Соопштение за јавност
„Фирма со само тројца вработени за период од 2 месеци добива тендери од Владата на Христијан Мицкоски од 74 милиони денари или 1,2 милиони евра. Милионски суми, мал број на вработени, фаворити за тендери од власта на ДПМНЕ. Овие факти отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми како во досегашните објавени бомби“, посочи портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, објавувајќи ја новата бомба за новиот скандал, врзан за нови сомнителни милионски тендери.
Станува збор за фирмата Сигмоид Гроуп ДООЕЛ Скопје, формирана пред само две години, која во краток рок добила сериозни државни договори.
„И како и во првата бомба, повторно станува збор за IT опрема. Па како е ова можно? Која е близината? Дали причината за тоа е близината на сопственикот на фирмата, извесен Ј. Јанкуловски, кој дипломирал на Машинскиот факултет, токму на насоката мехатроника и роботика, каде што е Христијан Мицкоски професор? Ова ли е клучот за вретење милионски тендери од власта на ДПМНЕ? Близината со Мицкоски?“, потенцираше Кузеска.


