предвидуваме да изнесува во просек, 16.000 лица годишно или 64.000 нови работни места за еден мандат.
На граѓаните кои имаат вкупен месечен личен доход до нивото на законски определената минималната плата, ќе им биде вратен износот што како персонален данок на доход претходно бил уплатен од страна на нивните работодавачи.
Ќе создадеме систем за Повеќе пари кај граѓаните. На секој граѓанин ќе му се вратат 15% од платениот ДДВ од потрошувачките сметки. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.
Ова е само еден од начините како ќе ги намалиме животните трошоци.
Ќе ја вратиме ефтината тарифа на струјата.
Ќе ја укинеме радиодифузната такса.
Ќе ги ограничиме извршителските трошоци што сега се огромни.
За пензионерите со ниски примања, без поддршка од семејството и без сопствен имот државата ќе субвенционира сместување во старски домови.
Преку локални сервиси ќе ги поддржиме самохраните родители.
Еднородителските семејства ќе ги ослободиме од комунални давачки.
Во сите општини каде што има потреба ќе отвораме преноќувалишта и пунктови за храна за никој да не биде без дом и гладни.
Социјалните станови ќе прераснат во колективни станбени заедници коишто ќе бидат управувани од локалната самоуправа и право на користење ќе имаат граѓани во системот на социјална заштита, со ниски примања, како и млади партнерски заедници и лица со попреченост кои не поседуваат друг имот.
На овој начин, со намалување на тековните трошоци, а со развој на домашните фирми кои ќе отвораат нови реални работни места, со пристојни плати, како и со инвестициите што ги планираме во образованието и во здравството ќе обезбедиме квалитетен животен стандард во Македонија, сигурен и безбеден живот во Република Македонија.
Почитувани граѓани,
Вака се сака Република Македонија.
Нема поголем патриотизам од тоа да им овозможиме спокоен и пристоен живот на луѓето во нашата земја.
Се изнагледавме изминативе десет години разни квазипатриоти за кои патриотизам е полнење на личните џебови и партија со над 60 милиони евра имот. Тоа е алчност, не патриотизам.
Патриотизам е кога твојот основен двигател на се што работиш во животот е тоа што го рече и првиот претседател по независноста на нашата татковина – Македонија е се што имаме.
А Македонија, тоа е Кирил, тоа е Тодорче, тоа е Зорица, тоа е Ениса, тоа е Саша, тоа е Катерина, тоа е Адем, тоа се овие луѓе, тоа си ти, тоа е секој од нас.
За сите нас ја бараме и ќе ја оправдаме довербата.
Очекувам успешен Конгрес од којшто ќе излеземе уште поцврсти, уште пообединети, уште поопределени,
За Македонија!
За животот во Македонија!
За Македонија во којашто ќе останат нашите деца!
Ве поздравувам и ви благодарам.