fbpx

(Видео) Шахпаска: Тодоров, го уништивте здравството, одете си!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на пратеничката Јагода Шахпаска во однос на Интерпелацијата за работата на министерот за здравство Никола Тодоров, на 80-тата седница на Собранието на Р. Македонија

Господине Тодоров,

ДОСТА Е!!!

Ако во Вас останало барем малку совест, човечност и доблест, ОДЕТЕ си од позицијата министер за здравство! За ова да Ви го кажам кредибилитет ми дадоа :

  • Деветгодишната Тамара
  • Починатата родилка од Гевгелиската болница
  • Нејзиното неродено бебе
  • Родилката од Тетово
  • Родилката од Гинеколошката Клиника во Скопје
  • Новороденчето од Велес
  • Жените од Бутел и Шутка, во 21ви век без гинеколог
  • 60 годишникот од Битола, отруен со дезинфициенс
  • 36 илјади дијабетичари на инсулин
  • 1440 пациенти на дијализа
  • Ефтините, а неквалитетни лекови
  • Скапите промотивни реклами
  • Промашен ,,мој термин,,
  • Нереализирана електронска картичка
  • Здравство со долгови до гуша
  • 400 млади специјализанти
  • Белите мантили со изгубено достоинство , мали плати, доктори во кои се пука
  • Чашата е прелеана!!! Македонското здравство дефинитивно го достигна дното!!!

Требаше да си заминете уште по смртта на Тамара. Како може еден пациент , пред се дете цели 3 години да лута по административни лавиринти низ Вашите комисии за дозвола да се лекува во странство. Второстепената комисија го одби иако кај нас нема услови за лечење . Еден телефонски повик ,, од горе,, одлучи за детски живот. Цела македонска јавност се дигна на нога и бараше одговорност од Вас! А Вие ништо не направивте за ова. Најголемо лицемерие беше согласноста која им ја испративте ден после погребот. Со ова не можете да спиетe. Во најмала рака членовите на комисија требаше да одговараат. До ден денес Вие не поднесовте одговорност. Во држава со ненормална, корумпирана и забегана власт како нашата докторот доби награда наместо казна. Е ова е да се нема совест.

Требаше да си заминете и заради смртта на родилката и нејзиното неродено бебе во Гевгелиската болница.Не може и не смее да се случи доктор во алкохолизирана состојба да дојде на работа, да влезе во сала и да одлучува за човечки судбини. Одговорноста е Ваша зашто нема доволно доктори. Директорот кој Вие го поставивте мора да обезбеди доволно персонал за својата болница. Вашите политики принудија 700 лекари да заминат во странство.

Требаше да си заминете и затоа што РМакедонија од земја со ниска новороденечка и доенечка смртност во 2007 год. денес е прва во Eвропа по доенечка смртност. Според последните податоци за 2014 год на ДЗС, стапката на перинатална смртност е 14,3 на 1000 новородени и е речиси тројно повисока од европскиот просек, кој изнесува 5,2. Во 2007 год.доенечката смртност беше 7,3%, а веќе во 2013 година 9,9% и е двојно повисока од европскиот просек( 4,2). 229 умрени доенчиња во една година! Ова е недозволиво! Не смее средствата од програмите за заштита на мајки и деца да се трошат за други намени. Ова ни се случува поради Вашите реформи. Нема педијатри во јавното здравство. Ако продолжи овој тренд во 2020 год. ќе нема кој да се грижи за децата од 0 до 6 години. Затоа расте смртноста. Изгубена е довербата во системот на вакцинации. Овде при набавката важи критериум најниска цена, а не квалитет. И притоа за иста вакцина различна цена во различни здравствени установи. Граѓаните си купуваат вакцини од странство.

Требаше да си одите и поради Клинички центар кој го растуривте. Денес има 27 клиники со по два директори и со долгови до гуша. Да зборуваме за долговите на клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија и интензивно лекување која достигна 5 милиони евра или за Институт за трансфузиона медицина со 3 милиони евра дог, за детска клиника чија директорка ја наградивте 3 милиони евра, ГОБ 8-ми септември 4 милиони евра, Општа болница Прилеп 3 милиони евра. Со двата директори не ја постигнавте целта за подобро менаџирање и заштеди. Напротив им дадовте плати од по 70 000 денари, а на докторите на Клиники по 40 000 денари. Докторите спасуваат човечки животи, а директорите обезбедуваат гласови на избори. Долгови до гуша, лекови нема, листи на чекање за операции. Нема редовно греење во болниците, неквалитетна храна за пациентите, да не зборуваме за искината постелнина, влечки, пижами.

