Соопштение за јавност
Премиерот Христијан Мицкоски под превезот на лаги го крие проектот „Мигранти за пари“ кој сака да го протне кај граѓаните пред изборите кои ги планира на пролет, обвини денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче. Филипче на денешната пес конференција предупреди дека власта не сака да ја потпише Резолуцијата против мигранти, чекајќи ги изборите за потоа да ги смести во станови и да им даде вработување.
„Избори се планирани за пролет, и по моделот на Вучиќ е „ќе има литиум, нема да има, сепак ќе има“ по изборите, Мицкоски сега со истата техника сака да го протне проектот „Мигранти за пари“. Сака да му замачка очи на народот да го изврши ова страшно дело, за по изборите да си добие уште четири години власт, за да има време да ги избрише трагите на една од најголемите измами што граѓаните на Македонија ја доживеале во својата историја“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче јасно кажа дека премиерот не сака да им даде гаранција на граѓаните на Македонија затоа што не може. Затоа што Мицкоски се обврзал да прими мигранти како дел од пакет договорот за кредит со Велика Британија.
Претседателот Филипче и СДСМ вчера отворија и петиција за одбрана на Македонија и притоа ги повика пратениците и членовите на владејачката партија и сите граѓани да ја поддржат со цел да се одржи стабилноста, иднината и безбедноста на граѓаните.



