fbpx

Заев: Македонија се крена, на 5-ти јуни избори нема да има!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Скопје, 15.04.2016

 

Почитувани граѓани,

Македонијо,

Денеска, сите ние овде заедно, без разлика на политичка, национална или верска припадност, го креваме својот глас во име на демократијата и слободата: или Груевски или Македонија.

Сите знаат дека нема услови за слободни, фер и регуларни избори.

Избирачкиот список не е прочистен. Нема реформи во медиумите. Притисоците и мешањето на партијата и државата продолжуваат.

Во земјава е извршен државен удар, срушен е Уставот, погазени се законите.

Договорот од Пржино е погребан. Техничката влада ја укинаа со поништување на сите одлуки на министрите од опозицијата.

Никола Груевски и останатата корумпирана и криминална група прават се’ во обид да се заштитат од одговорноста за криминалот и корупцијата во изминатите години.

Оние коишто ја крадеа волјата на народот, коишто ги крадеа парите на граѓаните, брутално ја злоупотребуваа власта, ги погазија сите човекови и граѓански права, денеска порачуваат дека демократијата не живее овде, дека ја убиле.

Со директно урнисување на државните институции, помилувајќи се самите себе, со одбивање да се прочисти избирачки список и со рушење на Договорот од Пржино, подготвени се за уште една изборна кражба на волјата на граѓаните, на криминални избори.

Затоа се кријат позади лажниот патриотизам, измислувајќи непријатели онаму каде што ги нема, блокирајќи ги ЕУ интеграциите, рушејќи ги односите со меѓународната заедница и ја носат Македонија во изолација.

Денешната прес конференција на заштитникот на злосторничкото здружување, лицето Ѓорге Иванов, потврди дека овој човек не треба ниту ден повеќе да остане на позицијата на којашто е поставен по криминалните избори.

Граѓаните, коишто го бранат својот глас и бараат почитување на основните демократски права, еден човек – еден глас, велат Македонија пред се’.

Нема да дозволиме Никола Груевски и останатата корумпирана и криминална група да ја држи во заложништво иднината на Република Македонија и нејзините граѓани.

Во име на сите украдени, понижени, избркани, навредени граѓани, порачуваме дека демократијата, слободата и правдата живеат и ќе живеат во Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Никола Груевски ги направи изборите на 5-ти јуни невозможни.

Демократска Македонија порачува: на 5-ти јуни избори нема да има!

Битката за Македонија продолжува. Протестите се во тек и ќе се интензивираат.

На 25 годишнината од нашата независност, сите ние овде заедно ветуваме дека достоинствено ќе го одбраниме нашето најсвето право, право на демократија и слобода!

Денеска во еден глас, целиот демократски свет во земјава порачува:

Македонија се крена!

Да живее слободна и демократска Македонија!

 

Одговори на новинарски прашања,

Mедиуми: Господине Заев , велете дека на 5-ти јуни избори нема да има , а денеска тие беа распишани. Како мислите дека нема да има избори?

Заев: Самите избори се направени да бидат невозможни. Изборите беа проектирани согласно договорот од Пржино. Што значи тоа? Гаранција за владеење на правото го урниса Ѓорге Иванов. Техничка влада заради споделена одговорност помеѓу власта и опозицијата, ја поништија синоќа од 23:30 до сабајле до 04:30. Сите одлуки на министрите од опозицијата беа поништени. Прочистен избирачки список нема Македонија. Се дрзна Трајко Велјааносски да распише избори без да го праша ДИК дали има прочистен избирачки список. Нема напредок во реформите за медиумите, тие напротив се уназадени. Разграничување на партијата од државата и притисоците продолжуваат со уште поголем интензитет. Согласно тоа , избори нема да има. Ние сме и живи и здрави, си ја сакаме татковината, си ја сакаме Македонија, целиот демократски свет во оваа наша земја ќе ја одбрани Македонија од оваа криминална и корумпирана група којашто ја има окупирано нашата земја.

Mедиуми : Господине Заев, денеска сте се сретнале со лидерот на партијата на Албанците во власта, господинот Ахмети. За што конкретно разговаравте и кои беа нивните ставови?