Операции се одлагаат заради недостиг на оперативен материјал. Нема реагенси за компјутерски снимања. Нема реагенси за лабораториски анализи. Пациентите во болница си купуваат лекови. Нема антибиотици, лекови за болка нема ни таблети Аспирин и Парацетамол. А да не зборуваме за цитостатици. Има прекин во редовно снабдување. Долги листи на чекање за терапија со зрачење. Долго најавуваните акцелератори во Битола и Штип никако да почнат со работа. Сечете ленти на болници кои немаат технички прием. Еве болницата во Козле која не прима пациенти, а со премиерот ја пуштивте во работа пред камери. Ова беше за да покажете пред јавноста дека нешто работите . ПЕТ скенот купен , стои нераспакуван, застарува и ја губи својата вредност. Скен купен за милиони евра собрани од граѓаните Без усул и срам ги трошите парите собрани од народот. Долговите на ЈЗУ достигнаа 60 милиони евра, а обврските на ЈЗУ 80- милиони евра.

Требаше да си заминете кога го уништивте Стоматолошкиот клинички центар. Тоа беше Врвна институција на Балканот, со најсовремена опрема, конкуретна на европски центри, Вие ја доведовте на работ на опстанок. Со месеци нема материјал за работа, нема опремена дежурна служба.

Требаше да си одите и поради криминалните тендери. Последниот од нив е ТЕНДЕР БИОТЕК за биохемиски тестови. Тендер вреден цели 7 милиони евра со кој набавувате тестови за биохемиски лаборатории за 3 години со принудување на 56 ЈЗУ да купат и анализатори независно од потребите. Анализатор кој изработува 600-800 анализи на час , а кај нас на ден се прават до 200 анализи на една клиника. Цените на реагенсите се двоструко и троструко повисоки. Да не зборуваме за апаратите. Значи свесно и со принуда ги терате ЈЗУ во долгови. Вака обезбедувате пари за следните избори, скриени зад здравството. На маката на граѓаните собирате пари за купување гласови.

Требаше да си заминете и по промашениот проект ЕЛЕКТРОНСКА КАРТИЧКА . Првично беше планирана да ја плати министерството, за да на крај ја платат граѓаните по 250 денари од својот џеб. 8 милиони евра собравте од граѓаните за неа. И сеуште има граѓани кои не ја добиле. Од планирани 1 800 000 осигуреници не ја добиле 150 000 осигуреници. Ако ја изгубат повторно треба да платат по 150 денари. Нејзината важност е 5 години што значи пак ќе земате пари од граѓаните. И не е функционална како што беше планирано. Наместо досие на пациентот со сите податоци за неговото здравје денес таа служи како доказ за платени придонеси за здравство и ништо повеќе.

Престанавте да ја доставувате до пациентите и ги малтретирате секој месец да одат во Фондот по сини картони. Кажете пред македонската јавност каде застанаа работите. Ја криете судската пресуда од 2015год.во корист на Хрватската фирма за ИЗИС за неплатени фактури во износ од 36 милиони денари плус камата. Молчи министерството за здравство, молчи Фондот. Ги собравте парите од народот и не го завршивте проектот.

Требаше да си одите зашто пропадна тендерот за реновирање на УК за хируршки болести Св Наум Охридски во Скопје. Недозволиво е во 21 век оперирани пациенти од пластична хирургија на раце да се носат од трети на втори кат во болничките соби. Колку пари се потошеивте за барок, а нема за лифт за оперирани пациенти. Доволно беше да се откажете од лед теливизорите од милион евра и ќе имаше лифт.

