Цветков: Владата ги остави граѓаните да плаќаат скапа храна, СДСМ бара итно укинување на ДДВ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеничката група на СДСМ ги предложи законски измени со кои основните прехранбени производи би се ослободиле од данок на додадена вредност, со цел да се намали товарот врз граѓаните во услови на континуиран раст на цените и синдикалната минимална кошница.

Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, посочи дека трошоците за живот продолжуваат да растат, при што синдикалната минимална кошница за април 2026 година изнесува 68.797 денари, наспроти март кога изнесувала 67.818 денари, што претставува зголемување од речиси 1.000 денари за само еден месец.

„Зголемувањето на вредноста на синдикалната минимална кошница за четири месеци – јануари, февруари, март и април, изнесува речиси 3.500 денари. Трошоците повторно забрзуваат наместо да се стабилизираат, а трендот на поскапување не само што продолжува туку и се засилува“, рече Цветков.

Тој нагласи дека најголемиот удар од растот на цените го чувствуваат граѓаните преку прехранбените производи, кои претставуваат најголем дел од месечните трошоци на едно домаќинство.

„Просечен работник троши над две третини од својата плата за храна, односно најголемиот дел од приходите одат за основна исхрана, леб, месо, млечни производи. Ова директно го погодува секојдневниот живот на граѓаните. Во развиените земји за храна се одделуваат 10 до 20% од вкупниот приход на едно семејство, додека во Македонија се одделуваат 30 до 70%, зависно од приходите на семејството. Ова е класичен знак дека имаме низок животен стандард и високи цени на основните производи за живот, потенцираше Цветков.

Пратеничката група на СДСМ предложи изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност, со која се предвидува ослободување од ДДВ за основните прехранбени производи.
„Со предложените измени се предвидува основните прехранбени производи да бидат ослободени од плаќање ДДВ врз прометот и увозот, а Владата да ги утврди поблиските категории на добра и услуги кои спаѓаат во оваа група“, појасни Цветков.

Тој додаде дека со ова решение се очекува поевтина храна, олеснување за посиромашните категории граѓани, намалување на инфлациските притисоци и подобрување на потрошувачката кошница.