Филипче: Силни се реакциите за Законот за минерални суровини, мора да се слушнат граѓаните

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција нагласи дека има силни реакции од јавноста во однос на Законот за минерални суровини и Законот за јавни приватни партнерства, особено од граѓанските организации кои работат во областа на заштита на животната средина. Филипче посочи дека голем број организации и граѓани реагираат на предложените решенија, укажуваат на потенцијални ризици по јавниот интерес и порача дека при носењето на овие законски решенија мора да се слушне гласот на граѓаните.

„Огромен број на реакции добивме од граѓански организации коишто се занимаваат и работат во сферата на заштита на животната околина, реакции од граѓани. Имено во законот за минерални суровини, за разлика од досега, кога беше потребно да има завршена експропријација на земјиштето, значи да бидат расчистени имотно правните односи на место каде што се прават истражувања и дополнително искористување на одредени рудни богатства, национални, сега се прави промена и е потребно наместо завршени процедури во врска со имотно правни односи, односно експропријација, таа експропријација само да биде иницирана“, рече Филипче.

Тој предупреди дека ваквите измени можат да доведат до сериозни последици за сопственоста на земјиште на граѓаните и отвораат простор за злоупотреби.

„Значи, нема да се знае чиво е земјиштето, какво е земјиштето, луѓе може да си загубат приватна земја, поради тоа што и сега се надоврзува, некој приватен партнер, во рамки на измената на законот за јавни приватни партнерства, ќе каже кој е стратешки интерес негов, не наш национален, и каква е нашата национална стратегија за утврдување на приоритетите и стратегиите во делот на рударството и тоа како вредните минерални суровини“, рече Филипче.

Притоа, Филипче потенцираше дека ваквите закони не смеат да се носат во скратена постапка и побара нивно повлекување и отворање широка јавна дебата.

„Овие два закони не може да одат во скратена постапка. Овие два закони мора да се повлечат и да се пуштат во редовна постапка и да се отвори јавна дебата, за да прво се слушнат граѓаните и нивното мислење“, рече Филипче.