Требаше да си заминете и поради криминалниот тендер за концесии за дијализа. И овде тесните врски на фамилијата беа одлучувачки. Концесијата ја доби првиот кум на Груевски. Еден систем кој добро функционираше го срушивте. Закупот на простории е по минимална цена пример во Струга за 200 евра се користат простории од 600 м2. 2,5 евра за метар квадратен.Тоа е помалку од закуп за магацински простор. Цената на една дијализа се зголеми од 75 на 90 евра што помножено со број на пациени дава профит на годишно ниво од 3,4 милиони евра. За дваесет години профит од 70 милиони евра. Дијализата ја водат лица со кратка обука. Потврда за ова е зголемена смртност за 10%. Ова говори за кавалитетот и Вашата одговорност. На приватните концесионери редовно им исплаќате, а кога дијализните центри беа под јавно здравство немаше пари. Пола милијарда евра за концесии за дијализа . Склучениот договор за дијализа е за 20 години и не смее да се раскине поради високи казнени поени кои претворени во пари се неверојатни 90 милиони евра.
Ги обезбедивте Вашите пријатели со сигурен профит на штета на дијализните пациенти. При раскин на договорот надлежен е суд во Париз.
.

Требаше да си заминете и поради најнебулозниот проект во здравството МОЈ ТЕРМИН. Со него го претворивте здравството во производствена хала каде се бара само број ,ама не квалитет. Никого не консултиравте за должината на термините: ниту ЛКМ, ниту МЛД, не направивте ниту јавна расправа. Стигнавте до 15 минутии за термин и кај очен лекар и кај интернист, и кај хирург. Каков може да биде квалитетот на еден интернист ако дневно прегледува повеќе од 40 пациенти. НИКАКОВ со овој концепт на работа. ДОКТОРОТ ГЛЕДАШЕ ВО КОМПЈУТЕРОТ;А НЕ ВО МЕНЕ-коментираат пациентите. Докторите повеќе се административци од колку практичари. Листите на чекање се зголемија.Терцијалното здравство не се растерети.

Требаше да си заминете и поради промашениот проект за дефибрилатори за фирмите со повеќе од 100 вработени. 100 милиони евра за фирмата што ги набави. Апаратите не се користат,а провизиите од тендерот ги зедовте. За набавката на опрема за Рентген институт преку Визарис на Ивона Талеска во износ од 1,2 милиони евра. За тендерот за медицинска опрема во ЈЗУ, со двојно повисоки цени од реалните се разбира за поголема провизија. Купено 4 Д ехо за гинекологија по цена од 100 000 евра а редовна е 40 000. Државниот ревизор во својот извештај многу јасно кажува дека не се става во функција на време, дека стои нераспакувана со поминат гарантен рок, нема стручен кадар кој ќе работи со неа. Неискористена и покрај сите едукации во странство..

Но Вас ве интересира само едно. Како што подолго да останете на власт. Партизирано здравство по сите нивоа. Непотизам и партиски привилегии почнувајќи од Вашето најтесно семејство.( Кедева-Петрова од 8 ми септември).

Требаше да си одите поради рушење на јавното здравство. Голем дел на операции се вршат во приватно здравство. Пари собрани од граѓаните завршуваат во приватни клиники. Граѓаните плаќаат двојно: за придонеси и за лекување. Никаде во светот не се руши јавното на сметка на приватното здравство. 760 илјади евра одат во приватни болници за ласер фотокоагулација на очи, а 6 ласери во јавно здравство не се користат. Операции на леќи во јавно здравство се на листи на чекање по 6-9 месеци, прегледи на штитната жлезда повеќе од 1 година па пациентите одат на приватно.Неквалитетни материјали. Донации на леќи со сомнителен квалитет. Нема трансплантации на рожница. Нема трансплантации на бубрези 6 месеци. Од планирани 70 досега направени се само 12..Ортопедски импланти со слаб квалитет. Брза помош со намален број на екипи.

Требаше да си заминете и поради лошо планирање на кадри во здравството. Незамисливо е во 21 век жените да немаат достапност до гинеколог. Зборувам за 8000 жени во репродуктивен период во Шутка и за жениите од Бутел. Умираат роидлики заради системски пропусти. САМО 128 гинеколози работаат во јавно здравство. Во Штип доаѓа очен доктор од Бугарија кој работи без лиценца, веќе со години. На кој начин се плаќа и зошто знаете само Вие. Стручните кадри, професори, едукатори за специјализанти и субспецијализанти бегаат од јавното здравство.

