Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со новинарите остро ја критикуваше актуелната власт за, како што рече, целосна насоченост кон тендери и грижа исклучиво за сопствените интереси, наместо за потребите на граѓаните.
„Што прави власта во меѓувреме? Се грижи само за своите луѓе. Видовме примери 161 тендер доделени на една компанија, во вредност од 5,3 милиони евра. Друга компанија добила договори во износ од 9 милиони евра, само двајца вработени. Ова се бројки што јасно говорат за начинот на којшто функционира оваа власт“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ваквите случаи не се изолирани и дека секојдневно излегуваат на виделина нови информации за сомнителни јавни набавки и злоупотреба на институциите.
Филипче истакна дека платформата на СДСМ Истражувачкиот центар за коруптивни операции (MICKO.mk) која неодамна беше отворена, секојдневно прима стотици документи и пријави од граѓани, вработени во јавни институции, како и од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сите ќе ги објави.
„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара “, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


