Дел од обраќање на заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска на трибината „ Најголемите актуелни предизвици за глобалната интеграција на Македонија“
Тие луѓе што ја напуштиле Македонија се ресурс кој ние како држава сме го изгубиле, огромен.
Но, се согласувам дека тоа не треба да го гледаме само негативно.
Тие се и прозорец кон светот, тие се и финансиска помош на државата. Тие се и шанса Македонија да го поправи и својот „имиџ“ и своето влијание.
Според мене иселувањето како проблем, се повеќе и повеќе не мачи. Претпоставувам дека и во оваа сала и надвор од неа, не постои семејство што тоа го нема почуствувано на своја кожа.
Еден дел од тие луѓе секако би заминале дури и работите позитивно да се променат, но се согласдувам со оние кои се на почетокот на животот и кои велат дека ќе се борат, ќе се трудат да го подобрат животот дома, но во еден момент сфаќаат дека единствен начин за да го променат својот живот е да заминат одовде, и жал ми е што дел од нив не успеавме да ги задржиме.
Мислам дека има неколку теми кои ќе бидат македонски предизвици во следните 20 до 25 години и кои се причини за големото иселување.“
Едно е чувството дека работите во Македонија одат кон лошо.
Голема недоверба кон македонските институции. Голема недоверба во тоа дека системот функционира, без разлика кој си и како си. Навистина е проблем што правосудниот систем во Македонија денеска има полош „имиџ“ дури и од тој што го имало пред 25 години, пред 15 години и слично. Чувството дека Законот не работи за тебе, туку дека Законот може да биде злоупотребен против секој граѓанин. Значи чувството на непостоење заштита од институциите мислам дека е причина број еден.
Второто чувство е чувство на држава во изолација. Можеби зборот е пресилен но меѓутоа се повеќе и повеќе Македонија како да го губи фокусот па дури и интересот за глобалните интеграции. Кога последен пат сме дискутирале за членството во ЕУ и НАТО?
Денеска го коментираа новиот извештај на Европската унија за парите и начинот на кои тие се користат на Западен Балкан. Страшно е! 12% Македонија само успеала да потроши од парите кои што од 2007 и се на располагање, некаде над 600 милиони евра. Не е кредит, нема да те држат во заложничко ропство, не мора да ги враќаш парите, значи 600 милиони евра, кои што може да се искористат за инфраструктура, за владеење на право, за медиуми, за невладини организации, за создавање работни места, за работнички права, за заштита при работа,12% само се искористени.
Меѓутоа за мене една табела за потсетување е кога ќе го видите списокот со земји, и кога ќе погледнете дека Македонија нема преговори, исто како и неколку други земји, додека Црна Гора со кандидатски статус од 2010 година има 22 отворени поглавја. Две се веќе затворени.
Последната тема за која сакав да дискутирам е прашањето на инситуциите во Македонија. Затоа што мислам дека тоа ќе биде предизвик во периодот после изборите, кои се согласувам, ако чекаме да бидат идеални, ќе продолжиме да живееме во затворен систем. Нема, внатре во системот не постои критична маса за да се обезбедат фер и демократски избори. Со искуството во парлаламент сепак бев шокирана дека во изминативе неколку години 29 пати биле сменети законите за изградба на училишта и градинки – 29 пати! И тоа покажува колку кај нас институциите изгубија на значење и колку кај нас се зависи од моменталната инспирација, било дали е на тој што му текнало, на Миле или пак на некој трет.
Македонската средна класа е премала, и тоа е еден од клучните проблеми за да развиеме демократија која ќе се грижи сама за себе. Со овој одлив на млади кадри тоа станува уште полошо. Македонија не е рекордер по бројот на луѓе кои замнаа последниве 10 години, но е рекордер, неславен, по бројот на луѓе со универзитетска диплома кои што заминаа.
Тоа значи Македонија ги пораснала, ги лечела, им дала основно, средно образование, финансирала какво-такво и високо образование, и во моментот кога можеле да вратат во економијата, ги губиме. Целта мора да ни биде да го реформираме образованието, за да на тие коишто сакаат да останат, да им даде Македонија, да им дадеме сите заедно, шанса да останат.