Соопштение за јавност
Системот е заробен, има силна партизација на институциите, државата не е зрела за да се укине техничката влада и да се спроведат фер и демократски избори, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче укажа дека постои силен притисок на правосудните органи, институциите, медиумите.
„Укажавме и сметаме дека системот се контролира и во правосудството и во сите институции со силна партизација, исто како што се правеше во времето на Никола Груевски до 2016 година, односно општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори“, рече Филипче.
Тој предупреди на притисоци во правосудниот систем преку поставување на партиски луѓе на клучни позиции.
„Силен притисок на правосудните органи, поставување на свои луѓе на места за судии, обвинители. Чувства на премиерот кои што се јавно искажани на собраниска говорница во јавноста, не се ништо друго освен притисок кон правосудството и обиди за заплашување на опозицијата“, рече Филипче.
Притоа, Филипче укажа и на нетранспарентното функционирањет на безбедносниот систем Сејф Сити, и предупреди на можни злоупотреби на податоци.
„Укажавме дека не знаеме кој како го контролира системот Сејф Сити. Не знаеме каде одат илјадници информации и податоци кои што тој систем ги собира на дневна основа. Дали тоа можеби ќе се користи за следење на политичките непријатели, односно опозициските политички партии“, рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче нагласи дека медиумите се под силна контрола на власта, а причината за ваквото шверцерско укинување на техничката влада е поврзано и со падот на гласовите на ВМРО.
„Не е ништо сменето и во медиумите – силна контрола од Орбановата мрежа. Можеби и ова е дел од причината зошто се брза да се донесе овој закон сега кога во Унгарија се наоѓа, се најавува од страна новата влада ревизија на сите бизнис врски на поранешниот премиер Виктор Орбан. Силен пад на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ од 150.000 гласови. И тие релации кои што можеби бизнис релации ќе излегуваат на површина е причина да сега се брза и се носи оваа измена на Законот за Владата“, рече Филипче.