Недостигаат анестезиолози, неонатолози, педијатри, гинеколози, хирурзи. Лошо планирани специјализации. Со 30 000 денари плата специјалистите нема да останат во јавно здравство. Или докторите на клиники за 40 000 денари. Плаќањето по успешност ги намали платите на докторите , го зголеми незадоволството и ги влоши меѓучовечките односи. И кога решија да штрајкуваат за овие состојби вие им спротивставивте конташтрајкувачи. Состојба без логика. Ги свртивте вашите партиски војници со бели мантили против колегите кои бараа повисоки плати. Ова го нема никаде во нормален свет. Но ние сме држава со забегана и корумпирана влада. Згазено им е достоинството, понижени се и како врв на се во нив се пука. Се пука во доктор на работно место. Се пука во доктор кој спасува живот.Тоа едноставно не смее да се случи. Покрај целото партиски вработено обезбедување се внесува оружје во клиники на сред бел ден, покрај лицата од информативните пултови.

Е затоа 700 доктори од 2010 год. побараа потврда од лекарска комора да си заминат во странство. Еден доктор ја чини Македонија 100 000 евра .70 милиони евра се изгубени со заминување на докторите од земјата. Младите дипломирани доктори поради неможност од вработување заминуваат исто така. Младите специјализанти ги експлоатирате, уценувате со невозможни договори, со полагања пред камери и пренос на испитот во живо. Ги уценувате да одработат двојно повеќе од траење на специјализација, а ако си заминат од јавно здравство да платат петострук износ од вредноста на истата. Недостигаат доктори од сите профили. Се затварат болнички одделенија зашто нема кадри. Ги сведовте на амбуланти. Болничките згради не го прават здравството. Носители на дејноста се докторите, а тие си заминуваат.

Требаше да си одите поради ефтините лекови по цена на здравјето. Наместо квалитетни генерички лекови Македонија ја претворивте во депонија на лекови со сомнително потекло. Не кажавте пред македонската јавност зошто беа запленети лекови за ХИВ во царина. Не кажавте каде отидоа милион евра од набавка на Гливек. Основен критериум мора да е квалитетот, а не цена. Овде се работи за најскапото нешто, за човечки живот. Овде не смее да се импровизирира, грешките се непоправливи. Но во Вашето реформирано здравство квлитетот е основен услов за реклами. Реклами за повеќедетно семејство, морбидната реклама за абортус за која се потрошени неверојтни 3 милиони евра, 450 илјади евра за реклама за користење лекови и многу други. Е за ова не штедите, овде директно на ваши агенции давате пари и се рекламирате.

Требаше да си одите затоа што предизвикавте Инслулинска криза која продолжува и понатаму. Две години вршите притисок врз докторите за да ги префрлаат пациенетите од инсулински аналози на хумани инсулини, воведовте програма со која се брои секоја единица инсулин на пациентот. На пациентите им недостигаат цели пенкала инсулин. Ги намаливте испораките на инсулински аналози до аптеките за да на крај ги принудувате лекарите да препишуваат инсулите што ги има на залиха во болничките аптеки. Вака го загрозувате животот на 36 230 пациенти на инсулинска терапија.

Вие како правник не знаете дека од лоша регулација на крвниот шеќер компликациите се погубни:срцев инфаркт, мозочен удар, дијализа, слепило.

Посетете го Заводот за рехабилитација Козле и видете ги последиците од Вашите одлуки . Зголемен е бројот на лица со ампутирани нозе како компликација од дијабет. Ама за Вас е поевтино поголема инвалидност, предвремен пензионирање, пихички трауми за пациентите и семејствата. Ова е вашата медицина базирана на докази. Еве за ова Ви зборувам кога велам здравјето нема цена. Ќе Ве прашам уште еднаш можете ли уште луѓе да носите на совест.

Одговорот го знам. Не сте свесни за политичката одговрност што ја носите. Не сте свесни ни за сите системските пропусти што ги правите во секторот со кој раководите. Не сте свесни за промашувањата, неуспешните реформи кои веќе резултираа со изгубени човечки животи. Мислите дека се доволни Вашите ветувања од типот:повисоки плати на докторите во јавното здравство, зголемен капитационен бод на матичните лекари и стоматолози, легализација на марихуаната, селективно кофинансирање на приватните специјализанти или дополнителна работа за специјалистите. Овој пат не Ве спасува ни сечењето ленти на болници пред камери., болници кои немаат ни технички прием.

Покажете дека сте човек од крв и месо кој е свесен за грешките. ДОСТА БЕШЕ! Покажете доблест и одете си од министерската позиција во здравството!

Последни вести