Заев: Разговаравме за можноста да побараме од Ѓорги Иванов уште еднаш да ја повлече оваа срамна, неуставна и незаконска одлука. Секако тоа јас го направив со писмо, се надевам дека и другите политички партии тоа ќе го направат.

Mедиуми : Ви се заблагодари што го штитивте од бомбите до сега или бара уште да го штитите од сето тоа што го имавте на рака?

Заев: Не разговаравме за тоа.

Mедиуми: Во таа пригода не го замоливте господинот Ахмети или разговаравте со господинот Ахмети евентуално и тој да се придружи на вашата позиција, да не оди на избори на 5-ти јуни затоа што нема услови кои беа договорени со Пржинскиот договор?

Заев: Повикот за одложување на изборите додека не се исполнат услови за изборите е упатен во континуитет од Социјалдемократскиот сојуз и од здружената опозиција. Тој повик е упатен до сите коишто мислат дека Македонија заслужува регуларни, фер и демократски избори. Секој носи одлука согласно својата совест и согласно органите и телата на партиите коишто ги водат. Јас уште еднаш упатувам апел до сите да се држат до создавањето на услови во оваа наша земја да се организираат регуларни, фер и демократски избори

Mедиуми: Господине Заев, како го коментирате ставот на Русија дека опозицијата поттикнува конфликт во Македонија. Дали ова значи директна подршка на Русија за актуелната власт?

Заев: Македонија мора да го сочува својот кредибилите во очите на целата меѓународна заедница. Потенцирам , на целата меѓународна заедница. Социјалдемократскиот сојуз и најголемата опозициона партија ја водам јас и овие луѓе коишто се позади мене како дел од раководството на партијата, но ги слушате многу често и другите опозициони лидери на какви ставови сме и како се однесуваме. Ние покажавме трпение до небото целиот овој период. Ние сме токму тие коишто потенцираа, покрај тоа што знаејќи дека седиме на маса со криминалци, со бандити, со луѓе коишто ја узурпираа правдата, слободата и демократијата во Македонија, опстоивме во целиот овој процес на зелена маса, на преговори да изнајдеме начин. Никој нема право да ја обвинува опозицијата. И ден денеска, стоејќи овде ја користам можноста да апелирам да нема насилство, на мирни протести. Повикувам на учевство на протести, но на мирни и ненасилни протести.

Mедиуми : И министерот за внатрешни работи е со вас, дали може и тој да ни одговори дали има целосна контрола врз ресорот кој го води бидејќи завчера се маваше по демонстранти, а богами и по новинари?

Заев: Министерот за внатрешни работи не е овде, генералниот секретар на СДСМ е овде. Ќе го прашате министерот за внатрешни работи во министерството за внатрешни работи.

Mедиуми : Господине Заев, претседателот Иванов на двапати повика сите што не се задоволни од одлуката за аболиција да му се обратат, па тој со својот правен тим да бара правен лек за тоа . Дали му се обративте или ќе му се обратите лично на него?

Заев: Јас се обратив , писмото е јавно објавено во јавноста. Тоа го направивме впрочем уште на час време после неговата прва прес-конференција објавувајќи ја оваа срамна одлука. Тоа го правиме континуирано и денеска го направивме на писмено. Дури го упатив на сите правни детали, согласно нашите правни тимови коишто ги знаат сите детали. Се повикува на закон од 1993-та година и член 11 што е укинат и не постои. Го упативме и го потсетивме дека ваква техничка грешка еднаш направил укинувајќи го актот за помилување на господинот Ламбе Арнаудов. Но, сега и покрај техничка има и суштествена грешката. Има причини без број да ја укине оваа срамна одлука којашто го урниса уставот и законите во Република Македонија. И зададе државен удар на нашата земја. Мандат и пол го нема никаде. Еднаш се појави и го зададе најтешкиот удар на Македонија од самостојноста до сега. И додека дишам јас ќе го упатувам тоа да го прави. Но тој тоа нема да го дочека. Јас се надевам дека веднаш ќе ја повлече одлуката за аболиција и за Зоран Заев и за сите таму што се во таа аболиција и веднаш после тоа ќе си даде оставка и ќе го нема.

 

 

Последни вести