Филипче: Мерката за ѓубривата е задоцнета, земјоделците веќе имаат голем проблем со кризата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Мерката на владата за ѓубривата е задоцнета, земјоделците веќе имаат голем проблем со кризата, посочи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање. Филипче посочи дека земјоделците се соочуваат со сериозни проблеми, а владата ги остави сами да се справуваат со кризата.

„Сметам дека оваа мерка, исто како и другите мерки што беа носени до сега, парцијална и недоволна. Затоа што за одредени култури, сеидбата у поѓубрувањето веќе е завршено. Значи да не се соочиме со уште поголем раст на цените на храната, имајќи предвид дека ова не е единствен трошок на земјоделците. Тие се соочени со многу сериозни проблеми, и ова е само еден сегмент од еден многу сложен мозаик, а владата ништо не направи да им помогне до сега“, рече Филипче.

Тој нагласи дека состојбата со ѓубривата е далеку посериозна поради глобалните случувања и нарушените пазари.

„Проблемот со ѓубривата е многу поголем од тоа што имаме увид. Одредени делови од светот не се опоравени од кризата која што започна со војната помеѓу Русија и Украина, затоа што тие две земји беа едни од најголемите производители на вештачки ѓубрива. Сега дополнително со војната во Иран. Значи многу сериозен проблем е. Десетици милиони жители, луѓе во афричките земји во Далечниот Исток, се соочуваат со глад. Сега дополнително, значи не се опоравени од почеток на војната во Украина, сега дополнително сериозен раст има, над 30% на цената на ѓубривата“, рече Филипче.

Воедно, Филипче укажа дека сегашната криза е само дополнителен удар врз земјоделците, ако се земат предвид и другите проблеми што ги имаат, како намалени субвенции, доцнење на исплата, укинати мерки.

„Се намалија субвенциите за земјоделците од Националната програма за субвенции. Се изгубија парите преку ИПАРД програмата, затоа што ги фатија како крадат. Европа рече за вас нема европски пари. Нема субвенција за зелена нафта. Нема авансна исплата на субвенциите. Луѓето што правеа кога ние во наше време владата на СДСМ авансно ги даваше субвенциите, однапред купуваа и планираа и ѓубрива и семиња и се. Нема никакви поволности во однос на регистрацијата на земјоделските машини. Треба да ги регистрираат секоја сезона сите. Има луѓе што не може тоа да го направат, имаат по пет, шест земјоделски машини, не може финансиски да го издржат тоа. Пораснати се цените, на водата, после на ѓубривата и на работната рака“, рече Филипче.