Филипче: Мора да кажеме НЕ, време е да се крене гласот на народот!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ги повика граѓаните јасно да се спротивстават на антидржавното и антинационално однесување на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со прашањето за мигрантите.

„Мислам дека мора да кажеме одлучно не. Време е да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не подржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на патриотската така наречена влада на ВМРО ДПМНЕ.“, рече Филипче.

Тој предупреди и на искуствата од Европа, а европската статистика покажува дека со лошо спроведени политики на интеграција на мигранти се случуваат големи проблеми во државите и во општествата каде што тие доаѓаат.
„Насилства, криминал, немири, тепачки. Дури и многу поразвиени земји од Македонија имаат голем проблем со мигрантите. Германија, Британија, Шведска тешко се справуваат со овој проблем и тоа го гледаме низ медиумите изминатите неколку години. И самата Британија има проблеми со мигрантите и тоа веќе трае предолго време. Кога овие развиени земји тешко се справуваат, како ли само ние ќе се справиме со овој проблем во нашата земја кога имаме нефункционални институции.“, потенцираше Филипче.

Тој нагласи дека цената на ваквите политики би била висока и повика граѓаните да се вклучат за зачувување на безбедноста на земјата.

„Дали е ова, цената што треба да се плати за да се добие кредит од 6 милијарди евра, кои што ќе ги плаќаат многу следни генерации, следните децении, за да ова влада тие пари ги потроши на договори во четири очи. Не смееме да дозволиме насилно внесување на мигранти во нашата земја. Ги повикувам сите граѓани, помогнете да ја зачуваме нашата татковина. Помогнете да ја зачуваме безбедноста и иднината на Македонија.“, истакна Филипче.